МАКЕДОНСКА МРЕЖА НА ГРАДСКИ МОРФОЛОЗИ (ММГМ)
12.12.2023 • Информации
Минатиот четврток, на ден 07.12.2023 г. во просториите на Општина Центар, во состав на организацијата ИСУФ (анг. ISUF – International seminar of urban form), се основа Македонската мрежа на градски морфолози. ИСУФ претставува светска академска организација на истражувачи и практичари на урбаната морфологија, која го издава еминентното научно списание “Journal of urban morphology” и организира годишни конференции низ целиот свет.
Слабата публикациска дејност, слабиот интерес за истражување на полето на урбаната морфологја како и немањето соработка меѓу институциите поврзани со оваа дејност е поводот за формирање на оваа македонска мрежа на градски морфолози (ММГМ).
Изданија на списанието на организацијата ИСУФ
Целта на Македонска мрежа на градски морфолози е да инспирира и координира морфолошки истражувања за македонската архитектура, градовите и урбанизмот, и да вмрежува истражувачи и научници кои објавуваат на оваа тема, како и да информира и промовира научни проекти, иницијативи, публикации, книги, итн.
Според д-р. Тодор Стојановски од „KTH Royal Institute of Technology” од Стокхолм, Шведска, кој е иницијаторот и основачот на ММГМ, целите на оваа мрежа се:
- катализирање интерес за градска морфологија и морфолошки истражувања,
- инспирирање на академска дискусија за урбаната морфологија,
- објавување на македонско научно списание за урбана морфологија,
- поврзување на високо образовните институции со локалната самоуправа, како и
- создавање на унија со останатите морфолошки мрежи од европа и светот (меѓу кои најактивни се оние од Србија, Турција, Италија, Кина…)
Дијаграм на под-дисциплини на урбаната морфологија
Мисијата на ММГМ е да организира и овозможи дискусија за градовите, одржливиот развој, футуризмот, дигитализацијата итн, поврзување на академските дисциплини за урбанизмот, вмрежување на истражувачи и иницијатива за создавање балканска мрежа на урбани морфолози и соработка во заеднички истражувања.
На инагурацискиот семинар, одржан минатиот четврток – 07.12.2023 г. во Скопје присуствуваа основачките членови на ММГМ, каде што воведно излагање имаше основачот д-р. Тодор Стојановски. Основачи на новоформираната мрежа на градски морфолози се универзитетски професори од областа на урбанизмот (од архитектонските факултети при УКИМ, УАКС и МИТ), социологијата, географијата, како и претставници од општините Центар и Струга и претставници од невладиниот сектор.
Организирани конференции во изминатите 4 години
Свои презентации и излагања на семинарот, имаа проф. д-р Илија Ацевски и д-р Емина Рустемоска, кои зборуваа за еколошките и социолошките аспекти на урбана регенереација, асс. м-р Павел Вељановски зборуваше за морфолошките аспекти на градот Прилеп и Виолета Шошевска од фирмата ИНС (Intelligent network solutions) која одржа шрезентација за дигитални софтвери и алатки за анализа на урбаната морфологија.
Според најавувањата на организацијата ИСУФ, следната годиша конференција (31 по ред) ќе се одржи во Сао Паоло, Бразил, од 15 до 20 септември 2024 година со наслов – “Future horizons for urban form: disruption, continuity, expansion and reverberation”. Повеќе информации на нивната веб страница https://urbanform.org/
Материјалот го приложи Проф. д-р Дамјан Балкоски
Автор на статија: Filip Koneski