Плоштад на независноста / Милојеска, Мицевска, Андонова

Автори: Ирена Милојеска, Натали Мицевска, Елена Андонова

Година: 2020

Локација: Подгорица, Црна Гора

Наслов на конкурсната задача: Меѓународен конкурс за изработка на идејно архитектонско и урбанистичко решение за Плоштадот на Незавиноста во Подгорица, Црна Гора

Награда: Второ место

Жири комисија:

Никола Дракиќ – претседател на комисија

Драган Вуковиќ – главен државен архитект

Милан Ѓуриќ – архитект

Саша Беговиќ – архитект

Симеун Матовиќ – градежен инженер

Филип Алексиќ – главен градски архитект

Милјан Баровиќ – секретат на Секретаријатот за планирање на простор и оддржлив развој

 

Во јули 2020 година е распишан меѓународен, анонимен и еднофазен конкурс за изработка на идејно архитектонско и урбанистичко решение за Плоштадот на Незавиноста во Подгорица, Црна Гора, чија основна цел беше да се одбере дизајн кој ќе биде во согласност со потребите на граѓаните и посетителите на градот Подгорица и на препознатлив и уникатен начин ќе обезбеди активно користење на тој простор.

 

 

Анализи

 

Барањата на конкурсната програма вклучуваат, редизајнирање на површината на постоечкиот плоштад, решавање на сообраќајот и движењето во поблиската околина, како и обезбедување на три подземни нивоа, од кои првото ќе вклучува мали трговски единици, а другите две, подземен паркинг кој ќе помогне во решавање на проблемот со паркирањето во таа зона.

За таа цел, второнаградениот труд под шифра COLLIS91, предлага ново читање на типологијата-плоштад, во кој истиот ќе претставува нов симбол на градот и ќе биде фокус на социјална интеракција, а истовремено ќе понуди решение за сите недостатоци кои го направиле овој простор неатрактивен и неупотреблив.

 

 

Аксонометриски приказ

 

Градските плоштади, како места за демократско и културно изразување во современите градови, се клучен стимул за развојот на еден град. Градските плоштади ја отелотворуваат енергијата на граѓаните и заради тоа е од голема важност да се укаже на улогата на плоштадите во граѓанското изразување и на она што е потребно за да се врати животот во овој јавен простор. Социјалните интеракции се овозможени од динамички релации помеѓу просторот,формата и функцијата. Ако се осврнеме на развојот на градот низ годините, се помалку можеме да се потпреме на познатите урбани типологии и принципи.

 

 

Плоштадот на Независноста во Подгорица, со својот статичен и неартикулиран урбан пејзаж полека се губи од колективната меморија на Подгорица како место на културни и социјални случувања. Долгиот процес на општествена транзиција, како и просторната фрагментација заради бројни неврзани зафати и интервенции на просторот оставиле белег на околните зданија и самиот плоштад. Плоштадот на Независноста повеќе не претставува интегрален дел на јавниот живот и фокус на главните градски случувања во Подгорица.

 

3д визуелизација 

 

За да се промени таквата моментална состојба на тој простор, овој авторски труд предлага низа на постапки, почнувајќи со согледување на просторните карактеристики од урбанистички аспект, преку решавање на сообраќајот и пристапот до плоштадот и додавање на нови пропратни содржини. Предложено е претворање на околните улици во пешачки зони со цел да се зголеми зафатнината на плоштадот како јавна површина. Ортогоналната улична мрежа ќе остане непроменета со преусмерување на сообраќајот во две подземни едносмерни улици. (Бокешка и Вучедолска улица) Овие подземни улици се користат како рампи кон подземните нивоа (-2 и -3) под плоштадот искористени за паркирање. На првото подземно ниво (-1) е комерцијалниот кат со неутрален план кој може да прими секаква програма и да се прилагоди на секое идно сценарио. Преку модуларни простори со стаклени прегради, планот дозволува секаква измена без промена на првичната хипотеза.

 

3д визуелизација / Дневна и  ноќна атмосфера

 

Новото решение ја почитува големината и значајноста на плоштадот и заради тоа пристапот е воздржан и минималистички во однос на архитектонска интервенција, но сепак присутен како архитектонски гест.  Читајќи ја ортогоналната матрица на градот, се задржува главната оска од Његошев Парк, преку Националниот театар и Библиотеката до плоштадот, но се воведува и дијагоналата преку охрабрување на движење надвор од x,y оските со прекршување на класичното видување на типологијата плоштад како правоаголна форма со две димензии. Воведена е третата димензија со цел да се предизвика  динамично читање на просторот. Тоа што било унифициран, замрен простор сега е спој на неколку закосени плочи,секоја од нив продолжувајќи го времето на посетителот и овозможувајќи различни висти од неколку денивелации и случување на различни активности на различни делови од плоштадот симултано.

 

3д визуелизација 

 

Ова решение нуди скулптурална експресија која се повикува на локалниот црногорски релјеф и овозможува суптилна транзиција помеѓу просторот надвор и просторот внатре.

 

 

 

Поглед од воздух

 

Овие плочи овозможуваат споменикот  да биде во центарот на вниманието од повеќе нивои.  Поплочувањето на плоштадот, како и клупите и жардињерите  се изведени  со локален камен варовник заради неговата трајност и отпорност на временски непогоди. Секоја жардињера е поврзана со дренажен канал за оптимална иригација и дренажа на целиот плоштад. Флората на плоштадот е составена од повеќегодишни растенија како Hosta, Sedum Herbstfreude, Alchemilla, Anemone, Kalimeris, Persicaria, Nepeta  итн. Фасадите на јавните зданија се преобмислени со парчиња перфориран лим,додека пак фасадите на станбените објекти стануваат дел од плоштадот со комбинирање на аерирани брисолеи и перголи кои служат за засенчување на пешачките патеки окулу плоштадот. Користејќи вертикално зеленило како пасивен пристап кон одржлив дизајн, истото игра клучна улога во регулирање на температурата и преносот на топлина во објектите. Флората на комерцијалното ниво е овозможена со екстензивен систем кој дозволува различни растенија да виреат на ова ниво.

 

Основа на подземно ниво 

 

Пресеци

 

 

Извадок од рецензијата на жири комисијата:

,, Втората награда се доделува на исклучително чист и концептуално јасен труд. Просторната едноставност на плоштадот е постигната со минимални средства и постапки. Нивелацијата на плочите на плоштадот, кои благо се закосуваат кон самиот центар на истиот, остваруваат одлична просторна сензација. Ова решение му дава сценичност и скулптуралност на плоштадот до степен на создавање на класична сила на самиот простор. Поделбата на плоштадот на две подцелини, овозможува просторно смалување и отвара можност за случување на различни активности во различни делови истовремено. Тоа може да се смета како предност но и како мана на ова решение. Од една страна се овозможува оддржување на повеќе мали случувања, но се смалува можноста за оддржување на еден голем настан низ целата површина на плоштадот. Но тоа никако не ја смалува одличната разработка на концептот за тој урбан простор. Сите останати елементи се одлично и складно дизајнирани во согласност со потребите. Соодветно се решени пешачките и коолските движења, зеленилото, урбаната опрема како и приказот на различни можни програмски содржини. Трудот допринесува за активно реобмислување на урбаниот јавен простор. ,,