Комплекс за времено сместување покрај Езеро Треска / Дериволска

Година на проектирање: 2022 година

Автор: Нона Дериволска

Локација: Непосредно до Спортско рекреативен Центар Езеро Треска

Површина: 90 000 м2

 

Магистерски труд

Тема: ХЕТЕРОГЕН КОМПЛЕКС ЗА ВРЕМЕНО СМЕСТУВАЊЕ СО СПОРТСКО РЕКРЕАТИВНИ И УСЛУЖНИ СОДРЖИНИ, ПОКРАЈ СПОРТСКО РЕКРЕАТИВЕН ЦЕНТАР – ЕЗЕРО ТРЕСКА НА М.В. ЛИВАДА, КО ГЛУМОВО, КО ШИШЕВО, ОПШТИНА САРАЈ-СКОПЈЕ

Ментор: Проф. д-р Вангел Дуновски

Универзитет: МИТ Универзитет – Факултет за архитектура

 

Со изработката на овој магистерски труд, чија тема го поддржува планирањето и проектирањето на викенд населба за времено сместување со придружни спортско-рекреативни содржини, на предметниот простор, првенствено се оформува зона со викенд населба и пропратни комерцијални и спортско-рекреативни содржини, кои создаваат услови за ревитализација и проширување на постојниот, но денес неупотреблив Спортско рекреативниот центар Треска, кој пред неколку децении важел за најпосетена дестинација во Скопје.

Сето тоа, би било поттик за реализација на сите предвидени содржини од важечкиот Урбанистички план за вон населено место – УПВНМ.

 

 

Тоа значи, да се создаде простор кој ќе нуди квалитетни природни карактеристики, но и новонастанати вредности. Би се ставило во повторна употреба самото Езеро Треска, кое покрај пливање, може да понуди и неколку видови водени спортови.

Со реализирањето на овој проект и ставање во функција, покрај горенаведените придобивки, ќе се даде акцент и на развојот на самата Општина Сарај, како и на Градот Скопје.

Како реперна точка за моделирање е земена формата на вештачкото езеро Треска, како и формата на коритото на истоимената река. Со самото земање во предвид на историските вредности на ова место и додавањето на нови, ефикасни, естетски материјали, форми и елементи со современи карактеристики, се дава нов дух кој значи оживување на нешто вредно, создавање на нешто примамливо и амбициозно.

 

 

Избраната локација, која е предмет на обработка на овој труд е со површина од 90.000м2. Согласно важечката документација – УПВНМ СРЦ Треска, истата, плански е поделена на два скоро идеални делови за обработка. За првиот дел важат урбанистичките параметри кои се наведени во посебните услови, а за вториот дел, согласно Условите за планирање-поради заштитетоното подрачје во кое спаѓа, се забранува секаков вид на широк ископ, изградба на објекти, испуштање на отпадни води. Поради тоа, првиот дел од парцелата е разработен со идеен проект, додека вториот дел е решен како рекреативен центар на отворено.

 

 

Самата форма на парцелата и карактеристиките кои ги нуди (начин на осончување, ружа на ветрови, диспозиција на река, поставеност и нивелација на терен) на некој начин го дефинира организирањето на конечните градежни парцели со предвидена класа на намена А4-времено сместување. За да се запазат сите Законски и подзаконски нормативи, но и да се постигне квалитетно архитектонско обликување истовремено, се испланирани вкупно 31 објект. Од нив, еден е мотел, два се услужни објекти (две кафетерии и две продавници: за бели пецива и за млечни производи), 11 бунгалови и 17 приватни вили.

 

Врз диспозицијата на објектите, најголемо влијание има теренот кој е 1% во пад и поделбата на движење на сопственици, гости и посетители. Затоа, мотелот кој е проектиран за гости и посетители е предвиден веднаш до јавниот паркинг и во непосредна близина на адреналинскиот парк кој е предвиден во вториот дел од предметната парцела. Во негова близина се планирани и услужните објекти (продавници и кафетерии).

 

Услужни објекти

 

Веднаш до нив се предвидени и бунгаловите кои служат за сместување на гости под наем. Приватните вили планирано е да бидат позиционирани во најмирниот дел од парцелата, во северо-западниот дел веднаш до Река Треска.

Бунгалови

 

Вила Тип А

Вила Тип Б

 

Во парцелата се пристапува единствено од сервисна улица преку коритото на Река Треска, која е предвидена согласно важечкиот УПВНМ, што на некој начин ја зголемува безбедноста преку регулирање на влез и излез од комплексот. Движењето во парцелата е решено со станбена улица која ќе ги опслужува сите приватни вили, бунгалови, услужни објекти и мотелот. Низ целиот комплекс, вклучувајќи го и адреналинскиот парк, како и покрај коритото на Река Треска, се предвидени велосипедски и пешачки патеки и целокупна урбана опрема за непречено функционирање на сите содржини (клупи, канделабри, корпи за отпадоци) меѓу што и летниковци за поголема можност за дружење и престој на отворено.

 

 

Источно од мотелот предвидени се и две игралишта на отворено, кои заедно со адреналинскиот парк и јавното урбано зеленило, придонесуваат за исполнување на втората намена предвидена во овој комплекс, а тоа е спортот и рекреацијата. Во однос на паркирањето на возила, паркирањето кај приватните вили е предвидено во сопствената парцела, а останатите содржини ги опслужува јавен паркинг кој е предвиден на влезот на комплексот и содржи 57 паркинзи за леки коли, 2 паркинг места за инвалидизирани лица, 2 паркинг места за електрични автомобили пропратени со наткриен паркинг за велосипеди. Дополнителни 9 паркинг места се предвидени пред објектите од комерцијален и услужен карактер, од каде е поставен и пристапот за дотур на роба за мотелот и услужните и комерцијалните објекти.

 

 

На вториот дел од комплексот е предвиден, така наречен адреналински парк со повеќе содржини. Како и во првата половина од комплексот, така и во оваа, дадено е големо значење на зачувување на шумскиот фонд и инкорпорирање прифатливи и соодветни содржини во затекнатата состојба, без обемни интервенции на терен. Велосипедските и пешачките патеки е предвидено да се поставени низ цела предметна површина. Најатрактивни се адреналинските елементи инсталирани, на и помеѓу постојните дрвја, кои се состојат од висечки мостови, куќички на дрво, јажиња за искачување, детски забавни елементи, висечки мрежи за движење и одмор. Просторот е потребно да биде надополнет со голем број на летниковци и урбана опрема. Најинтересен и уникатен елемент ќе претставува рекреативната алпинистичка карпа, која ќе биде  приспособена за почетници и љубители на адреналин, кои не се обучени професионално да се занимаваат со тој спорт, за што предвидено е да има вработено стручни лица, за на корисниците да им овозможат безбедно користење на истата. Идејата да се вметне ваков елемент е произлезена од близината на кањонот Матка, каде алпинизмот се спроведува на професионално ниво.

 

 

Најголемиот објект во целиот комплекс-мотелот, предвидено е да биде на најрепрезентативната позиција во однос на сите останати објекти. Тоа е право пропорционално и со фрекфентноста на посетители кои ќе го посетуваат. Неговата местоположба треба да игра клучна улога на одделување и поврзување на мирниот од бучниот дел од локацијата. Тоа значи дека тој ќе ја претставува границата помеѓу мирниот времен престој во приватните вили и бунгаловите и бучните активности на спортските терени и во адреналинскиот парк.

Основа на приземје – мотел

 

 

 

 

 

 

Основа на кат – мотел

 

Објектот има предвидена кружна форма, која во средината формира атриум. Оваа кружна форма е инспирирана и произлегува од облите линии на Езерото Треска, кое е во непосредна близина на комплексот. Концептот пак, на оформување се базира врз основа на карактеристиките на Куршумли Ан. Постоењето на две нивоа, оформениот атриум со централно поставена фонтана, распоредот на видови на содржини по нивоа, отворениот трем, се обележјата кои се присутни во мотелот, а се инспирирани од Куршумли Ан.

 

 

Формите на останатите објекти во комплексот се кубусни, со простории организирани на едно или две нивоа, со што и се спротивставуваат на формата на мотелот и формираат рамнотежа во просторот.

Заедничко за сите објекти, а особено мотелот, е тоа што нивното обликување и материјализација е инспирирано пред се од природата. Нејзините бои, тонови, текстури, форми и облици се превземени од блиската околина. Како најзначајна референтна точка земено е Езерото Треска, бетонот од кој е изградено и формата по која е препознатливо. Така, на фасадата на објектите ќе биде пресликана и ќе доминира сивата боја на бетонот од коритото на езерото, дрвените текстури од дрвната маса која ја има во изобилство и каменот како најмалку застапен материјал. Одблесокот од водата од езерото и реката ќе биде вметнат во објектите преку стаклените површини, кои се поистоветуаат со водата преку својата транспарентност.  Транспарентноста, пак во објектите ќе вметне леснотија и поголема поврзаност на внатрешниот со надворешниот простор. Останатите вградени материјали кои не излегуваат на површина се употребени со цел да се постигне ефект на поголема енергетска ефикасност и да се намалат трошоците на самите објекти.

Конструктивниот систем кај сите објекти планирано е да биде армирано-бетонски скелетен систем, а надворешните ѕидови е предвидено да бидат изведени со полна тула. На крововите од сите објекти се предвидени фотоволтаични панели.

Греењето и ладењето во сите објекти ќе биде со фенкојлери, согласно важечката регулатива против загадувањето на амбиенталниот воздух и негова заштита.