Парергон на паркот / Јованоска

Автор: Сара Јованоска

Проектна задача: ПАРЕРГОН НА ПАРКОТ

Локација: Градски парк, Скопје

Предмет: Интегративно студио 9.1

Семестар: IX семестар, 2021/2022

Ментор: доц. Д-р Саша Тасиќ

Педагошки тим: проф. Д-р Минас Бакалчев, доц. Д-р Саша Тасиќ, ас. М-р Марија Петрова, ас. М-р Александар Петановски, дем. Сара Алаѓозовска

Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет, Скопје

 

 Авторско образложение:

Градскиот парк како поширока локација претставува епицентар на најразлични социо-културни настани, на секојдневни поминувања и дружења. Денес во него се сместени траги од различни  градби од историска важност во Македонија, скулптури и градби на едни од најзначајни и највлијателни уметници и архитекти во државата меѓу кои се: Гроздоберка од Димо Тодоровски скулптури од Јордан Грабуловски, фонтана Лотос од Мирјана Милановиќ – Волињец.

 

 

Во потесна локација избраниот локалитет е југозападниот раб на паркот. Транзитната зона, место помеѓу /inbetween/, на градот и паркот. Влезното плато со фонтаната Лотос е на југоисточната страна. Од него тргнува свечената променада кон споменикот на Гоце Делчев на аксијалата север-југ. На североисточната страна е водената површина, езерце, дел е од иригациониот систем на паркот. Паркот е составен од низа наслоени теми на центри и локални аксиали.

 

 

Постојната состојба на локацијата претставуваат ‘времени’ бараки уште од периодот после земјотресот во Скопје. Самата генеза на концептот на овој проект започнува од нив: во одредени правци да се задржи нивната трага и на тие точки да се јават вертикали кои јасно ќе ја дефинираат таа рамка на паркот што всушност и претставува поимот парергон.

 

За таа граница на паркот како рамка да биде комплетна, на останатиот дел од локацијата е поставена една апсолутна површина во вид на трем, која по пат на длабење (онаму каде е постојната вегетација и на одредени места органски форми, кои навидум изгледаат случајни и непланирани, но се во реалност отпечаток од негативот кој го создаваат крошните од постојните дрвја) добива една порозност. Надоврзување на вегетацијата се прави и со столбовите на кои е носен овој трем: тенки вертикали со минимални димензии и кружен пресек кои како збир и самите тие преставуваат една шума од столбови.

 

 

Под овој трем се формира отворено пириземје / плато кое добива топографија: благо, нерамно пешачко движење кое повеќе упатува на природата, без претходно дефинирани траектории, што му овозможува на посетителот сам да го создаде својот пат на движење. Паралелно на него, топографија добива и самиот трем, со ова во приземјето се создаваат најразлични простори: извишувања,ридести моменти, вдлабнувања, водени површини, кои како такви се наменети за мали социјални и културни настани. Летвите од постојните бараки се предвидени како материјалзација односно облога на новиот трем, со нова репрезентативна црвена боја – рециклирана архитектура.

 

 

Станбените кули – вертикали, кои повторно, со минимални димензии во основа, без наметнување на паркот се стремат да овозможат квалитетно и хумано времено домување. Природата како главна тема во самиот проект ја дава и генезата на структурата на истите. Направена е паралела со живиот организам (визулено претставено на слика во прилог): од клетка, ткиво, потоа орган, се формира еден организам за на крај повеќе такви да бидат во симбиоза и меѓусебна зависност. Како што самите кули се рамка или граница на паркот кон градот и нивната структура, односно конструкција е поделена во однос на таа рамка: кон градот – масив (граница, јасно дефинирана рамка), кон паркот – скелет (порозност, отварање кон природата). 

 

 

Сите кули, девет на број, се идентични во однос на нивните димензии и конструктивни решенија, но се разликуваат во нивната типологија и организација на просторот. Се јавува времено домување како ќелија, домување за пар, за самохрани родители, канцеларии, креативен простор, вертикален музеј и други. Со сите овие типологии на основи се создава вертикално напластување на програмата. Еден ваков фрагмент може да се појави било каде како различно сценарио.

 

 

Исто така, независно од нивната програма овие кули не секогаш мора или може да бидат сто проценти исполнети, во дијаграмот со процентуално исполнување на кулите се визуелно прикажани варијанти на исполнетост од 30%, 40%, 70%, 50% итн. Целта на оваа идеја е да се упати на потенцијалот дека празното, неисполнетото може да се насели, и повторно да се отсели. Но секогаш структурата, основната архитектонска супстанца, која е дадена е токму она што го гледаме. Станува збор за сценарио на употреба во време на некоја иднина – во која не знаеме точно како ќе се користи, во времето на сегашноста – така како што е, и претпоставено минато како просторот се користел.

 

 

Овој проект е наменет да ја прикаже архитектурата како инфраструктура: нешто што може да прими живот, да насели, да создаде програма. Да укаже дека може се создаде оптимално времено домување во минимални размери.