Предлози до идните градоначалници / 6: Ревитализација на градските реки
Насловна фотографија: р. Треска, Скопје / фото: Борис Јурмовски
Повеќето градови во Македонија се основани во непосредна близина на реки. Тоа е бидејќи во минатото имало живот само онаму каде што имало вода.
Реките примарно се користеле како извор на вода за пиење и агрикултура, но имале и низа секундарни функции: природна препрека за непријатели, магнети за флора и фауна, и спиритуални локалитети за дамнешните религии.
Историски приказ на р. Драгор во Битола / извор: babambitola.mk
р. Вардар низ историјата / извор: македонски портали и блогови
Но, откако античките Римјаните ги создадоа првите аквадукти, уталитарната функција на градските реки почна да избледува. Векови подоцна преку подземна мрежа го поврзавме секој дом со самите извори, по што остаток од нивните водотеците веќе престанаа да бидат важни.
Па така во нашите реки почнавме да го ставаме се она од кое сакаме да се „отарасиме“, отпадни води, токсични материјали, шут, ѓубре… Некогашните животни артерии на нашите градови, се претвори во нивните дебели црева.
р. Вардар обоена од отпадни води / извор: www.mkd.mk
Отпад во р. Кумановка и р. Пена во Тетово / извор лево: justall24news.com, десно: twitter.com/ilinaangel
Иако градските реки повеќе не ни носат вода за пиење, тие се уште се голем дел од нашето природно и урбано опкружување. Се разбира клучно е организирано да пристапиме кон казнување на загадувачите и чистење на реките, но ова е само првиот од низа проблеми кои треба да ги адресираме.
Во изминатите години речните корита се под постојан напад од страна на градежната индустрија, која дури и во заштитените зони безкрупулозно го експлатира речникот песок. Додека овој природен ресурс е во голем недостиг насекаде низ светот, нашата држава издава дозволи за негово исцрпување за смешно ниски суми.
Со образложение дека се прави заштита од поплави, ископувањето на песок на р. Пчиња носи голем профит на приватни фирми / извор: prizma.mk
Воопшто, имаме развиено еден целосно неприроден однос кон најприродниот елемент во нашите градови. Динамични и непредвидливи корита решаваме да ги припитомиме до загрижувачки степен. Регулација на водотеците е потребна за заштита од поплави, но стопроцентното бетонирање на нивните брегови нема никакви оправдувања. Во екосистемот на речните користа спаѓаат и нивните брегови, а доколку целосно ги асфалтираме или покриеме со згради, наместо река ќе создадеме канал
р. Серава / извор: uip.gov.mk
Не треба да бараме далеку за да најдеме градови каде почитта кон реката се чита во самиот урбанизам.
Требиње е град со средна големина во Република Босна и Херцеговина, кој не прави ништо посебно околу својата река освен што ја остава да биде прекрасна.
Широки брегови со лимитирана градежна активност дозволуваат развој на богато и високо зеленило и по рабовите, и во самата река. Ова последователно создава цел екосистем полн со риби, вилински коњчиња, жаби, птици… Сето тоа е надополнето со еден едноставен и скромен пешачки кеј, паралелно на кој се развива уличната мрежа. Само во центарот автомобилите и се приближуваат на реката, но секогаш тие се одвоени со појаси на високо зеленило или вертикална денивелација. Надвор од градското јадро секое поголемо проширување покрај бреговите се користи или за рекреација или за земјоделие.
р. Требишњица, Требиње, БиХ / извор: creativecommons.org – Miljan Simonović
фотографии од Требиње / извор лево: tribunija.com, десно: gotrebinje.com
Доколку сме скептички дека ваквиот дизајн на речното корито би бил практичен во густа градска средина, преба да погледнеме само малку посеверно, во Љубљана, главниот град на Словенија. Тие на кејот имаат засадено стотици дрвја, дури и во самиот центар на градот, каде брегот е едвај 3 метри широк.
Дополнително самиот дизајн на речното корито ги привлекува жителите да имаат активен однос со нивната река. Освен што е ова најзелената пешачка патека во градот, таа е исполнета со видиковци, логично позиционирани мостови, паркови и низа рекреативни содржини.
р. Љубљаница која поминува низ самиот центар на Љубљана, Словенија / извор: www.shutterstock.com
Видиковец на брегот на р. Љубљаница / извор: divisare.com
Само за споредба, кејот на реката Вардар во нашиот главен град имама само два скејт парка, еден аудиториум на отворено, неколку игралишта и нула дрвја. Зашто го дизајнираме овој 14 километарски кеј да е гола пустина, кога тој може да биде вистинска оаза?
Коритото на р. Вардар во Карпош, Скопје / фото: Борис Јурмовски
Мора е да почнеме да ги цениме реките за тоа што се – зелени коридори и еко системи кои ги прават нашите урбани населби поодржливи и уште поживописни. Меѓу другото тие се причината поради која се имаме населено во овие долини и се уште претставуваат едни од главните симболи на нашите градови. Време е овие вредности јасно да се одразат во нашите урбанистички планови, а да не останат вечно само преизборни ветувања.
Коритото на р. Лепенец, Скопје / фото: Борис Јурмовски
Рек
Автор на статија: Ноеми Чаусидис
Драгор / зелени коридори / Кеј на Вардар / Пена / Пчиња / река Вардар / реки / речни корита / Серава / Урбанизам