Отворен конкурс за изработка на идеен проект за соларен полнач и паркинг на велосипеди

ОКТА АД – Скопје во соработка со Центарот за кариера при Универзитетот „ Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, објавуваат конкурс за изработка на идеен проект за фотоволтаичен паркинг за велосипеди и електрични тротинети, кој ќе предвидува систем за полнење на електронски уреди, како и дел за одмор и релаксација.

Избраниот проект ќе биде награден и изграден во рамки на кампусот на УКИМ, како донација од страна на ОКТА АД – Скопје, по повод 45 годишниот јубилеј на компанијата и во рамки на општествено одговорната платформа за безбедност во сообраќајот #ЈасВнимавам.

Наградниот фонт за избраниот проект кој го обезбедува ОКТА АД – Скопје изнесува: 62.000 денари, кои ќе бидат исплатени најдоцна до 40 дена по прогласувањето на победникот.

Овој отворен конкурс е наменет за студентите од следните факултети при УКИМ: Архитектонски факултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Градежен факултет и Машински факултет.

Пријавите за учество треба да се достават на мејл адреса на координаторот на Центарот за кариера на УКИМ за техничкиот кампус: radevski.aleksandar@arh.ukim.edu.mk, најдоцна до 12.04.2023 година.


ПРАВИЛА ЗА УЧЕСТВО

Секој пријавен студент, треба да биде државјанин на Република Северна Македонија, на возраст до 25 години, и со поднесување на пријава за учество се согласува со следните услови за учество на конкурсот:

  • Пријавувањето за учество на конкурсот треба да биде во тимови, составени од најмногу 4 члена. Членови на тимот може да бидат студенти од следните факултети: Архитектонски факултет, Факултет за електротехника и информациски технологии, Градежен факултет и  Машински факултет при УКИМ во Скопје
  • Членовите во тимот треба да се активни студенти на наведените факултети
  • ОКТА АД – Скопје има право јавно да го објави победничкиот проект
  • Тимот чиј проект ќе биде одбран и награден, ги отстапува сите авторски права на ОКТА АД – Скопје, за реализација на проектот
  • Еден тим има право да поднесе еден идеен проект
  • По прогласување на наградениот идеен проект, тим од ОКТА заедно со победничкиот тим, ќе продолжат со финална реализација на проектот.


НАСОКИ ЗА ИЗРАБОТКА НА ПРОЕКТОТ

Елементите што треба да бидат аплицирани во предлог проектот се:

  • Метална конструкција за поставување на фотоволтаични панели
  • Место за безбедно паркирање велосипеди и електрични тротинети
  • Место за одмор и релаксација во рамките на паркингот, клупи, столчиња и сл.
  • Место за полнење на електронски уреди како: мобилни телефони, лаптоп, таблети и сл.
  • Простор за јавно и креативно истакнување на името на давателот на донацијата ОКТА АД – Скопје.

Насоки за работа:

Предложените идејни решенија треба да бидат во согласност со утврдениот буџет од страна на ОКТА АД – Скопје, кој што ќе биде споделен со пријавените тимови. Изградбата на наградениот проект кој ќе биде поставен во рамки на кампусот на УКИМ, е обврска на донаторот на проектот, ОКТА АД – Скопје.


ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ:

  • Капацитетот на фотоволтаичниот систем да биде 5,5 kW (10 панели по 550W)
  • Моќност  Инвертер – помеѓу 4,5 и 5 кW – монофазен
  • Battery storage – 5kWh (со Battery management system (BMS) I Backup Box)
  • Метална конструкција со настрешница на која ќе бидат поставени фотоволтаичните панели со висина не повеќе од 3 метри и димензии на површина за поставување на панелите:

а) 6×5 м2 или

б) 12×2,5 м2

  • Место за изградба – околу 30m2
  • Простор за поставување полначи за електронски уреди – мобилни телефони, компјутери, таблети итн
  • Простор за одмор и релаксација – седечки дел, клупи или сл.
  • Држачи за безбедно паркирање велосипеди и електрични тротинети

НАСОКИ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ТИМОВИТЕ:

Студентите кои што сакаат да бидат дел од овој отворен конкурс, можат да се пријавуваат кај проф. д-р Александар Радевски (координатор на Центарот за кариера на УКИМ за техничкиот кампус), radevski.aleksandar@arh.ukim.edu.mk, со испраќање на пополнета пријава за учествонајдоцна до 12.04.2023.

Дополнителни прашања во врска со отворениот конкурс може да се испратат на: jcvetkovska@helpe.gr   


НАСОКИ ЗА ДОСТАВУВАЊЕ НА ИДЕЈНИТЕ ПРОЕКТИ:

  • Предложените идејни проекти да се доставуваат електронски на следниве е-адреси: radevski.aleksandar@arh.ukim.edu.mk и mstavreva@helpe.gr во форма на ppt. презентација или pdf. документ, најдоцна до 31 мај 2023.
  • Евалуацијата на предлозите ќе ја врши тим составен од претставници на УКИМ и од ОКТА.


РОКОВИ:

  • Пријавување на тимови: најдоцна до 12.04.2023
  • Доставување на идејни проекти: најдоцна до 31.05.2023 година

КОМУНИКАЦИЈА И ПРОМОТИВНИ АКТИВНОСТИ:

Со испраќањето на пријави и идејните решенија на овој отворен конкурс, сите кандидати се согласуваат со планот на ОКТА за соодветна јавна комуникација и промоција на активностите поврзани со овој проект. Победничкиот тим, се согласува да учествува во сите комуникациски активности предвидени од ОКТА, со цел информирање на јавноста за текот и реализацијата на проектот.

Информации за компанијата

ОКТА е најголемиот снабдувач со горива во земјата, обезбедувајќи го пазарот со висококвалитетни производи кои ги задоволуваат последните локални и европски стандарди. Основана во 1978 година, компанијата е предводник во сферата на трговија, снабдување и дистрибуција на нафтени деривати во регионот. Како дел од една од најголемите групации во енергетскиот сектор – Helleniq Energy, ОКТА постојано воведува меѓународни вештини, иновативни решенија и најнови технолошки трендови.

Почнувајќи од јануари 2013 година, како одговор на промените на глобалниот пазар на нафтени деривати, ОКТА успешно се трансформираше од рафинерија во брзодвижечка и ориентирана кон клиентот, логистичка и трговска компанија.

Преку трговија на големо ОКТА опслужува големо портфолио на клиенти, од земјава и регионов, од мали претпријатија па сé до големи индустриски објекти и владини институции. Благодарение на долгогодишното искуство и лидерство на пазарот, компанијата има развиено врвен логистички систем кој овозможува брзо и сигурно снабдување на клиентите со горива.

Малопродажната мрежа на ОКТА се состои од современи бензински станици ширум земјата кои нудат висококвалитетни производи и услуги на крајните корисници.

Во 2018 година, ОКТА како модерна енергетска компанија, во своето портфолио ги додаде производството на електрична енергија од обновливи извори и снабдувањето и менаџирањето енергија за своите клиенти.

Поставувајќи ја безбедноста на прво место, ОКТА се залага да ја врши својата дејност однесувајќи се етички и одговорно кон општеството и животната средина.

Оваа 2023 година, компанијата прославува 45 години јубилеј. По тој повод предвидени се низа општествено одговорни активности кои дополнително ќе ја обележат фокусираноста на  компанијата кон одржлив развој и трансформацијата кон обновливи извори на енергија.

Извор: ОКТА