Станбени кули „Стар Аеродром“ – Томовски, Лагудин, Муратовски, Банчатовски, Ладинска, Апостоловски

Архитекти: Драган Томовски, Никола Лагудин, Кирил Муратовски, Атанас Банчотовски, Василка Ладинска, Симеон Апостоловски

Година: 1974-1975

Локација: ул. „Методија Шатаров- Шарло“

Фотографии: Ива Поповска

 

 

Во урбанистичкиот план за Населбата Аеродром од 1974,  покрај затворениот систем на станбени блокови се воочува и развиен систем на кули, најчесто по две или три во пакет, проектирани и реализрани како една целина.  Во хоризонталната матрица на станбени блокови со пониска катност, слободно поставени со значителни зелени површини, се вметнати станбените кули како вертикални акценти низ населбата. Нивната распределба ја следи истата логика, при што секоја група кули опслужува одреден микрореон. Овие висококатници функционираат како просторни репери и ориентациски точки, видливи од поголеми дистанци, особено во однос на отворените визури кон реката и главните булевари.

 

-Мапа од Аеродром со урбани целини од три висококатници –

 

Планот за Аеродром не е целосно реализиран, па така во северозападниот дел од населбата помеѓу булеварите Јане Сандански и Трета Македонска Бригада остануваат сегменти од помошните населби поставени после земјотресот како и остатоци од станбената индустриска населба Мичурин. Во овој дел од населбата познат меѓу жителите и како „Стар Аеродром“ се наоѓаат три станбени кули од претходно споменатите реонски вертикали. Поставени се во правец на матрицата по која се развива целата населба, северо-запад, југо-исток на вкрстување на денешните сообраќајници Методија Шатаров Шарло и Милан Зечар.

 

-Опфат на станбените кули-

 

Нивната диспозиција овозможува формирање на јавен простор помеѓу објектите, составен од пешачки патеки, зеленило како и детски игралишта. Јужно и северно на опфатот се наоѓаат отворени паркинзи кои ги опслужуваат сите три висококатници.  Поставеноста на кулите овозможува непречена изложеност на природна светлина на сите станбени единици во кулите, како и визуелна експозиција, при што кулите претставуваат вертикални репери во просторот, видливи од сите околни сообраќајници, а сепак не доминантни над околината со својата висина.

 

 

Во основа висококатниците се решени како комплексна, разгранета шема со централно комуникациско јадро, околу кое се организирани по четири станбените единици. Асиметричната композиција со испусти и вовлекувања во основа овозможува оптимална ориентација на становите, нивно повеќестрано осветлување, како и јасно диференцирање помеѓу зоните за дневен боравок и спалните.

 

-Карактеристична основа на кула-

 

Испустите во основата директно кореспондираат со позицијата на балконите креирајќи доследна врска помеѓу внатрешната функционална логика и надворешната морфологија на објектот. Позицијата на балконите се менува по висина, на одредени катни интервали, со што се создава динамична фасадна композиција, различна кај секоја кула. Материјализацијата која е комбинација од армиран бетон и различен тип на префабрикувани панели, ја потенцираат масивноста и монолитноста на волуменот. Панелите со издлабени вертикални канелури се јавуваат како доминантен декоративен мотив кој се провлекува по целата висина на објектот и дополнително ја издолжуваат неговата визуелна силуета.

 

 

Секоја од висококатниците располага со активно приземје, кое е во директнен контакт со јавниот простор и зеленилото помеѓу објектите. Влезовите се повлечени со што се креираат двовисински влезни тремови. Бетонските столбови на влезовите ја следат конструктивната логика на објектот но истовремено служат и за визуелно врамување на погледите кон јавниот простор и останатите кули.

 

-Поглед кон влез на станбена кула бр.12-

 

-Приземје на станбена кула бр.12-

 

-Поглед низ трем на станбена кула бр.12-

 

Денес трите кули во таканаречниот „Стар Аеродром“ стојат како контра тежа на густо изградениот нов урбанизам во населбата и не потсеќаат како треба да изгледа една урбана целина, со отворени зелени површини, јавен простор помеѓу објектите и безбедни пешачки патеки. Квалитети кои се значително изгубени со изградба на новите станбени објекти околу кулите.

 

 

 

Фотогалерија

 

 

 

 

 

Извори:

Архитектурата на почвата на Македонија, од средината на XIX до крајот на XX век – акад. Георги Старделов, акад. Крум Томовски, проф. д-р Михаил Токарев, 2006

Скопските Вертикали–  д-р Јован Ивановски, д-р Ана Ивановска Дескова и д.и.а Владимир Десков, 2018

 

 

Соработник: Ива Поповска