Комората на овластени архитекти и овластени инженери го презентираше предлог-Ценовникот за инженерски услуги

На 20 мај 2022 година, на покана на Министерството за транспорт и врски, беше одржана средба на која беше презентиран предлог-Ценовникот за инженерски услуги.

Во присуство на претставници на Стопанските комори, претставници од ЗЕЛС, професори, претставници од локалните самоуправи, компании од градежниот сектор и на претставници од Комората на овластени архитекти и овластени инженери, предлог-Ценовникот пред присутните го образложи Веселинка Герасимова Петровска раководителот на одделението на архитекти при Комората, како и членови на работната група што учествуваа во изработка на истиот.

Предлог-ценовникот има цел да ги утврди принципите за вреднување на трудот на архитектите и сите инженерски професии учесници во процесот на градба, поставувајќи ги минималните граници за соодветна и достојна валоризација на инженерскиот труд. Основата за дефинирање на вредносните параметри се преземени од официјалните податоци на државниот завод за статистика, споредени со релевантни податоци од праксата, а сѐ тоа усогласено со целокупната позитивна легислатива што ја регулира градбата и урбанистичкото планирање.

По презентацијата се разви плодна дискусија. Очекувањата на сите учесници се дека многу скоро, овој процес на консултации и усогласувања ќе допринесе не само за донесување на ценовникот за инженерски услуги, туку и за начинот на негово доследно применување, притоа воспоставувајќи ги принципите на контрола и санкција.

Важно е да се напомене дека Министерството за транспорт и врски останува партнер на стручната фела. Низ вакви дискусии, вклучувајќи ја стручната јавност, со заеднички заложби ќе може да се делува во насока на подобрување на квалитетот и нивото на проектантските услуги, за унапредување на состојбите во градежната индустрија, намалување на нелојалната конкуренција и најважно од сѐ намалување на трендот на инженерска миграција. Само ако успееме да обезбедиме пристојни услови за работа во нашата земја и визија за просперитетна иднина, можеме да ги задржиме младите генерации своите компетенции да ги практикуваат и надградуваат во сопствената држава.-Ценовникот за инженерски услуги

 

 

 

Материјалот е во целост пренесен од изворот >>> www.komoraoai.mk