Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса?

АКТО18 ја најави програмата за месец октомври, под името: Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса?

АКТО ве кани на едукативна програма, изложба, проекција на филм и разговори, испреплетени низ архитектурата, уметноста, филмот, театарот, и инспирирани од грижата од нас кон другиот и просторите помеѓу.

13.10.2023(петок) / 19:00 часот
ЛОКАЦИЈA: Амфитеатар на АРХИТЕКТОНСКИ ФАКУЛТЕТ СКОПЈЕ (Бул. Партизански одреди 1000 Скопје).

-Премиера на филмот ВИТИЌ ТАНЦУВА / режија: Борис Бакал / Хрватска / 2023. / 90′
https://bacaci-sjenki.hr/en/projekti/hrvatski-vitic-plese/

 

„Витиќ танцува“ е долгометражен документарен филм на концептуалниот интермедијален уметник Борис Бакал и уметничката организација „Фрлачи на сенки“ (Bacači sjenki) за дваесетгодишната борба на станарите на Витиќевиот облакодер за обновување на повеќестанбената зграда во Загреб, ремек-дело на модернистичката архитектура, која на тој начин станува метафора на целото општество. Хипертекстуална приказна за истражување на целта и залудноста на индивидуалното застапување за општото добро.

Филмот опфаќа период од околу петнаесет години, а преку архивски снимки и сведоштва на поранешни и сегашни жители на Витиќевиот облакодер,архитекти, активисти и други инволвирани актери, се обидува да воспостави свест за инфраструктурата во служба на заедницата. Со помош на афирмативните практики на домување и кохезивната функција на архитектурата, во фокусот на интерес на филмот е Витиќевиот облакодер, изграден на крајот на педесеттите години од 20 век во Загреб, како пример за имплементација на модернистичка архитектура во урбаниот пејзаж.

Тоа е зградата во која се рефлектираа сите клучни општествени моменти и несогласувања. Вреден и долго запоставен споменик на културата, Витиќевиот облакодер истовремено е и показател за систематска негрижа кон социјалистичкото наследство, но и за парадоксот на поранешниот систем. Нормализацијата на клиентелизмот и корупцијата, недоволниот капацитет за домување во Загреб, систематското запоставување на јавните простори и отсуството на урбанистичко планирање се теми што се рефлектираат во филмот на Бакал со облакодерот како главен протагонист.

Филмот е продуциран од мултимедијалната уметничка организација „Фрлачи на сенки“, во копродукција со Хрватската радио-телевизија, а кофинансиран е од Хрватскиот аудиовизуелен центар, Град Загреб и потпрограмата „Медиа“ како дел од програмата „Креативна Европа“.

 

14.10.2023(сабота)/ 12:00 часот
ЛОКАЦИЈА: КИНО ВО ЖЕЛЕЗНИЧКА ЗГРАДА (Ул. Борка Талевски 26, Скопје)

– Отворање на изложбата Попаметен град 3.0 – Феникс или Апокалипса? + разговор

Оваа програма и изложба има цел да го демистифицира авторитативниот дискурс за закрепнување од катастрофи што се фокусира исклучиво на зградите – „тули и малтер“ – кои се само физичкиот аспект на градот.

„Фрлачите на сенки“ (Bacači sjenki) имаат долга историја на уметнички проекти, кои би можеле да ги наречеме „живеење со згради“, нагласувајќи го единството на згради, зборови/уметност и тела/луѓе. Сега нè предизвикуваат да прашаме зошто две години по двата разорни земјотреса во Загреб и во Сисачко-мославинската жупанија ништо не е направено за да им се обезбеди на овие луѓе повеќе од основно сместување или зошто она што е направено е толку занемарливо што може да се нарече необновување на овие градови и места. Процесот на закрепнување по катастрофи беше централизирано планиран и спроведен, бидејќи одговорните (владата и локалните функционери) се стремеа да го следат пристапот одозгора надолу, кој не ги вклучи погодените заедници во нивниот сопствен процес за закрепнување.

Потпирајќи се на претходното разбирање на архитектурата како метафора на општеството, со „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“ „Фрлачите на сенки“ нè провоцираат со прашањата: „Како да се ангажираат луѓето и нивните заедници за време на природни катастрофи?“, „Каде да се најде солидарност за време на катастрофа?“ и „Што ако отсуствува таков човечки однос?“ Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков беше пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како „феникс“. (Вонр. проф. д-р Сандра Ускоковиќ).

 

Продукција: Факултет за работи што не се учат – ФРУ: Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО; Ивана Васева, кураторка; Благица Петрова, координациска и финансиска менаџерка; Ивана Самандова, програмска координаторка; Моника Стојановска, промоција, Андреа Маркоска, продукција. Креативен тим дел од платформата Градот како сцена: Димитар Милев, Мартина Пенева, Тамара Џерков. Дизајн: КОМА студио.

 

Извор >>>

 

Автор на статија:

/ / /