Предлози до идните градоначалници / 2: Јавни тоалети

Унифициран изглед на јавен тоалет во Париз. Фото >>>

 

Скопје, како и останатите градови во Македонија, има сериозна потреба од јавни тоалети. Раздвижувањето на странските посетители во државата има позитивен тренд изминатата деценија, меѓутоа нашата свест околу јавната хигиена е сеуште ниска.

Потребата од јавни тоалети не треба да се води единствено од аспект на удобност на странските туристи, туку пред се од потребата на сопствените  граѓани. Овој недостаток во случај на јавни настани се надополнува со мобилни тоалети, но тоа се секундарни решенија, додека трајните не успеавме да ги организираме и одржиме во кондиција.

Светските метрополи го решаваат различно овој проблем, но генерално сите имаат концепт за истото. Од унифицирани идеи и дизајн до секакви алтернативни форми.

 

Алтернативна форма на јавни писоари во Амстердам. Истите како решение беа обвинети за дискриминација на женскиот пол. Фото >>>

 

Во Скопје јавни тоалети постојат во ГТЦ кои се достапни поради отворениот карактер на објектот, потоа градскиот парк и помешу овие точки под мостот „Гоце Делчев“. Но ниту еден од нив не е во добра состојба, истите се руинирани и по секое обновување, тие не траат повеќе од 1-2 години.

Затоа мора да се донесе стратегија, која можеби ќе создаде потреба од  оддел во одредено претпријатие, или целиот концепт може да биде предмет на приватна концесија. Не е спорно да се наплатува употребата на истите, но мора да се постават стандардите преку функционалноста, хигиената и постојана присутност на вработено лице со распоред на хигиена и оддржување. Другата форма се автоматизирани тоалети, каде машински тоалетот сам се дезинфицира и чисти.

 

Јавни тоалети во Токио. Видео >>>

 

Онаму каде не е возможно да се постави ново и самостојно решение, може да се размисли и за инкорпорирани решенија, во постоечки објекти,  преку откуп или изнајмување на локали  кои ќе бидат претворени во јавни тоалети. Неформално ваков карактер имаше тоалетот во City Gallery  на самиот плоштад Македонија, но сопствениците често го затвораат поради општата употреба.

До тие подобри времиња,  јавни површини за уринирање во центарот на градот се Камениот мост, темните сокаци, тарабите на објектите во замрзнат процес на градба, Кермес итн.