Народен музеј Велес / 80 години чувар на културно и архитектонско наследство
28.07.2026 • Информации
Датум: 26.05.1946 година
Година на проектирање: 1930 година
Година на изведба: 1934 година
Тема: Музеологија и музејска дејност
Објект: Народен музеј Велес
Архитект: Ковачевиќ
Материјалот го приложи: д-р Анита Василкова Мидоска / кустос советник, археолог
Локација: Велес
Дејност и територијална надлежност:
Локалната установа Народен музеј Велес претставува културн, просветна и научна установа чија примарна цел е музејската дејност односно заштита, проучување и промоција на културното наследство.
Денес, дејноста на Музејот територијално ги опфаќа општините Велес, Чашка и Градско. Според ова, под територијална јурисдикција на Mузејот е опфатен најголемиот дел од централна Македонија односно една од најзначајните територии во културниот и историскиот развој на човештвото затоа што на просторот на Балканскиот полуосторов токму вардарско-моравската долина е една од главните културно-историски артерии низ која поминувале, се формирале и се појавувале најзначајните историско-политички настани и културни еволуции и револуции од праисторијата па сè до денес.

Историјат:
Почетоците на Музејот датираат од 1946 година кога во рамките на Велешката гимназија е основана музејска збирка која содржела историски, археолошки и етнолошки предмети од Велес и околината. Иницијатор и реализатор на овој проект бил професорот Ѓорѓи Милошев (подоцна ракоположен за трет архиепископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Гаврил) кој во повоениот период бил ангажиран како дел од наставниот кадар во велешката гимназија.

Со својата ерудиција и визија тој на 23.03.1946 година ја формира гимназиската збирка, а на 26.05.1946 година се отвора и првата музејска изложба во рамки на гимназијата. На оваа изложба биле презентирани најзначајните музејски предмети како на пример: Книгата „Огледало“ од Кирил Пејчиновиќ од 1816 година, потоа „Службата на Евреите и сите нивни злодела…..“ печатена во 1839 година во печатницата на Теодосија Синаитски во Солун, оригиналните ракописи на Јордан Хаџи Константинов Џинот, дел од оставнината на Кочо Рацин, археолошки предмети од Стоби и друго.

Формирањето на гимназиската збирка и изложувањето на дел од предметите бил историски момент и за градот Велес и за Македонија затоа што ова се почетоците на музејската дејност во нашата земја во повоениот период. Ако за велешката гимназија се говори дека е прв интелектуален вруток, прва суштествена промисла и првиот чекор кон организирано образование во државата тогаш гимназиската музејска збирка, никулецот на велешкиот музеј, е еден од првите повоени бедеми на македонскиот историско-културен идентитет. Неколку години подоцна односно во 1951 година е основан Народниот музеј во Велес од страна на Градскиот народен одбор како Совет за просвета и култура односно ова раководно тело постапувало согласно упатствата од страна на Советот за просвета, наука и култура на Народна Република Македонија.

Во март 1953 година збирката од околу 3000 музејски предмети била пренесена во Куќата на Пенини која се наоѓала во централното градско подрачје. Тоа е период кога првите македонски епиграфичари и археолози, со својот неуморен ентузијазам и амбициозност, вршеле интензивна проспекција на теренот на Повардарието па поголемиот дел од спомениците тие ги депонирале во велешкиот музеј. Со значително збогатување на музејскиот фонд се појавила и потребата од поголем објект и во 1967 година Музејот започнал да функционира во Зградата на Народниот дом во која бил сместен Околискиот одбор, изградена во 1934 година. Музејот до ден денес е сместен во истиот објект кој и самиот претставува архитектонско-естетски бисер.

Имено, во периодот на 50-тите и 60-тите години на XX век Музејот имал статус на околиски музеј под чија ингеренција влегувала територијата на Повардарието односно Велешкиот, Тиквешкиот, Демиркапискиот и Гевгелискo-дојранскиот регион. Исто така, во овој период под надлежност на Музејот припаѓале и Спомен куќата на Кочо Рацин, Спомен куќата на Васил Главинов и археолошкиот локалитет Стоби. Значајно е да се истакне дека во текот на 70-тите и 80-тите години на XX век Музејот бил еден од носителите на меѓународниот археолошки југословенско-американски проект насочен кон истражувањето и конзервацијата на архелошкиот локалитет Стоби. Истражувањата во Стоби биле презентирани низ целиот научен свет и на тој начин музејот стекнува интернационална промоција и го добива своето место на светската мапа на значајни музејски институции.

Во 1979 година под надлежност на Музeјот инкорпорираат и Спомен костурницата на паднатите борци од Велес и Велешко во НОБ, а од 1984 година и Меморијалниот музејски комплекс во с. Горно Врановци. Согласно организационите промени на културните институции односно врз основа на Одлуката за превземање на основачките права, Народниот музеј Велес од 09.03.2004 Музејот е локална установа. Покрај горенаведените објекти и споменични целини денес Музејот исто така управува и се грижи за следниве објекти:
1. Спомен куќата на Касапови;
2. Спомен куќата на Ј.Х.К. Џинот;
3. Ликовниот салон на град Велес;
4. Музејската поставка во Спомен собата на Коле Неделковски сместена во просториите на основното училиште во с. Војница; и
5. Музејската поставка во Спомен куќата на Петар Поп Арсов во село Богомила.

Музејски збирки и објекти:
Музејот во Велес како една од најзначајните музејски установи на територијата на Македонија од аспект на музејското богатство може да се гледа низ две призми:
1. Богатството на движно културно наследство кое се однесува на музејскиот материјал и музејските предмети; и
2. Културно-историското значењето на објектите кои се под негово владение.

Генерално говорејќи Музејот поседува неколку илјади музејски предмети и музејски материјал, а оваа бројка низ годините постојано се зголемува како резултат на интензивните истражувања и проучувања на минатото на велешкиот регион. Од друг страна, имајќи ги во предвид фактите дека Музејот долго време опстојувал како околиски музеј речиси во сите збирки има предмети од целото Повардарие и токму заради овој факт музејските збирки впрочем претставуваат археолошко-етнолошко-историска карта на Повардарието. Од друга страна, историјата на градот Велес низ вековите претставува историја на социјалното, револуционерното, просветното и културно издигнување на македонскиот народ. Во таа смисла преку чување и презентација на спомен куќите и споменичните целини Музејот се труди да го одржи жив споменот на најзначајните настани и личности од македонската историја.

Музејска зграда:
Зградата во која е сметен Народниот музеј во Велес, била проектирана во 1930 година, а изградена во текот на 1934 год. како Народен дом во кој бил сместен Околискиот одбор. Првобитниот проект бил изработен на 20.02.1930 год. од инженерот Никола Герд. (презимето е нечитливо), со кој главната фасада била минималистички обликувана во духот на модерната, но по препораки на архитектот Ковачевиќ од банската управа, фасадата била преработена на 29.09.1930 год. и подоцна изведена во форма во која постои и денеска.

Од архитектонски аспект музејската зграда е конципирана со умерено присуство на декоративни елементи изведени под влијание на српско-византискиот стил. Уличната фасада е симетрична по вертикала со два странични волумени благо испакнати нанапред и средишен волумен во кој е главниот влез е фланкиран со два столба кои носат полукружен лак. Фасадата е хоризонтално расчленета по катови со нагласени венци и калкански завршетоци зад кои е сокриен покривот. Прозорците на приземјето се правоаголни, на катовите во бочните волумени се трифорни, а во централниот волумен се бифори кои се интерполирани во лачно засводена ниша.
Извор: „МММN Icomos“

Низ годините зградата претпрела неколку ремоделирања и градежни интервенции кои во многу мала мера го имаат нарушено основниот план на објектот. Интервенциите воглавно се состоеле од внатрешни корекции, санација на покривот и реконструкција на подрумските простории.

Објектот се состои од приземје, два ката, подрумски и тавански простории. Музејските збирки се изложени во прозмејето и двата ката по следениов редослед. На приземјето е археолошката збирка која содржи предмети од праисторијата па се до крајот на XIV век н.е., а во ходникот се презентирани селектирани камени споменици од античкиот период. На првиот кат е презентирано историското одделение кое го опфаќа периодот од османлиското ропство, крај на XIV век н.е. па се до времето на повоена Македонија односно периодот на обновата и преродбата. На вториот кат е се наоѓа етнолошкото одделение кое се состои од реконструкции на градска и селска соба, трпезарија и селектиран избор на етнолошки предмети кои го отсликуваат руралниот и градскиот начин на живот во периодот од крајот на XVIII – XX век.

Aвтор на објава: Кристијан Арсовски
Автор на статија: Sorabotnik
археолог / археолошки предмети од Стоби / архитект Ковачевиќ / д-р Анита Василкова Мидоска / кустос советник / движно културно наследство / инженер Никола Герд. / историско-политички настани / Јордан Хаџи Константинов Џинот / конзервацијата на архелошкиот локалитет Стоби. / Кочо Рацин / културни еволуции / културно-историски артерии / Културно-историското значењето / Локалната установа Народен музеј Велес / општините Велес / првата музејска изложба во рамки на гимназијата. / просветното и културно издигнување на македонскиот народ / професорот Ѓорѓи Милошев / револуционерното / социјалното / српско-византискиот стил / Чашка и Градско

