„Kulla Rozë“ – Приштина / Maden Group

Автори: Maden Group

Инвеститор: Driloni Com

Локација: Приштина, Косово

Година: 2022

 

Со цел да ја запознаеме домашната сцена и публиката со искуствата од регионот, во соодветната категорија,  споделуваме проекти и информации од нашето блиско опкружување.

Овој пат во фокусот е проект за станбениот објект „Kulla Rozë“ во Приштина, Косово.  Покрај приложениот графички материјал, авторите накратко ни ја образложија и нивната визија за оваа кула.

 

Ситуација

 

Подобрувањето на квалитетот на животот и создавањето уникатна зграда, се насоките кои биле клучни при дизајнирањето на овој објект. Концептот се темели на принципот на создавање функционални простори за живеење, кои  добиваат поголема вредност преку чисто и современо волуменско обликување.

Објектот се карактеризира со хоризонталност преку прозорците и „ложите“ и вертикалност преку  волумени кои се развиваат по височина.

 

Анализа на обликување

 

Преку големите хоризонтални отвори на зградата, освен максималното осветлување, жителите можат да ги доживеат и прекрасните погледи кон  градот Приштина.

Составен дел на ложите е и оградувањето преку жардињерско зеленило на секој кат, кое ги потенцира цврстите хоризонтали на објектот, овозможувајќи секое семејство да има своја градина на балконот, доживувајќи го поинаку просторот, опкружен со природа и зеленило.

 

 

Нагласувањето на вертикалноста на објектот се постигнува и преку високите зафатнини.  Со цел да бидат поатрактивни, истите се разбиени преку благ пресврт кон горниот волумен, давајќи му на објектот соодветна ориентација, динамичност и уникатен изглед.

Волумените се „одвојуваат“ во висина на еден кат, кој е проектиран во улога на заеднички простор за жителите. Овој простор е нагласен преку бојата и зеленилото што ја збогатува зградата со простор за релаксација. Според формата и материјалите, кулата во целина нуди силна и чиста слика. Користените материјали се цврсти со едноставни форми и лесно се нанесуваат.

 

 

Сместена во Lagja e Muhaxherëve во Приштина, „Kulla Rozë“  се втопува во околината од една страна, додека од друга страна сепак дефинира свој идентитет преку впечатливиот дизајн. Покрај тоа што има за цел да стане една од најуникатните згради во Приштина, „Kulla Rozë“ ќе служи и како социјален центар за соседството преку своите заеднички простори и комунални услуги за жителите.