Реконструкција и ревитализација на срушениот „Сули ан“ / Мимоза Несторова – Томиќ

Архитект: Мимоза Несторова – Томиќ

Локација: Стара скопска чаршија

Година: 1968

Од архивата на: Мимоза Несторова – Томиќ

 

Историски податоци

Објектот познат како „Сули ан“ бил подигнат во XV-тиот век во непосредна близина на Чифте амам. Анот бил имот на Алаџа џамија, задужбина на Исхак-Бег, управникот на Скопје во првата половина на XV-тиот век. За првпат се споменува во документите од времето на Иса-Бег, син на Исхак-Бег, каде што е прикажан збирен преглед на приходите и расходите од вакуфот на Исхак бег.

Во текот на XVI-тиот век, тој бил пренаменет и на долниот и горниот кат биле отворени дуќани, главно во сопственост на Евреи.

Се смета дека „Сули ан“ бил тешко оштетен за време на пожарот во 1689 година, по што бил обновен и продолжил да работи како трговски објект. Остатоците од пред пожарот покажуваат сводни меѓукатни конструкции кои делумно биле сочувани и на катот. Обновата била направена со дрвени меѓукатни конструкции и дрвена покривна конструкција.

По своето архитектонско решение е доста сличен на „Куршумли ан“ и спаѓа во групата караван сараи.

Анот со Мурат пашината џамија и Чифте амамот, кои исто така биле поврзани во чаршијата, претставуваат урбанистичка целина карактеристична за постарите урбани комплекси.

По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, објектот е целосно разрушен.

Постземјотресен период (1964)

Старата скопска чаршија била доста оштетена и постоела голема дилема за нејзиниот опстанок. Група архитекти предводени од Адолф Циборовски успеале да ги убедат градските авторитети да ја зачуваат истата и да создадат програм за нејзина ревитализација.

Во 1964 година Градскиот завод за урбанизам и архитектура на градот Скопје отпочнува со изработка на детален урбанистички план за Старата скопска чаршија. Архитект Мимоза Несторова-Томиќ, самостоен проектант и раководител на атељето има голем удел во процесите за зачувување и модернизација на чаршијата.

Планот се дели во две фази. Првата се однесува за изградба на копмлетно нова инфраструктура – водовод, канализација, топлификација, телефонија и осветлување.

Додека пак втората е за архитектонска ревитализација – санација на оштетените дуќани и на оштетените монументални споменици. Во оваа фаза се пристапува кон реконструкција на срушените објекти како „Сули ан“.

Предлог за изградба на нов модерен објект – Борис Чипан (1967)

„Сули ан“ е голем објект од приземје и кат со затворен двор и два влеза. Приземните простории се со масивни сводови, додека просториите на катот биле од масивни ѕидови со дрвена конструкција покриена со ќерамиди. Земјотресот наполно го уништил објектот.

Единствено биле зачувани деловите од приземјето, заедно со низовите на дуќаните на неговата западна (ул. „Белградска“) и источна страна, кон ул. „Стив Наумов“. Чипан сметал дека не е можна реставрација на анот. Според тоа, бидејќи самата композиција на околниот комплекс барала реституција на историските волумени, тој предложил овде да се изгради нов, модерен објект со услов:

  • Да се задржи приближно во просторниот габарит на стариот „Сули ан“;
  • Новиот објект, архитектонски, просторно и функционално да ги содржи остатоците од стариот ан.
  • Намената на новиот објект би била за административни потреби кои можат да бидат и комбинирани туристички огранизации, информациони служби за туризам, управи на угостителски огранизации и сл.
  • Приземните партии со внимателно архитектонско проектирање би можеле да имаат и карактер на продавници и бироа сврзани со туристичкиот промет (менувачници, сувенири и сл.). Самиот атриум, отворен и поврзан со пешачките комуникации околу објектот, предложил да функционираат како простор за одмор, а евентуално и за културна разонода (летна сцена и сл.).

Проект за реконструкција и ревитализација – Мимоза Несторова-Томиќ (1968)

Поради богатото искуство во областа на реконструкцијата и ревитализацијата на културните споменици во Македонија, задачата за изработка на деталниот проект за „Сули ан“ била дадена на Мимоза Несторова-Томиќ, архитект со посебен третман и почит кон традиционалното архитектонско наследство.

Имено во биографијата на Несторова-Томиќ се забележува дека уште од самите студентски денови, таа соработувала со тогашниот Републички завод  за заштита на споменици на чие чело бил арх. Борис Чипан. Учествувала во снимањето на „Св. Софија“ во Охрид, како и во изработката на документационата основа за градот.  По дипломирањето се вработила во Институтот за народна Архитектура при Техничкиот факултет во Скопје (катедра на арх. Сотир Томовски), каде што продолжила со изучување на македонските градетелски традиции.

„Сули ан” бил издигнат од руина, со многу малку елементи за реконструкција и делумни конзерваторски интервенции.

Парцелата во новиот урбанистички проект на Старата скопска чаршија, била со намена за угостителство и специјализирано занаетчиство, продажни салони и административен простор.

Деталниот проект на Несторова-Томиќ предвидувал изградба на една атрактивна кафе-чајџилница, со интересна ѕидарија и сводови од тула, повеќе атрактивни засводени простори за разни продажни салони, интересни занаети и достапен простор за туристички претставништва и друг административен простор.

Конкретната адаптација му дала одредена современа фукнција на анот и го прави тој да биде објект за нараснатите потреби на современиот живот во една ревитализирана стара градска агломерација.

Проектот бил публикуван во италијанското списание „Edilizia Populare“. Исто така бил презентиран и на Светскиот симпозиум на тема „Реконструкција на сеизмички подрачја“.

Во 1983 година, на Факултетот за ликовни уметности му се доделени поголем дел од просториите на анот. Во останатите простории денес е сместен Музејот на Старата скопска чаршија.