Плоштад пред Чифте Амам

Биро: Завод за  урбанизам и архитектура – СКОПЈЕ

Година: 1965-1971

 

„Просторот пред Чифте -амам, иако со доста вредни објекти, денес претставува еден од најнеуредените локалитети во Чаршијата. Хаотично и неконтролирано изградените занаетчиски дуќани и угостителски објекти наполно го сокриваат визуелниот контакт со архитектонски атрактивниот амам.

 

Објекти предвидени за отстранување според проектот

 

Проектот за оформување на плоштадни површини пред Чифте-амам предвидува повеќенаменски простор, што ќе има и задача да ги експонира квалитетите на споменикот. Исто така, проектот предлага,  на просторот пред Муратовата џамија – со стариот шадрван како  мирен озеленет простор за одмор, пешачки простор со партерно издиференцирани комуникативни и над се атрактивни површини, со застапена партерна пластика, голема и богата фонтана и летна тераса.

 

Објекти предвидени за отстранување според проектот

 

Се предлага партерно оформување на плоштадот да биде со квалитетни травертин и мермерни плочи со смислено распределени цветни површини и композициски усогласени зелени солитери. Се предвидува ослободување на џамијата од околните невкусни објекти, односно нејзино вклопување во околното зеленило.

Предвидената фонтана ќе биде изведена од камени травертин плочи со детали на партерна пластика и богата програма и светлосни ефекти.

 

Ситуација / Партерно решение со отворена основа на Чифте-амам

 

Осветлувањето на плоштадот и спомениците што го оформуваат треба да биде посебно третирано. Во секој случај, ќе бидат дадени можности да се експонираат архитектонски неповратливите елементи на куполите на амамот, неговата убава ѕидна пластика, како и вредностите на околните објекти.“

Образложението е цитирано од оригиналниот запис од изворот >>>   „ Стара скопска чаршија“ – Тихомир  Арсовски  1971