Ода за дивоградбите

Дивоградбите во Македонија се лицето на едно загубено општество полно со корупција и толерантност кон противзаконски дејствија. Покрај индивидуалното злоупотребување на процесот за градба, најчесто за семејните куќи, во Македонија се случува масовна изградба и манипулација под патронство и на локалните власти.

Почнувајќи секако од спорните урбанистички планови кои сеуште се предмет на набавка (небаре 300 кг компир купувате) се до законите за легализација, со кои се поткупуваа посиромашните слоеви, секако со задна намера да се угоди и на сите побогати слоеви и корумпирани бизнисмени да си ги легализираат дополнително зградите, фабриките и останатите инвестиции.

 

Фотографија на sdk.mk  >>> 

 

Целиот овој концепт на општество со повеќе тајни лица и опачини на долг рок прави штета во сите правци. Најпрвин државната каса се оштетува со милиони евра, потоа трајно се губи потенцијалот на просторот за квалитетно урбано живеење, додека архитектурата од некогаш изградени стандарди и естетика се сведе на транзициона фавелизација.

Совршен круг за едно општество без визија за себе, која одговара на краткогледите политичари на кои им беше битно да си обезбедат повеќе години власт, брзи решенија, полнење на буџетот (краткотраен ефект), толерирање и промоција на недолично однесување на масата.

 

 

Донесениот закон за легализација на кој постојано му се продолжуваше рокот, обезбеди легализација на 300.000 објекти. Ова е најсмешната и најнеточната математика која треба да покаже на обичниот граѓанин колку сме ја оштетиле државата. Да замислиме дека станува збор за семејни куќи од 100m2 , за која во скопските општини се наплатува просечно по 100 евра од m2 за комуналии. Оваа бројка варира зависно од градот општината, местоположбата, но да земеме просек од 50 евра по метар квадратен. 300 000 објекти или 30 000 000 m2 помножено со 50 евра, достигнуваме до бројка од 1 500 000 000 евра.

Бидејќи оваа весела математика не е точна, замислите колку од овие објекти се деловни, трговски или со некои други намени, варирањето на цената за комуналии и сл. На сето ова треба да се додаде и услугата за проектирање, која кај повеќето од овие објекти не постои, сето тоа продуцирано во некаков промет и платен данок… Штетите се незамисливи за буџетот… Еве една пресметка само за Чаир:

 

 

Она кое последниве месеци го актуелизира градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е за поздравување, без да навлегуваме во останатото нејзино владеење со градот. Прв пат некој толку гласно говори за дивоградбите и за хаосот што го прават чаирските велможи (секако тие се на тапет, велможи има секоја општина).

За оваа тема МАРХ извести пред повеќе од година и половина низ текстот  „Временската машина на Општина Чаир“, за кој имавме сведочење на македонски иселеник, кој сакаше да гради куќа во Чаир и кому опцијата со манипулација на годината на изградба му беше изнесена како единствен пат од секторот урбанизам.  Наместо 25.000 евра комуналии, со сума од 4000 евра целиот процес се завршува, вие заштедувате, рекетарите заработуваат кеш, додека државата е оштетена со 20.000 евра. Одлична понуда, зарем не?

 

Временската машина на Општина Чаир

 

Се додека не почнеме да рушиме со динамит, конфискуваме објекти во служба на социјалните активности и потреби на државата, казнуваме со затворски казни, овие навики нема да се надминат.

Сите оние кои граделе по законот, плаќале комуналии, се надмудрувале со општините за легално да дејствуваат во просторот, треба да упатат колективна тужба до државата, за селективен однос.

Добрите плаќаат и чекаат, криминалците се помилувани во процесот!