Меридијани / Мостови / Сценографија на „Струшки вечери на поезијата“ / 2023 / OTP Studio

Денешната објава е првата од двете, посветени на сценографските решенија за „Струшки вечери на поезијата“.  Автори на проектот се OTP Studio, кои работат на двете поставки за отворањето и затворањето на фестивалот.

 

Меридијани 2023 ( Отвoрање)

Домот на поезијата со неговата должина од 145 м и специфичната поставеност помеѓу улицата “15ти Корпус” и левиот кеј на реката Црн Дрим, заедно со паркот на поезијата претставуваат своевидна урбанистичка “брана” помеѓу јавните содржини што се развиваат кон обалата на езерото и индивидуалното домување во заштитената зона од северната страна на објектот.

 

 

Поради лошата состојба на сцената и гледалиштето, недостатокот на систем за вентилација и застарен светлосен парк, веќе неколку години, отварањето на манифестацијата се одржува на влезниот скалишен крак.

 

 

 

Сцената се состоеше од 4 сегменти меѓусебно поврзани. Горниот подест е платформа поврзана со лед екранот, каде годинава имаше музички перформанс.

 

 

Првиот скалишен крак беше покриен со коса дрвена површина од која генерираше дрвена конструкција која е своевиден постамент за модераторите на настанот. “Постаментот за луѓе” беше составен од квадратни модули конфигурирани по висина, како се доби скалишна траекторија која ги поврзува горниот и средниот подест. По контурите на постаментот, се монтираше addressable лента која служеше за координација на актерите по дрвената инсталација.

 

Платформата од средниот подест, беше исфрлена над првиот скалишен крак, со што се формира површината од каде се обраќаа поетите кон публиката сместена на платото.

Првиот скалишен крак е покриен со коса површина, каде беше аплициран венецот  на СВП, кој беше во директна релација со горниот ракурс од снимателската платформа, поставена на горниот кеј од реката.

 

 

Мостови 2023  ( Затворање)

Мостот на поезијата е дел од М2 магистралниот пат, кој е од највисок ранг. Тој е дел од заштитена урбана целина  “трите бетонски сообраќајни моста,” кои претставуваат главно обележје на градот Струга.

Поради неговиот банален третман на реставрација, поставување на орнаментирана ограда и покривање на елегантниот бетонски лак со некаква техника на принтан камен, оваа година изработивме систем на дрвени конструкции- егзоскелети околу металните столбови на новата ограда, на кои обесивме платнени мембрани затегнати на дрвени рамки. На овој начин мостот визуелно го елиминиравме од сценографијата.

 

Платформата на која се одвива настанот ја подигнавме 10см над оградата. Во тој меѓупростор, под самата позиција за рецитирање, ја аплициравме addressable лентата со соодветно испрограмирани ефекти како одговор на овогодинешната тема на фестивалот- “Чувствотворен јазик”, поврзана со најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција.

 

 

Позадината од сцената се состои од вертикални led екрани, системски поставени на предните и задните конструктивни елементи од гредата на рам конструкцијата. На овој начин успеавме да формираме 10 метарска лед површина, безбедна од влијанието на  јужниот ветер на мостот. Ветерот продираше низ екранот.

 

 

По двочасовниот настан, веднаш се пристапи кон демонтирање на сцената и ставање на мостот во функција.