Министерството за надворешни работи одлучи да му покаже на светот како тоа ние го правиме!
16.12.2025 • Став
Министерството за надворешни работи на Македонија е институција сместена на кејот на Вардар во еден од објектите од проектот „Скопје 2014“. Некои од визуелните точки кои го дефинираат објектот е влезниот трем со тимпанон, и централната купола која се извишува над.
Изминатиот месец сме сведоци на интервенција над овој објект – омиленото македонско делување во просторот – НАДГРАДБА!
Од каде да почнеме со сатирата и цинизмот нема да погрешиме, бидејќи од овој менталитет нема бегање. Па така, одлучивме на светот да му покажеме, како тоа се прави во Македонија. Надградба небаре е ова домата твоја ( и тогаш е погрешно, но… ), пропорции никакви мислиш ресторан за свадби се подготвува горе. Веројатно и тоа и е функцијата на оваа надградба, за коктелчиња со поглед, приеми и сл.
Какви времиња дојдоа – и Скопје 2014 да го браниме од тие што го изградија – ПАРАДОКС!
Основните визуелни и идентитетски карактеристики на било кој објект треба да се почитуваат од аспект на една градска слика и култура во просторот. Кога веќе сте одлучиле да правите „неокласична палата“, каде извишува централно една купола, не можете повеќе на тој објект да додавате елементи кои се натпреваруват со неа. Таа е центар, таа е ориентир, таа е оска. Кога веќе сте тргнале по патот, постојат висини кои повторно сте требале да ги испочитувате, како разумен компромис и да се постигне рамнотежа преку двострано делување и симетрија во ниската зона, вовлечено и неприметно од нултата кота на тротоарите.
Ова што можеме да го видиме е напад, агресија, без контекст и иновација. Паднати од небо!
Но што ние знаеме?! Само критикуваме…. Они надградба направија со лексан над Порта Македонија, подигнаа цел спрат над Собранието… итн. итн. Не се способни ни тоа што го изградија да го третираат онака како треба.
Поимање на просторот е доказ за една напредна нација, цивилизација и култура. Деградирањето на просторот е спротивното – епа ние се изгубивме во просторот!
Автор на статија: Filip Koneski
Доградба / Министерство за надворешни работи / МНР / Надградба / Скопје 2014




