Основно училиште „Св. Климент Охридски”, Охрид / Балабанов

Одговорен проектант: Павел Балабанов

Биро: Завод за урбанизам и архитектура – Охрид

Година на изведба: 1979

Локација : Охрид, Дебој

Објектот на основното училиште „ОУ Св. Климент Охридски” подигнат во 1979 година од страна на Павел Балабанов претставува еден уникатен објект подигнат во старото јадро на градот Охрид. Истото е тестамент на зрелоста на македонските архитекти и претставува врвно дело кое го прикажуваат модерниот регионализам и неговиот чувствителен пристап кон атрибутите на традиционалната архитектура и нивно разбирање и толкување кон создавање на нова модерна архитектура.

 

Локација на училиштето ©N.B Photography / МАРХ

 

Лоцирано на еден од двата рида кои ја дефинираат топографијата на градот Охрид, ридот Дебој непосредно до средновековните цркви на Богородица Перивлепта и Свети Константин и Елена, објектот сосема природно и лесно се наметнува во контекстот на градот и непречено го зазема своето место во густата урбана структура на Охрид. Умешноста на Павел Балабанов е уште повеќе јасна во неговото оформувањето на теренската топографија во самата архитектура и циркулација на училиштето, во вид на еден органски пристап, со осет за пропорција, мера и со посветено големо внимание на неговата висина. Школото не е дефинирано со изразена пластичност во обликувањето, туку се изразува со едноставност, рационалност и пред сѐ функционалност.

 

Фотографии по изградбата на училиштето 

За реализацијата на основното училиште „ОУ Св. Климент Охридски”, Павел Балабанов ја добива престижната награда ,,Борба” во 1980 година, за најдобро архитектонско остварување во Југославија, како и републичката награда за најуспешно архитектонско остварување. Проектот е публикуван во огромен број на часописи и весници.

 

Исечок од списанието Наш Дом 1981 

Обликувањето на објектот е оформено павиљонски и рационално, со расчленети волумени кои се поврзани со линиски коридори. Централното место во комплексот и го зазема алулата со нејзината мултифункционална намена и циркулација. Во архитектонска смисла вредноста на училиштето е добрата организација на просторите кои ги служат пред сѐ учениците.

Основа на приземје ©МАРХ

Проектот е изведен според архитектонското урбанистичко решение за пределот на ридот Дебој. Според истото единствено уличиштето ќе биде изведено од предвидените објекти.

 

 

Архитектонско-урбанистички проект за Св. Климент 

Балабанов за самиот објект ќе изјави: ,,Просторот кој го користев е традиционално врзан за науката, културата и образованието. Задачата имаше своја привлечност, но и опасност: да се даде ново, но да не се урива старото. Се трудев да не ги копирам старите облици и материјали, а сепак да остварам континуитет во традицијата.
Мислам дека само формите и материјалите не се тие кои врзуваат за наследството. Треба да се проникне во самата содржина и духот на поднебјето” (Нова Македонија, 22.02.1981)

 

Изглед на училиштето, 2017 ©МАРХ

Фасадната обработка е од фасадна црвена цигла со малтерисана структура.  За кровна покривка, архитектот го одбира лимот, покривка која му дава друг однос и пристап со околината со доминантно кровови од керамиди. Големо внимание е посветено на партерното решение , каде скалесто се решени повеќе пристапи кои го совладуваат теренот.

 

Внатрешна состојба , 2015 ©Радица Ѓорчева

Професорот Борис Чипан во Стара градска архитектура во Охрид, (1955,1982) ќе напише: ,,Убеден сум дека добро образован архитект, со правилно разбирање на изложените елементи, ќе најде современ архитектонско-пластичен израз во полна хармоничност со старата архитектура”

Може да се каже дека Павел Балабанов успева во горе напишаното, во потрага на еден современа форма која е во хармонија со градот и топографијата и врамува еден објект кој денес е дел од културното наследство на градот.

 

Состојба пред подигањето на училиштето , 1938 @ФБ Охрид слики од минатото

 

Архитект Павел Балабанов е роден 1942 година во Охрид. Почина на 19 мај 2017 година. На Архитектонскиот факултет во Белград, во ателјето на професор Станко Мандиќ, дипломирал во 1969 година. Од 1970 до 1992 година работел во Завод за урбанизам и архитектура – Охрид, како самостоен и главен проектант, раководител на проектантски и работни тимови, при проектирање на сите видови објекти. (Портa 3)

 

Благодарност до Радица Ѓорчева диа, која ги достави архивските материјали.