Kонкурсен труд за „Избор на идејно решение за локалитет фабрика Треска“ / Ивановски, Милушева, Дамјановска, Стојановски, Темелковска

Автори:Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Мхајло Стојановски и Билјана Темелковска

Година на проектирање: 2021

Локација: Општина Центар, Скопје

Во кругот на фабриката Треска веќе се градат згради по прописно потпишана градежна дозвола од Општина центар. Надежта дека граѓаните на Скопје ќе успеат да променат нешто од шаблонот на развојот на градот полека згаснува. На 17 јануари 2020 година преку граѓанската иницијатива беше распишан  архитектонско-урбанистички „конкурс за урбанистички проект на локацијата кај „Треска“, со цел да се преиспита и да се реанализира постоечкото решение за локацијата утврдено со деталниот урбанистички план од јули 2012 година.

Истата беше прифатена од Општина Центар која го организираше конкурсот за урбанистичко – архитектонско уредување на локацијата Треска. Прворангиран беше конкурсен труд со шифра „ГДВОР кој ги задоволи сите параметри за развој на парцелата. Тоа беше далечниот ноември 2021 година.

Во прилог можете да го погледнете прворангираниот труд со шифра „ГДВОР“ кој за жал ќе остане само во архитектонтските архиви и во мислите како можеше локацијата на Треска да биде.

 

Текстуално образложение на конкурсниот проект со шифра „ГДВОР“:

Како и многу европски градови и Скопје се соочува со предизвикот на трансформацијата на поранешните индустриски зони и нивната пренамена во други градски функции. Поранешната фабрика Треска, некогаш функционално лоцирана долж железничка пруга и на крајниот западен раб на градот, во рамки на неговата современата основа се наоѓа во поширокиот градски центар.
Населбата Буњаковец 2, каде е лоцирана фабриката, како и неколкуте други соседни населби денес се едни од најгусто изградените делови на градот, станувајќи синоним за штетните последици на шпекулативната станбена изградба во услови на транзиција. Како последица, квалитетот на живеењето во овој дел на градот е драматично опаднат, што најјасно се согледува во недостатокот на функционален јавен простор за жителите, во сè помалата застапеност на отворените простори и градското зеленило, во преоптовареноста на институциите од областа на образованието и социјалната заштита, во несоодветната сообраќајната инфраструктура и не помалку важно – во загадувањето на животната средина.


Предложениот проект за идејно урбанистичко и архитектонско решение за локалитетот на поранешната фабрика Треска се обидува да одговори токму на споменатите негативни тенденции, со намера да понуди соодветни решенија за просторно, функционално, пејзажно и симболичко регенирање на локалитетот и негово активно вклучување во постојната градска (инфра)структура. Во таа смисла, поширока цел на проектот е подобрување на квалитетот на животот на жителите и на населбата и на овој дел од градот, што особено опаѓа во услови на негово стихијно згуснување.
Во методолошка смисла проектот е воден низ две фази: (1.) аналитичко набљудување, мапирање, препознавање и вреднување на особеностите и квалитетите на поширокото соседство и нивно функционално вклучување во предлог решението за просторна трансформација на локалитетот, и (2.) креативно урбанистичко и архитектонско обликување на современ градски простор со јасен и препознатлив урбан идентитет што на жителите ќе им овозможи висок квалитет на урбано живеење.

Проектот се заснова на повеќе нивои на подобрување и унапредување на просторот кои се надополнуваат помеѓу себе. Како своја почетна замисла, проектот е насочен кон неопходноста од повеќе зеленило и повеќе јавен простор во секојдневниот живот на луѓето. Оваа почетна идеја е преведена во урбанистички и архитектонски предлог-план за предметната локација, замислена како урбан пејзаж што ги интегрира изградениот и неизградениот простор, што создава богата разновидност на архитектонските и урбаните искуства што го прифаќаат важното место на природата во градот. Во симбиозата помеѓу изграденото и неизграденото, помеѓу градот и природата, односно архитектурата и пејзажот, проектот истовремено предлага можен модел за иден развој на современиот град.


На урбано ниво се предлага просторна структура што кон надворешните граници е порозна, третирајќи го локалитетот на начин да тој повеќе не претставува изолиран урбан остров со непостоечки врски со својата непосредна околина. Воспоставени се нови просторни и функционални врски со што локалитетот е интегриран во постојната градска структура. Во морфолошка смисла новата просторна структура се вградува во типолошки разновидната оска што се развива долж булеварот „Франклин Рузвелт“, а во програмска смисла во секвенцата на јавните градски намени што се развиваат долж оската на улицата „Владимр Полежиновски“. Централна просторно-функционална тема на предложениот проект е отворениот јавен парковски простор, именуван како „градски двор“, околу кој всушност и се формира и развива целокупната изградена структура. Тој го зазема централниот простор на локалитетот и се развива долж оската север-југ, што овозможува негова континуирана изложеност на сончева инсолација и на природните струења на воздухот од правец на јужната страна. Овој дел на локалитетот станува централен простор за жителите, нивна „дневна соба“ на отворено. Преку формирање на рекреативни, ботанички и културни енклави, во што спаѓа и артефактот на стариот фабрички оџак сместен централно во пејзажот на паркот, целта е да се воспостават нови фреквенции на јавниот живот. Пространата јавна парковска површина, покрај што претставува функционално средиште на локалитетот, за просторот има и симболичко значење во смисла на нагласување на важноста што природата ја има за животот на луѓето, особено во градовите.

Надоврзувајќи се на отворениот јавен парковски простор, изградената просторна структура во типоморфолошка смисла се потпира на три референтни историски и просторни модели на Скопје: традиционалниот градски блок од почетокот на XX век (Дебар Маало, Буњаковец…), модернистичките населби и апстрактната елеганција на повеќесемејниот станбен блок од втората половина на XX век (Пролет, Карош…) и конечно, отфрлуваниот шарм на недовршеноста на архитектурата и градот во услови на транзиција од XXI век (насекаде низ Скопје).


На архитектонско ниво, станбените и станбено деловните блокови што се лоцирани на западната страна на локалитетот се организирани во мали соседства што се развиваат околу човекомерен јавен простор, што претставува надоврзување на генералниот урбанистички концепт за локалитетот кој се формира околу парк. Ова создава отворен и „воздушест“ карактер на урбаниот блок, во чие средиште се формира полу-јавен простор кој е пристапен од сите страни и со непречен поглед на отворениот јавен градски простор. Секое од овие соседства се состои од композиција од хоризонтални и од вертикални блокови, последните нагласено компактни и со впечатлив пластицитет. Станбено-деловните блокови што се развиваат на источниот раб на локалитетот се организирани на начин да ја зајакнат границата на отворениот парковски јавен простор, а нивната нагласена скулптуралност во обликувањето на кровната партија има за цел да воспостави суптилна врска со историјата на местото, односно со поранешниот индустриски карактер на локалитетот. Во типолошка смисла, предложените станбени блокови во себе кондензираат станбени единици со различна големина, ориентација и организација на планот и на тој начин се атрактивни за различни корисници.

На јужната граница на локалитетот – булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ се поставени деловните содржини, сместени во градби чии фигури се со правилна геометрија, поставени во просторот на таков начин што не ги блокираат погледите од поширокото соседство до паркот. Ваквата повластена местоположба на деловните содржини им овозможува ориентација или кон паркот или кон сонцето и планината Водно и истовремено, комплексот структури станува една од неколкуте препознатливи и симболички точки во рамки на локалитетот што се отвораат кон градот. На северната страна на локалитетот е сместена детска градинка, ориентирана кон јужната страна и кон паркот, чиј архитектонски концепт е заснован на идејата да се комбинираат природата и архитектурата, истражувајќи ја подетално темата на топографијата во создавањето на архитектонскиот простор.


На еколошко-енергетско ниво, со оглед на изложеноста на петтата фасада кон сончевата јужна страна, замислено е само-одржливоста на комплексот да биде дополнително стимулирана преку користење на алтернативни еколошки извори на енергија – фотоволтаични соларни системи од ќелии што овозможуваат генерирање на струја преку директна конверзија на соларната радијација, што би се користела за потребите на јавното осветлување.

* Графичките и текстуалните содржини се приложени од авторите.