ИДЕЈНО РЕШЕНИЕ ЗА УПРАВНА (ОПШТИНСКА) ЗГРАДА НА ОПШТИНА АЕРОДРОМ / Брсакоска, Даскалов, Илиевски
15.04.2021 • XXI век
Година на проектирање: 2021
Автори: Јана Брсакоска, Благој Даскалов, Илчо Илиевски
Локација: Општина Аеродром, Скопје
ОПШТИ ПОДАТОЦИ
Со идејното решение се предвидува објект – општинска административна зграда со интегрирани содржини, за потребите на општина Аеродром.
ПОДАТОЦИ ЗА ЛОКАЦИЈАТА
Просторот на кој е планиран објектот се наоѓа во рамките на ‘’Реонски центар ’’ Урбана единица А, Блок 1 и 2, ГП 1.2, на аголот на булеварите ‘’Видое Смилевски Бато’’ и ‘’Србија’’.
Вкупната површина на градежната парцела е 1379 м2, површината за градење во основа е 1019м2 , а вкупната дозволена изградена површина е 4076м2. Дозволена висина на венец е 18.00м.
Со проектот површината предвидена во склоп на приземје е 919,80м2. Oбјектот се развива на приземје, мезанин и три нивоа и не ја надминува максималната дозволена висина на венец од 18 метри.
Ситуација
ОПИС НА КОНЦЕПТОТ
Новопроектираното решение на управната зграда рационално и максимално ја користи зададената површина, во чиј состав се интегрирани мешовити програми со цел задоволување на потребите на еден ваков тип на објект.
Формата на објектот е постигната преку процес на додавање, одземање и ротирање на два главни волумени.
Поради големата длабочина на објектот, преку процес на одземање во средишниот дел на објектот е добиен атриум, кој овозможува дополнително осветлување на внатрешноста.
Преку фасадната обработка дополнително се истакнуваат различните волумени на објектот. Во целост фасадата е проектирана од двојна (вентилирана) стаклена ѕид-завеса, која овозможува ефикасна експлоатација на објектот. Стаклото е рефлектирачко и особено изразено во горниот волумен, со цел да ја рефлектира карактеристичната градска морфологија на наслебата во негова непосредна близина. Долниот волумен, кој ги опфаќа приземјето и мезанинот е дополнително заштитен со подвижни метални панели во бронзена боја, истите имаат можност лесно да се поместуваат во зависност на потребите на корисниците.
Во целост објектот овозможува лесен пристап на посетителите и вработените, додека програмската организација овозможува целосно сместување на предвидениот број на вработени по сектори.
Анализи
ФУНКЦИОНАЛНО РЕШЕНИЕ
Во долниот волумен доминира содржина која овозможува флуидност на движење за посетителите, додека во горниот волумен е распределена програма која е во функција исклучиво на потребите на општинската зграда и вработените во неа.
Паркирањето е решено во склоп на две подземни нивоа, до кои се пристапува со коса армирано бетонска рампа, каде што се обезбедуваат вкупно 45 паркинг места, од кои две се паркинг за лица со посебни потреби. На подземните нивоа се обезбедени и дополнителни технички простории.
На ниво на партер, непосредно до влезот во објектот, се предвидени и паркинзи за велосипеди за вработени и посетители.
Влезот на ниво на приземје е обезбеден преку инфо пулт / чуварница, преку кој се пристапува во отворено фоаје, над кој се отвора и вертикалниот атриум кој се протега низ сите погорни нивоа. На ова ниво се сместени содржини кои треба да се достапни и за посетители, како писарници и архиви, подрачни единици, сала за собир на граѓани, како и ресторан со кујна.
Над приземјето е предвидено уште едно ниво – мезанин, заради задоволување на обемната програма која ја бара објектот. На ова ниво се сместени мали сали во служба на секторите од погорните нивоа, кои по потреба можат да се спојат во една голема сала, преку систем на подвижни прегради. На ова ниво е сместен и секторот за јавни набавки, човечки ресурси и внатрешна ревизија.
На ниво 1 се наоѓаат сектор за комунални работи, сектор урбанизам и сектор инспекција. Предвидени се и сите попратни технички простории за истите.
На ниво 2 се наоѓаат сектор финансии, сектор правни работи, и сектор за образование, спорт, култура и заштита.
На ниво 3 се сместени канцеларијата на градоначалникот, сектор за работа со градоначалник, координатори, како и оддел за работа со совет.
Вертикалната комуникација меѓу нивоата е обезбедена преку скали и лифтови поставени централно во објектот. Дополнителна комуникација во случај на евакуација е обезбедена преку надворешни скали, сместени на југоисточната страна од објектот.
Објектот е завршен со кровна градина, до која има директен пристап од приземје и истата овозможува комодитет, простор за уживање како и карактеристични погледи кон градската околина.
ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ОДРЖЛИВОСТ НА ОБЈЕКТОТ
Фасадата која е предвидена како двојна (вентилирана) стаклена ѕид-завеса, овозможува контролирано и ефикасно одржување на температурата во објектот, како и заштита од надворешните температурни разлики.
Воздухот кој што се наоѓа во просторот за вентилација е потопол од надворешниот и тежнее да излезе низ врвот на фасадата. Притисокот на воздухот предизвикува поголема вентилација во самата фасада. Ваков вид на фасада е познат и како ветерна фасада, фасада со воздушен слој или облога. Овие фасади можат да бидат со механичка вентилација или пак фасади каде воздухот слободно циркулира.
Просторот за вентилација, го регулира преносот на топлината и овозможува брзо испарување на водата. Поради вентилацијата самата изолација е сува и оптимално ефикасна. Овозможува заштеда на енергија и допринесува за звучна и топлинска заштита.
Надворешната стаклена фасада е фиксна, додека внатрешната фасада овозможува и мануелно вентилирање на просториите преку прозори на кипањ.
Нивото на кровната градина, кое партерно е уредено на делови со тревна површина и зеленило, а на делови како поплочена површина, е идеална за поставување на соларни панели со цел ефикасно искористување на обновливи извори на енергија при експлоатација на објектот.
Автор на статија: Filip Koneski
Администрација / Аеродром / Благој Даскалов / Илчо Илиевски / Јана Брсакоска / Конкурс / Општина