„Од напуштена фабрика до студентски град“ / Изложба

Здруженијата на граѓани Културно Ехо и Сити Скоп Скопје, за утре, сабота на 26.09.2020, од 12 ч. до 15 ч. во паркот на Општина Ѓорче Петров  ја најавуваат  изложбата за ревитализирање на индустрискиот комплекс – Купрум, дел од проектот „Од напуштена фабрика до студентски град“ заедно со архитектките Мирјана Лозановска и Наташа Вчкова .

Јавниот настан ќе се реализира согласно протоколот бр.33 за одржување на јавни настани во време на пандемија, достапен на веб сајтот на Владата на Р.С. Македонија и ќе бидат почитувани сите препораки за заштита од Ковид 19.

За проектот: Здруженијата на граѓани Културно Ехо и Сити Скоп Скопје го реализираат овој проект со цел да се реактуелизира доставената иницијатива до Влада на Република Северна Македонија за ревитализација и пренамена на фабриката „Купрум” во студентски град на културата.

 

 

Како еден од бројните изградени објекти од индустриско наследство во Република Северна Македонија, Купрум е појдовна точка во низата други, кој го има капацитетот да промовира интеркултурализам и кој претставува податлива подлога за формирање на социо – културни врски помеѓу неговите корисници.

Со негова пренамена во студентски град ќе придонесе кон децентрализирање на културно-образовната понуда надвор од централното градско подрачје и ќе биде дополнителен капацитет кој ќе може да одговори на културните потреби на градот. Со низа активности, ќе го прикажеме потенцијалот на оваа локација и можноста да прерасне во мултифункционален комплекс, кој би ги задоволил култоролошко – едукативните потреби на младите со интегрирање во современата општествена стварност, а воедно и би придонел кон регенерирање на урбаното ткиво на градот.

 

 

 

 

За изложбата: Во состав на овој проект ја реализираме оваа изложба, која е поделена во три дела. Првиот дел се состои од фотографии на денешната состојба на фабриката, реализирани од Кристијан Караџовски – Културно Ехо. Во вториот дел од изложбата се прикажани два магистерски труда за пренамена и адаптација на фабриката Купрум, од Наташа Вчкова и Мирјана Лозановска. А во третиот дел се изложени програмски анализи за можно сценарио на пренамена на Купрум во студенстски град, изработени од страна на Сити Скоп Скопје.

Проектот е финансиран од: Агенција за млади и спорт на Република С. Македонија.