Повикот за партиципанти 2024 / ЕАСА MK (EUROPEAN ARCHITECTURE STUDENTS ASSEMBLY)

Во прилог ви го пренесуваме повикот од ЕАСА Македонија за настанот кој ќе се одржи во Шпанија.

За истиот можете да аплицирате на следниов линк.

Повеќе за ЕАСА Македонија можете да пронајдете на следнава веб страна

———————————

Настанот EASA Shanzhai 2024 ќе се одржи во Бенидорм, Шпанија. Термините за настанот се 28.07 – 11.08. Ова е двонеделен настан каде што разни работилници, предавања и семинари ќе ја анализираат централната тема на Шанжај (Shanzhai).

Околу ЕАСА

ЕАСА (Европска Асоцијација на Студенти по Архитектура) е непрофитна, децентрализирана мрежа, организирана и предводена од волонтери, каде што студенти и млади архитекти соработуваат во хоризонтален процес на пресекот помеѓу неформалното образование и архитектонската практика. Годишниот настан на ЕАСА е организиран секоја година (од 1981 па до денес) на нова локација од различен национален тим, со околу 500 меѓународни учесници и околу 35 работилници, во времетраење од две недели. Во овој период, студентите и професионалците формираат самоорганизирана архитектонска заедница каде што работат, учат, одмораат, готват, јадат, чистат и живеат заедно. Покрај тоа, програмата на настанот е дополнета со екскурзии, изложби, отворени дискусии и спонтани изведби.
Преку ситуирање на ЕАСА во одреден контекст, дефиниран од локацијата на оддржување и темата која ја одредува организирачкиот тим, учесниците се предизвикани и охрабрени самите да покренат архитектонски прашања и да ги истражат низ различни пристапи и ставови. Работилниците се главниот дел од програмата на еден настан, при што поголемиот дел од денот е наменет за нив. Темата се истражува колективно преку работилници кои на различен начин ја (ре)интерпретираат истата. На крајот на настанот, секоја работилница го претставува она што се развивало и создавало во текот на нејзиното одвивање. Притоа, работилниците секогаш имаат за цел да создадат знаење од кое може да имаат корист и останатите учесници во тековниот или следните настани, но и пошироко. Можеме да ја замислиме ЕАСА како групен истражувачки проект, каде што сите проекти, активности и дискусии што се одржуваат градат заедничко разбирање за темата што истиот ја истражува. Сепак, ЕАСА е многу повеќе од летна школа. Таа овозможува простор за експериментирање и претставува исклучиво стимулирачка средина каде што сите учесници споделуваат и истражуваат идеи во една архитектонска заедница, притоа овозможувајќи го нејзиното (само)оддржување.
Овогодинешниот настан ќе се оддржи во Бенидорм, Шпанија, од 28 јули до 11 август, и е организиран од тимот на ЕАСА Шпанија. Темата избрана за 44-тиот собир на ЕАСА носи наслов: Shanzhai.

Околу темата

Shanzhai е кинески неологизам кој се однесува на ‘knock-off’ електронски производи и настани, како и субкултурата што ги опкружува. Јужнокорејскиот филозоф Бјунг-Чул-Хан (Byung-Chul-Han) го објаснува како поим кој се однесува на присвојување на форма или идеја, отфрлајќи го притоа нејзиниот првичен статус. Тој укажува дека неговата привлечност лежи во функционалната варијација, како дел од анонимен, колаборативен процес на континуирана комбинација и мутација. (Shanzhai: The Art Of Falsification And Deconstruction In China, Byung-Chul Han, 2016)

Неговата современа употреба е поврзана со концептите на имитација и пародизација, а во најлош случај овој термин се однесува на фалсификување на комерцијални производи. Меѓутоа, овие предмети не претставуваат наивни или груби фалсификати, напротив тие често пати се исто толку добри, па дури и подобри од оригиналите. Иако некои shanzhai производи се наменети да го измамат купувачот, повеќето од нив се лесно препознатливи како копии што најчесто го содржат она што недостасува во оригиналот. На запад, овие производи се категоризираат како пиратерија, но во Кина оригиналите континуирано се деконсруираат и реинтерпретираат, препознавајќи “непобитна усогласеност помеѓу чинот на “крадење” и искажувањето омаж” (Shore, 2017).

Во архитектурата, култот кон новитетот е немилосрден и догматски. Во образовниот систем, на студентите им се укажува дека копирањето е нечесно, мрзливо и погрешно. Иронично, ниту едно уметничко дело не е создадено без свесна или несвесна врска со се она што е создадено претходно. Креативните идеи не се ништо друго освен кумулативен резултат на соединување на илјадници извори, создадени од безброј творци низ историјата. Во неолибералното општество каде што индивидуалноста е капиталистичка алатка, авторското право се користи како екстрактивна културна и политичка техника која ги потиснува промените преку тоа што ги отрфла, бидејќи копиите ги перцепира како инфериорни, измамнички, и на крајот – незаконски.
Сепак, копирањето е начин на којшто луѓето, како социјални битија, учат да комуницираат – тоа е вродено и исконско однесување. На несвесно ниво, така ги апсорбираме информациите и го разбираме светот околу нас. На свесно ниво, во формални и неформални образовни системи, како слушање, пишување, правење…учиме преку искусување, кое самото по себе ги вклучува процесите на имитација и репродукција. Во контекст на овогодинешниот собир на ЕАСА, копирањето ќе се користи како конструктивна алатка и како незаменлив дел од креативниот процес. Ќе го користиме како алатка за учење, креирање и игра, како и начин за ослободување од инстутиционализираните форми на едукација кои ги приоритизираат индивидуалноста и уникатноста наспроти соработката и споделувањето.

Целта на ЕАСА Shanzhai е да го користи систематското копирање како демократизирачка алатка за креативно нарушување на одреден воспоставен идеал. Во суштина, идејата е да се користи имитацијата како средство за предизвикување и деконструирање на конвенционалната архитектонска практика и поттикнување на креативноста на начин кој е достапен и корисен за секого. Shanzhai е истовремено и концепт и алатка која може да се користи со цел реевалуација на темите на авторство, сопственост и споделување на знаење во архитектурата, но истовремено е и тема што овозможува истражување на сложени и меѓусебно поврзани глобални или контекстуално-специфични прашања, како на пример – урбанизацијата и економските модели и нивното влијание врз животната средина и (ре)продуцирањето на култури и урбани простори.
ЕАСА 2024 нема да има нови работилници. Преку shanzhai методологии, ќе биде промовиран процес на социјална и културна соработка што ги предизвикува и деконструира доминантните поими за автентичност и авторство во уметноста и архитектурата – користејќи систематско копирање на претходни работилници од минати ЕАСА собири. Работилниците-копии на оваа тема ќе и пристапат или концептуално – преку истражување на чинот на копирање и имитирање, или буквално – преку пресоздавање, рециклирање и пренаменување на предмети и материјали, или интелектуални и природни ресурси. Систематизирањето на процесот на копирање ќе биде користено како демократизирачка алатка за дизајн, неформално образование и архитектонска практика.
Копирајќи ја идејата на Денис и Роберт Вентури за работилница во Лас Вегас – Учење од Лас Вегас, 1972 – каде што предмет на разработка се новите, често занемарени архитектури и каде што го поставуваат прашањето за што всушност може да се научи од овој контекст, оваа година ЕАСА ќе Учи од Бенидорм.

Околу Бенидорм

Бенидорм е град во провинцијата Аликанте во Шпанија. До 1950-тите Бенидорм бил мало рибарско село. Откако пристаништето на градот било проширено и се изградиле првите хотели, тој станал препознатлив како популарна летна дестинација за луѓето од внатрешноста на Шпанија, но и за голем број туристи од Западна Европа. Првиот генерален урбанистички план за Бенидорм (1956) бил моделиран според Њујорк, со улици поголеми и згради повисоки од оние во Мадрид. Големата густина на градот му овозможува да вдоми околу 5 милиони туристи годишно, на крајбрежен зафат од само 7 километри.


Тој е комплексен, често погрешно разбран град. Шпанскиот архитект Луис Фернандез Галиано (Luis Fernández-Galiano) ќе напише за Arquitectura Viva (2003): “the McDonald’s of tourism, an admirable combination of quality and price that ignorant snobbery contemplates scornfully”. Слично на Мекдоналдс, Бенидорм во текот на целата година нуди ефтино место за одмор на луѓе со ограничени средства. По туристичкиот бум во Бенидорм во 1960-тите, економскиот и урбанистички модел бил копиран по должината на медитеранскиот брег, засекогаш менувајќи ги природните и социјалните пејзажи на шпанското крајбрежје.
Двојната, туристичко-станбена природа на Бенидорм претставува можност за истражување на современите модели на урбанизација и социо-економски процеси, како и нивните ефекти врз урбаните и природните територии, идентитети и култури. Shanzhai може да се аплицира како концепт-алатка за анализирање на сложени теми и прашања кои се однесуваат на употребата на земјиштето и природните ресурси, како и социјалните активности и просторните искуства.
Во 2011 година, ЕАСА беше оддржана во Кадиз, Шпанија, под темата deCOASTruction, осврнувајќи се на деконфигурацијата на шпанското крајбрежје од 1960-тите па до денес, причинета од масовниот туризам и експанзијата на станбениот сектор. Урбаната и социјалната реалност на Шпанија претставува архитектонско, урбанистичко и еколошко прашање кое се уште е од голема важност и денес. Тринаесет години подоцна, ЕАСА повторно се навраќа на ова прашање, со цел да понуди свежа и објективна перспектива преку теоретски и практични работилници кои имаат за цел да го анализираат овој специфичен контекст, да ја препознаат неговата особена вредност и да го негуваат неговиот потенцијал.
Демократизацијата на плажата меѓу шпанската средна и пониска класа, како и популаризацијата на Шпанија како летна дестинација за одмор, е вешто прикажана во фотографиите на британскиот фотограф Мартин Пар (прикажани погоре), кој исклучително добро го доловува масовниот туризам и консумеризам кој има огромно влијание врз сликата на Бенидорм. За време на ЕАСА Shanzhai ќе ја истражиме оваа слика и реалностите на масовниот туризам, моделите на масовен консумеризам, како и репродукцијата на култури, преку копијата како катализаторна алатка.

Во тек е отворениот повик за учесници на ЕАСА Shanzhai, кој можете да го најдете тука.

Потенцијалните учесници треба да аплицираат преку извршување на зададената задача и пополнување на прашалникот. Крајниот рок за аплицирање е 1-ви мај, до крајот на денот. Среќно!

За сите останати информации и тековни новости следете не на @easa.macedonia.