Промоција на „Резбарени тавани, долапи и врати во Македонија“ / Анета Светиева

Наслов: Резбарени тавани, долапи и врати во Македонија

Автор: ликовен уметник Анета Светиева

Промотори: проф. д-р Никос Чаусидис и проф. д-р Љупчо С. Ристески

Локација : Природно – математички факултет
Институт за етнологија и антропологија

Датум: 20 декември во 12ч

Во Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје задутре (20 декември) во 12 часот ќе се одржи промоција на делото „Резбарени тавани, долапи и врати во Македонија“ од долгогодишната професорка, научен истражувач и еминентен академски уметник, Анета Светиева. Промотор ќе биде проф. д-р Никос Чаусидис, со присуство на авторката.

Станува збор за повеќегодишен проект кој бил одбранет како докторски труд напишан на македонски јазик на Универзитетот во Белград во 1988. Во скратена форма тој претходно бил објавен во 1992 во издание на Институтот за фолклор „Марко Цепенков” во Скопје, кадешто д-р Светиева работела како истражувач.

Речиси триесет години по неговото првично појавување, ракописот е објавен во интегрална форма, за на овој начин да стане достапен на истражувачката и на пошироката читателска јавност. Издавач на монографијата е Центарот за етнолошки истражувања и применета антропологија (ЦЕИПА), уредник и автор на предговорот е проф. д-р Љупчо С. Ристески.