МАРХ Разговори: од архитектурата кон дизајнот / интервју со Тамара Забазноска – TAMRYN

Следно од серијалот МАРХ разговори: од архитектурата кон дизајнот, е интервјуто со Тамара Забазноска или TAMRYN. Покрај цртање, анимација и графити, таа твори и во една необична, но исклучително возбудлива техника, наречена стринг арт. Користејќи клинци и конци таа создава абстрактни уметнички дела, а во нивната прецизност, симетрија и композиција јасно ја забележуваме архитектонската позадина на Тамара.

Погледнете го видеото кое беше снимено на настанот 5 години marh.mk, а во продолжение ви го презентираме и целосното интервју.

 

 

 

 

  • Како дете што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш? Дали тоа се подоцна се менуваше, на пример во средно или на факултет?

Додека бев мала единствено што знаев е дека сакав да креирам, во средно постоеше дилемата дали архитектура или ликовна академија. За време на студирањето архитектура немаше дилеми.

 

  • Што сметаш дека е најважното нешто што го научи за време на студирањето?

Рационалноста во пристапот на решавање проблеми.

 

 

 

 

 

 

  •  Дали мислиш дека некогаш би се вратила на архитектонското проектирање? 

Имам одлучено да го употребам архитектонското знаење и начин на размислување во остварување на идеите кои ми нудат понатамошен личен развој. Доколку проектирањето го понуди тоа не би имало причина зошто да не проектирам повторно.

 

 

 

 

  • Се занимаваш со дизајнирање на stringart – клинци кои претставуваат точки и конци кои ги поврзуваат и прават линии. Ова е навистина импресивен, но и комплексен начин на креирање слики, па затоа претпоставувам дека е клучно доброто планирање. Како изгледа твојот дизајн процес и предходни подготовки?

Започнува со идеа која ја исцртувам како скица. На скицата и давам живот со исполнување на полните и празни делови со детали – клинците кои создаваат форми.

 

  • Колку ти помогна архитектонското образование во учењето на оваа техника и колку ти влијае на дизајнот?

Целосно. Влијае на детерминираноста на линијата и посветеноста во изработката.

 

 

 

 

 

  • Во фазата на креирање на делото, станува збор за многу прецизна и педантна работа. Колку време ти треба да завршиш едно парче? 

Временскиот интервал зависи од комплексноста на делото. Сите идеи постојат некаде во некоја фиока во мене. Новите научни истражувања, природата и принципите на нејзиното функционирање одредуваат кога таа идеа би била спремна за реализација. За самата техничка изработка на делата (од досегашното искуство) не помалку од 30 работни саати.

 

 

 

 

  • Кои се околностите во кои сакаш да работиш, како атмосфера, период во денот и слично? 

Идеата не е врзана со време во текот на денот, таа се развива постојано, а техничкиот дел префрирам да го сработувам денски, штом станам, со првото кафе и натаму… Тишината особено добро влијае на звукот на чеканот, а музиката само уште повеќе ја надополнува атмосферата кога веќе сум во ек на изработка. 

 

  • Дали ваквата изработка е донекаде и медитивен процес?

Се спротивставував на медитацијата се додека не открив дека ова што го работам е форма на медитација – одиш на замислено место кое си го градел со години.

 

 

 

 

  • Твојата техника успева да креира слики кои се истовремено и скултури, или со еден збор–релјефи. Зошто мислиш дека сликите со трета димензија оставаат толку интензивен впечаток?

Драго ми е што предизвикуваат интензивен впечаток! Третата демензија ни нуди осознавање на природата на просторот и времето, особено преку сенката и светлината, полното и празното.

 

  • Имаш ли некои примери на тродимензионални слики кои посебно те привлекуваат? Можеби египетски релјефи или модернистички асамблажи, или нешто целосно трето…

Природните релјефи, планините и нивната конфигурација.

 

 

  • Понекогаш на делата, освен шајки и конец, инкорпорираш и стакло. Што те поттикна да го користиш овој материјал?

Моментално сум во фаза во која играм со стаклото како елемент кој воведува транспарентност на солидна структура и со самото негово постоење се вовлекува и играта на светлината како елемент, а со тоа и звукот (резонирањето на стуктурите преку него).

 

 

 

 

  • Фантастичните жарновите имаат многу силни влијанија во твоите дизајни. Често изработуваш и илустрации од скопските бетонски згради со некои карактери од вакви филмови. Дали се сеќаваш како ги доживуваше бруталистичките објекти уште пред да студираш архитектура? Дали и тогаш тие ти изгледаа како научно-фантастична сценографија?

Од дете, и се уште се во таа сценографија.

 

 

 

 

  • Доколку имаш прилика да дизајнираш град за филм чија приказна се одвива илјада години во идината, како тој би изгледал?

Поголемиот дел од светот е „управуван“ од окото нели? Се дизајнира за нештото да изгледа „убаво“, но звучи ужасно. Градот од иднината… мислам дека тоа ќе е време кога би се славеле другите сетила.