Лешочки Манастир / XIV век

Година : ц. Св. Богородица Пресвета – XI; ц. Св. Атанасиј (стара) XIV-XVII, ц. Св. Атанасиј (нова) XIX – обнова XXI;

Локација: с. Лешок, општина Теарце,

Извор: Википедија; Димитрова, Црквата Св. Атанасиј во Лешок (типологија, хронологија, структурен дизајн) – на academia.edu;

Највисокото брдо во с. Лешок е место со богата и турбулентна историја. Во изминатите 15 века тука редовно се градело, уништувало и обновувало. Денес на локацијата среќаваме археологија од митски средновековен град, остатоци од старата епископска црква, и домашниот манастир на Кирил Пејчиновиќ, активен и до ден денес.

 

 

 

С. Лешок и Лешочкиот манастир во денешниот контекст

 

 

 

Лешок е село во околината на Тетово, во општината Теарце, на падините на Шар Планина.  На врвот на населбата, на највисокото брдо, се наоѓа Лешочкиот Манастир. Ова е значајно место кое било населено уште пред петнаесет векови.

 

 

 

Панорама околу манастирот

 

 

 

На карпата веднаш над манастиротсреќаваме археологија која ни укажува дека тука некогаш имало средновековен градможеби и митски град.
Во словенската митологија често се споменува „Леѓен Град“ – магичен град изграден на висока блескава планинаБидејќи Лешочкото Кале е сместено во ваков стрмен контекстна врвот на голема карпа од полускапоцен камен – ониксможно е ова да бил тој град од легендите.

 

 

 

 

Планина од оникс – блескава митска планина – Леѓен град?

 

 

Но настрана преданијата, тука е откриена археологија од доцно античкиот, византискиот и средновековниот период. Самиот град веројатно се развил во време на Српското средновековно кралство. Тогаш Тетово или Гостивар се уште не биле формирани како урбани населби, па така ова бил еден од главните центри во Полошкиот регион.

 

 

 

План на Лешовското Кале / извор: Виктор Лилчик 

 

 

 

Оваа тврдина зафаќала околу 1 хектар, и имала една голема и две помали, кружни кули. Иако на неа се забележуваат знаци на обнови и реконструкции, таа немала долг живот. Веројатно после само неколку векови градот е напуштен засекогаш. Од него денес среќаваме само остатоци од бедемот и главната кула.

 

 

Главната кула на Калето / извор: Википедија

 

 

 

Паралелно, надвор од неговите ѕидини, се развивала и друга урбана формација – манастирот Св. Атанасиј. Црквата на манастирот била изградена во 14ти век, преку возобнова на постар храм од 6-тиот век. Нејзин ктитор бил јеромонахот Антониј (Јоаникиј), првиот епископ на Полошката Епархија, чиј саркофаг е пронајден при ископувања на локалитетот. Со ова и самата црква станала центар на Долнополошката епископија во 1348г.

 

 

 

 

 

Основа и пресек на старата црква Св. Атанасиј

 

 

 

Околу црквата тој изградил конаци и со тоа го формирал првиот манастир на оваа локација. Но, веќе во 15-от век, по Турската инвазија, монасите го напуштиле комплексот, а во 17-ти век црквата била уништена.

При ископувања во 1927г. археолозите го нашле долниот дел од страта црква, подот и ѕидовите кои се едвај повисоки од 1м. Тие укажуваат на основа со слободен крст и нартекс на западната страна. Внатрешност била осликана со фрески, посебно околу апсидата, а имала и мермерен под, свеќници, престол и чесна трпеза.

Веројатно најинтересниот пронајдок е оригиналниот иконостас, кој бил изработен од камен – оникс од соседното брдо. Тој имал столбци високи околу 1,80м. декорирани со капители со животински и човечки ликови. Ова, заедно со розетата која била на подот, не се карактеристични за црквите во Македонија од пост-византискиот регион. Веројатно тие се резултат на западно-приморско влијание од романската архитектура која била присутна на териториите на Хрватска, Италија итн.

 

 

 

Капители од иконостасот од старата ц. Св Атанасиј. Скулптури од човечки и животински глави изработени од оникс

 

 

 

Розета од подот на старата црква св. Атанасиј

 

 

Уште пред стариот манастир да биде напуштен, а можеби и изграден, тука имало и уште една црква, која преживеала најдолго од сите објекти на локалитетот. Тоа е малиот храм Успение на Пресвета Богородица, кој е сместен малку појужно од стариот манастир.

 

 

 

Основа на ц. Успение на Пресвета Богородица

 

 

 

Оваа црква прв пат се споменува во 11-ти век, па пак во 13-ти век, а знаеме дека претрпела и три реконструкции паралелно со главните обнови на целиот манастир.

Првата обнова е во 17-ти век, кога епископот Никанор го обновил и преместил манастирот на неговата денешна локација. Се претпоставува дека од тогаш Успение на Пресвета Богородица станала главната црква.

 

 

Стара фотографија од ц. Успение на Пресвета Богородица / извор: Википедија

 

 

 

Втората обнова е во 19-от век, од страна на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ. Тој успеал да го ревитализира целиот манастир во период кога рестрикциите од страна на Отоманската власт почнале да ослабуваат. Тој не ги ревитализира само објектите туку и самото монаштво кое е активно до денес.

Последната обнова на старата црква е во 50-те години од минатиот век од страна на Заводот за заштита на културно-историските споменици.

 

 

 

 

 

 

Фотографии од денешна состојба на ц. Успение на Пресвета Богородица / извор: journeymacedonia.com

 

 

 

Иконостасот и внатрешноста на ц. Успение на Пресвета Богородица / фото: Зоран Карапанчев

 

 

Фрескоживописот на ц. Успение на Пресвета Богородица / извор: Википедија

 

 

Во 1924 (или 1936г.) е изградена уште една црква во рамките на манастирскиот комплекс. Таа го носела името на стариот храм Св. Атанасиј, но била на новата локација и значително поголема. Нејзин автор е архитектот Андрасов, кој дизајнирал црква со една главна и две помали куполи.

 

 

 

Ситуација на Лешочкиот манастир: 1. Стар манастир св. Атанасиј; 2. Кале; 3. ц. Успение на Пресвета Богородица; 4. Нова ц. св. Атанасиј; 5. Конаци; 6. Болница за белодробни заболувања;

 

 

 

По изградбата ова била новата главна црква на манастирот, се до конфликтите во 2001г. била минирана и уништена. Кратко потоа таа е реконструирана од страна на Институт за заштита на културното наследство, користејќи го истиот камен од старата структура. Таа е повторно отворена и официјално преосветена во 2007г.

 

 

 

 

Историска фотографија од Лешочкиот манастир од првата половина на 20-от век. Во средина се наоѓа новата црква св. Атанасиј

 

 

 

Денешна состојба од обновената црква св. Атанасиј / извор: Википедија

 

 

 

Покрај црквите, на територијата на манастирот секогаш имало и пропратни објекти како конаци, кои имале значително пократок животен век. Еден од нив бил трансформиран во болница за белодробни заболувања,  која подоцна го демолира стариот објект и гради нов со истата намена. Во дворот на манастирот се наоѓа и гробот на преродбеникот Кирил Пејчиновиќ.

Денес манастирот е најактивен за патрониот празник Голема Богородица на 28-ми Август. Исто така тој привлекува посетители преку својот ресторан и како место за излети и рекреација.

 

 

 

Денешна состојба на Лешочкиот манастир