Предлози до идните градоначалници / 3: Порозни улици

 

Најголем процент од јавните површини во нашите градови се самите улици. Во изминатиот период конечно се освестуваме дека овие градски артерии треба да сместат повеќе од проток и паркирање на возила, па се актуализираше потребата за повеќе градско зеленило, пешачки и велосипедски патеки.

Но, една клучна функција на градските улици се уште е заборавена – справувањето со атмосферските води. Живееме во ера каде природните катастрофи се почесто ќе ни тропаат на врата, а само пред 5 години така во Скопје нѐ посети поплава која со себе зема 20-ина жртви.

 

 

 

Фотографија од поплавата во Скопје во 2016 / www.skopje24.mk

 

 

 

Се додека нашите градови растат и асфалтираме сѐ наоколу, поплавите ќе стануваат се почеста појава. Но ако градовите се проблемот, градовите можат да бидат и решението.

Насекаде низ светот урбанисти наоѓаат различни дизајни на улични површини кои наместо да ја преоптоваруваат градската канализација, ја пропуштаат водата во самата почва.

 

 

 

 

Пилот проектот Climate tile дизајнира улични плочи со минимални отвори кои враќаат до 30% од дождовната вода / www.archdaily.com

 

 

 

Kласични бекатони со порозни споеви мора да се минимумот, а за поголеми површини потребно е да идеме еден чекор погоре. Барем во некои делови мора да користиме блокови со поголеми отвори кои пропуштаат поголем процент на вода, а обично тие истовремено дозволуваат и раст на трева. Се разбира вакви нерамни површини не се соодветни за велосипедистите, мајките со колички или лицата со физичка попреченост, ама затоа се совршени за паркиралишта, паркови, плоштади, или за рабници околу шахти и дрвја.

 

 

 

Дизајн на паркинг со порозни бетонски блокови / www.marseillebuiten.nl

 

 

 

Сепак во Македонија сѐ уште е тренд целсоно да се асфалтираат уличните тротоари. Булеварот Босна и Херцеговина е една од најновите сообраќајници каде целосно потфрливме во полето на одржлив дизајн / фото: твитер профил на Град Скопје

 

 

 

Преку дизајнирање на слоевите под нивото на улицата може да обезбедиме многу здрава и природна инфилтрација која ќе биде корисна и за градското зеленило. Ова не мора да се комплицирани и скапи системи, туку може да се постигне со соодветен наклон и правилно димензионирани слоеви од чакал, песок и почва.

 

 

Пример на улични под-слоеви / www.cleanwateriowa.org

 

 

 

Дополнително, мора да дадеме поголем процент од нашите улици на едноставна отворена почва. Улиците навистина треба да сместат многу работи: коли, пешаци, знаци, трансформатори, билборди… и што сѐ не. Но, не секогаш го користиме нивниот вреден простор најпаметно. Дали навистина споредните станбени улици мора да имаат две сообраќајни ленти за петте коли кои поминуваат во еден час? Ослободување на една лента би значело толку многу вреден простор за зеленило што би ја трансформирало целата улица.

Доколку ослободиме подолга површина може да сместиме мали локални бразди или дождовни градини кои се најдобриот начин на решавање на проблемите со поплавите. Дополнително тие се одлични околности за растење на извонредни треви и цвеќиња кои самите создаваат цели еко-системи.

 

 

 

Пример на дождовна градина /  www.pinterest.com

 

 

 

Пример на урбана бразда за инфилтрација / www.flickr.com

 

 

 

Во архитектура често се среќаваме со предизвикот да сместиме многу функции во мал простор. Па бараме мултифункционални решенија и размислуваме во 4 димензии – сместување повеќе намени во едно зависно од периодот во кој се користат. Истиот пристап може да функционира и на ниво на град.

Најчесто за добар дизајн не се потребни повеќе пари, туку паметно планирање. Тоа е тоа што нашите градоначалници треба да го промовираат!

 

 

 

Пример на порозен пејсажен дизајн / www.kientrucpho.com