Портирница ХЕЦ „Вруток“ – Скулптурален футуризам во бетон

Година: 1970?

Автори: Никола Просњаков

Локација: с.Вруток, Гостивар

Индустриската и инфраструктурната архитектура во Македонија, особено во ерата на повоениот социјалистички модернизам, претставува специфичен општествено-просторен феномен кој сè уште чека на својата целосна теоретска и критичка валоризација. Хидроенергетските системи изградени во Македонија во втората половина на XX век претставуваат можеби најекстремниот пример за радикална, но истовремено исклучителна просторна трансформација. Македонските архитекти и инженери од тој период се соочиле со задача да проектираат монументални структури во недопрени природни предели, каде секоја интервенција значела трајно менување на топографијата, речните текови и планинските масиви. Токму во категоријата на акумулациони хидросистеми, Мавровскиот комплекс се издвојува како најкомплексен градежен зафат во своето време. Хидроелектричната централа „Вруток“ официјално била пуштена во употреба на 27 мај 1957 година. Сместена во подножјето на Шар Планина, во непосредна близина на изворот на реката Вардар.

 

Хидроелектраната и портирницата во поширок контекст

 

Влезната портирница на ХЕЦ „Вруток“ е архитектонско дело во мал размер кое целосно ги напушта традиционалните функционални форми на социјлистички реализам, еволуирајќи во чист и експресивен модернизам кој има ретро-футуристички карактер. Како прв контакт со комплексот, овој објект не функционира само како обична бариера, туку како скулптурална најава за моќта на технологијаа која се наоѓа зад него.

 

Примарниот архитектонски израз лежи во флуидната геометрија на натур-бетонот. Наместо класичен четириаголен волумен, портирницата е конципирана преку заоблени линии кои асоцираат на аеродинамични форми кои можеби се инспирација од флуидноста на водата, што е симболична врска со функцијата на комплексот. Најистакнатиот елемент е монументалната настрешница изведена како тенка и конзолно издолжена која пркоси на гравитацијата и создава чувство на лебдење. Овој елемент е конструктивно поддржан со специфични бетонски лакови и затеги на покривот кои ја нагласуваат тектониката и инженерската храброст.

 

Кабината на портирницата е интегрирана во оваа бетонска лушпа како капсула со заоблени агли. Големите стаклени површини ја следат заоблената линија на рамката и овозможуваат максимална визуелна транспарентност, олеснувајќи ја масивноста на бетонот. Странично на бетонските крила има специфични кружни отвори кои се дополнителни пластични и визуелни акценти, прошуштајќи ја светлината и пејзажот низ самиот објект.

Иако архитектот на ова мало архитектонско дело ретко се споменува, јасно е дека станува збор за вонредно вешт автор кој го применил концептот на тотален дизајн. Оваа портирница е доказ дека во златната ера на македонското градителство, дури и најмалиот инфраструктурен детал бил предмет на врвна архитектонска промисла и уметничка храброст.

 

 

 

Автор на статија:

/