Комплекс станбени кули кај ”Млечен”
05.10.2026 • Фотографија ХХ век / II половина
Објект: Градски комплекс на станбени кули ( познат како Млечен)
Автори: Олга Папеш, Лилјана Ристевска
Година на проектирање: 1980
Година на изведба: 1982-1988
Изведувач: ООЗТ/ градилиште на РГО „Бетон”– Скопје
Локација: помеѓу ул. ”Анкарска” и ул.”Атинска”,
покрај бул. ”Митрополит Теодосиј Гологанов”, Општина Карпош, Скопје
Фотографија: Борис Јурмовски, 2026
Сместено помеѓу стара „Алумина“ и стара „Треска“, платото кај „Млечен“ претставува мало, препознатливо урбано јадро — плоштад-плато опкружено со комплекс од четири станбени кули.
Комплексот е составен од згради со различна катност — П+9+поткровје и П+7+поткровје, поставени така што го дефинираат централниот јавен простор и создаваат спој помеѓу станбениот и јавниот живот на платото.
Интересно е и решението на гаражирањето и двонаменското засолниште, кои се организирани подземно, под средишниот дел на комплексот. Над нив, просторот продолжува како пешачко плато — со клупи и зеленило, замислено како заеднички простор за жителите.
Во приземните нивоа се сместени простории со трговска и услужна намена, додека останатите катови се организирани како станбена зона. Така, приземјето го активира просторот кон платото, а станбените единици се повлекуваат во вертикала.
Автор на статија: Boris Jurmovski







