Македонската резба во сакралните објекти во периодот од XIV – XXвек

Извори: Македонска академија на науките и уметностите. Македонска резба. 1978. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите
Nordiska museet. Makedonisk träsnidarkonst. 1982

 

Во богатото уметничко наследство на Македонија, покрај иконопиството и монументалното ѕидно слкарство, резбата зазема посебно место како значајна уметничка гранка со вековна традиција. За жал, поради трошноста и лесната запаливост на дрвото, предметите од овој материјал биле низ вековите повеќе подложени на пропаѓање и уништување, така што немаме зачувани поголем број постари средновеквони творби во резба. Но, тие кои опстанале до нашите дни сведочат за нејзиното достојно уметничко ниво.

XIVвек

Најстари зачувани творби во резба кај нас потекнуваат од XIV век. Како што е можно да се забележи кај другите ликовни уметности, византиските влијанија се видливи и во копаничарството. Орнаментите кои се мешавина од геометриски, флорални и зооморфни форми се аналогни на византиските барелјефи во мермер од XIV век.

 

 

Потоа се случува промена во изработката на олтарските прегради- во средновековните цркви камените прегради се заменети со иконостаси од дрво. Најстариот иконостас во дрво на површината на Македонија се наоѓа во црквата Мали Свети Врачи во Охрид, од кој се зачувани првобитните пет тордирани столбови. Рудиментираната обработка на стеблото на овие столбови, асиметричноста на нивната декорација, орнаменталните мотиви – укажуваат на рано датирање на овој иконостас (XIV век).

Црквата „Св. Мали Врачи“ во Охрид (извор: Википедија)

Православната уметност не била наклонета кон слободните скулптури поради нивната сличност, од една страна, со паганските идоли, а од друга страна – со светителските статуи на римокатоличката црква. Единствено зачувано дело, кое дава впечаток на скоро слободна скулптура или на потпрена статуа, е портретот во оревово дрво на Св. Климент од Охрид. Тоа е поправо икона во сосема висок релјеф чија што штица во позадината во најголем дел исчезнала низ вековите. Постоеле траги од гипсениот слој и бојата со која релјефот бил обоен. Потекнува најверојатно од гробот на светителот во црквата Св. Пантелејмон на Имарет во Охрид, од каде бил пренесен во црквата Св. Богородица Перивлептос, денешен Св. Климент. На овој висок релјеф светителот е претставен во цел раст како благословува со десната рака – која за жал е оштетена, а со левата држи затворена книга. Во мирниот фронтален став на телото и вертикалните дипли на одеждата се чувствуваат порани византиски влијанија, додека цртите на лицето се изведени со реалистична тенденција. Аналогни икони од дрво, со релјефи од приближно истото време, имало во византиската уметност во околина на Солун, како на пример иконата на Св. Георги од Костур (денес во Византискиот музеј во Атина).

Прилепчанско-слепчанска резбарска школа XV-XVII век

Резбарството во Македонија се одржало и продолжило да се развива и во турскиот период. Во централна Македонија, во манастирот Слепче- познато седиште на препишувачка школа – и во Прилеп-Варош и околината, во манастирите Трескавец и Зрзе и во Пречиста Кичевска има зачувани резби од XV-XVII век. Царски двери, црковни врати, аналогиони, столбови, и сличните творби со своите заеднички црти се групираат во една целина под назив Прилепско-слепченска резбарска школа. Главните карактеристики на оваа резбарска школа се плитка резба и големо богатство  на преплетни орнаменти, слични на тие од средновековните ракописи, во кои се мешаат и флорални стилизирани мотиви и исламски влијанија. Освен геометриски и флорални стилизирани орнаменти, во резбите од Прилеп-Слепче се застапени и зоорморфни мотиви на реални и фантастични животни, како и фигурални претстави од религиозен и профан карактер.

 

Сите наши средновековни дела во резба остануваат нажалост анонимни. Нивните автори ги немаат оставено своите иницијали или имиња на своите творби. Само на еден шестостран аналогион од манастиорт Зрзе постои натпис со името на резбарот: јеромонах Прохор (XVI-XVII век). Од овој ист период и во други реони на Македонија постојат резби кои се сродни со Прилепско-слепченската школа, но имаат и други декоративни елементи во локални варијанти.

 

XVIII век Атонски влијанија

Во понатамошниот период македонската резба се развива под вијанија на Атонската резбарска школа. Во XVII-XVIII век Света Гора со своите многубројни манастири е главен центар на сакралното резбарство, каде доаѓаат да работат монаси од разни православни земји, а исто така и итало-критски мајстори кои , врз византиската основа на атонската резба, внесуваат влијанија од западните стилови – ренесанса и барок. Со развојот на високиот облик на иконостас, кој станува раскошно украсен, во Света Гора резбарството зема голем замав и се шири во сседните православни земји каде што прима свои специфични особини.

Во Македонија сакралната резба од тоа време е тесно поврзана со Атон, чие влијание се приметува очигледно на иконостасот во манастирот Св. Наум на Охридското Езеро, датиран од 1711 година, и на иконостасот во галеријата на соборната црква Св. Димитрија во Битола, кој потекнува од стариот параклис од каде во XIX век бил демонтиран, пресечен и пренесен во двете странични капели на Григорие Богослов и на Преображание. За разлика од минатата епоха, прилепчанско-слепченска, сега нашата резба е порелјефна, подлабока, дури ажурирана и со реалистична тенденција во употребените вегетациски мотиви. Се употребуваат и нови орнаменти кои потекнуваат од турските декоративни мотиви, како на пример каранфилот.

 

 

Со атонската монашка традиција на гипсирање, боење и позлатување на резбите, наскоро македонската резба ќе раскине и на тој начин дрвото како материјал ќе биде ослободено и ќе може непречено да дојде самото до израз. Заслугата за ова новаторство, од голем значај за своето време и средина, им припаѓа на прочуените мијачки резбари меѓу кои и родоначалникот на најстариот познат резбарско-зографски род Фрчкоски од Галичник – Негрија.

XIX-XXвек

Овој период е последната златна епоха на македонската резба. Тоа е периодот на силната градска класа која има можности да инвестира во ентериерно обликување на својот дом, како и градење на голем број цркви кои доследно внатрешно се декорираат со дела во резба. Доколку ги видиме најголемите имиња кои творат во овој период можеме да увидиме една заедничка точка во нивните животи, односно речиси сите потекнуваат од Реканскиот крај, близу Дебар.

Тоа е родното место на Миајците, кои почнувајќи од крајот на XVIIIвек и скоро целиот XIXвек со своето творештво, отворија нови страници на историјата на уметноста – со што ја збогатија историјата на својот народ.

Кога станува збор за мијачките резбари од Река, се мисли на луѓето резбари од селата на дебарскиот крај: Гари, Тресонче, Росоки, Осој, Галичник, Лазарополе, Битуше, Требиште и други.

Се претпоставува дека овие резбари најпрвин го изучувале занаетот од италијанско-венецијанските мајстори на Атос (Света Гора), од каде ја продолжуваат својата дејност по селата на Река, за подоцна да ги најдеме нивните дела на целата територија на Балканот украсувајќи ги црквите и манастирите со резбани предмети, икони и фрески.

Претпоставката се базира на големите барокни влијанија кои можеме да ги увидиме во резбите во овој регион за време на овој период. Меѓутоа, за мијачките копаничари не требало многу време да измине за да внесат елементи од нашиот секојдневен живот, фолклорот од мијачкиот крај, како и да интерпретираат библиски сцени од Стариот и Новиот завет. Мијаците се одговорни и за создавање на голем број школи и работилници за резба и нивното влијание може да се забележи низ целиот Балкан. Така можеме да забележиме директни влијанија во Банско и Калофер во Бугарија, додека Тревненската резбарска школа го примила стилот и композицијата на мијачките резбари.

Секако дека оваа објава не би била целосна без да се спомне името на Петре Филипович – Гарката кој работи со својот брат Марко од село Гари, Макарие Фрчковски од Галичник и Симон Максевски од село Требиште. Работата на неговата тајфа  е огромна во својот обем и како таква заслужува посебна објава.

Значајни имиња во нашата резбарска традиција се исто така и Димитар Станишев на кого се препишува иконостасот во црквата Св. Благовештение во Прилеп, иконостасот во Св. Богородица Каменско во Охрид и иконостасот во Св. Никола во Приштина; мајсторите од Лазарополе: Никола Дарковски и браќата Јаким и Нестор Тодорови; Никола Дамјанов, од родот Рензовци, од село Тресонче, кој е автор на резбирте во црквата Св. Богородица во Ново Село – Штип, како и амвонот во црквата Св. Богородица во Скопје (уништен а во пожар 1943г.).