Дом на култура “Бели мугри” – Кочани

Проектант: Глигорие Савовиќ

Година на изведба: 1959-1961

Локација : Кочани

Улица: „Кеј на Револуцијата“ бб.

_______________________________________________________________________________________________

Како и останатите градови во Македонија, Кочани доживува рапидна урбанизација и развој по завршувањето на Втората светска војна. Деталниот урбанистички план од 1948-та година, план изработен од Лудјек Кубеш и Републичкиот завод за урбанизам на СРМ го редефинира ширењето на градот јужно по течението на Кочанска река воспоставен веќе во планот од 1927-та година.


Локација на центарот на кулутра “Бели Мугри” во Кочани ©МАРХ

Токму во овој период на обете страни од Кочанска река ќе се реазилираат огромен број на модернистички објекти со изразени влијанија на интернационалниот стил и нагласени регионални карактеристики. Како дел од модернизацијата на градот се јавуваат објектите на Хотел Турист, Елекстродистрибуција и стоковната куќа НА-МА.


Електродистрибуција ©Старо Кочани / Станбениот објект на улица Македонија ©build.mk

Центарот на културата, подигнат во 1961та година од архитектот Глигорие Савовиќ и набрзо постанува слика на плодниот период од развојот на Кочани. Лоциран е во градскиот парк и на аголот кој го формираат коритото на Кочанската река и Кејот на револуција.
Глигорие Савовиќ дипломиран на градежниот факултет во Белград, една година претходно го проектира станбено деловниот објект на улица Македонија (1958), каде веќе ја покажува својата тенденција за симетрија и расчленување на фасадата, јазик кој е уште поизразен во центарот на културата во Кочани. (М. Токарев)

Центарот на култура “Бели Мугри” непосредно после изградбата ©Старо Кочани

Архитектонскот обликување на објектот е јасно произлезено од неговата функција и архитектонскиот јазик на архитектот. Функцијата е јасно читлива преку обликувањето и волумените кои го сочинуваат објектот. Преку варијациите на истите во центарот на културата се издвојуваат три главни обликовни единици: издолжениот кубус, големата сала во централниот дел на објектот и отворените летни галерии заштитени со клаустра на фасадата во страничниот дел на комплексот.


Организација на објектот ©МАРХ

Преку ваквиот пристап домот на кулутрата настанува маркантен објект во централното подрачје на Кочани со изразена модерна архитектура и регионално влијание кое соодвестува на намената на истиот. Решението на кровната партија со кров од мал нагип исто допринесува до подобро вклопување на објектот во околината.
Во предниот дел на објекот е лоциран главниот влез и изложбената мултифункционална галерија на првиот кат. Големата сала ја завзема централната двовисинска положба во објектот, положба која е нагласена во формата со контролната кула на сценскиот простор и располага со капацитет од 360 седишта во партер и 78 седишта на балкон.


Основа на приземје – 100 години Модерна архиктектура ©МАРХ

Администрацијата и помошните простории се наоѓаат на страничничните делови од објектот. Како уникатен дел се појавуваат отворените летни покриени галерии на првиот кат кои преку клаустрата по целата должина на објектот се заштитени од директниот поглед, и истовремено се вентилирани. Истите служат и за регулирање и заштита од сонцето, кое му дава извесен регионален архитектонски белег на објектот. Нажалост отворените галерии се покриени со кров во 80-ти години на минатиот век. Целосната циркулација во објектот е логично решена соодветно со мултифункционалниот карактер на објектот.


Главен влез ©МАРХ

Главниот влез на центарот ја демонстрира умешноста на архитектот за потенцирање и врамување на формите. Модерноста на истиот е дополнително истакната со исфрлање на стаклената фасада пред носечката конструкција и покажување на осумте носечки столбови на истата и потенцирањето на нивната обработка. Кровната конструкција е оформена од челични решетки и кров со мал нагип над централниот дел.


Изложбените простории ©МАРХ

Материјалите користени во внатрешноста на објектот заслужуваат посебно внимание. Терацото доминира како најкористен материјал за скоро сите простори. Влезната партија е потенцирана каде се користени големи парчиња мермер со терацо. Изложбениот простор на првиот кат има мермерни подови и дрвена касетирана обработка на плафонот. Столбовите се третирана со рафело техниката на имитација на црвен мермер која е од особен квалитет. Подот на големата сала е линолеум додека ѕидовите се обработени со дрвени панели за добивање на комфортна акустична просторија. Воглавно палетата на бои и материјали и перфектно вклопена во целата атмосфера на објектот.


Изложбените простории ©МАРХ

Денеска центарот на културата продолжува да ја извршува својата оргинална функција како главна културна институција во самиот центар на градот. Центарот на култура “Бели Мугри” продложува да биде постамент на прогресивното минато во Кочани и дел од исклучителните архитектонски дела на модерната во Македонија.
Неодамна беше најавена неговата рестарврација. Се надеваме дека надлежните институции ќе ги земат во обзир сите исклучителни одлики на овој фантастичен објект и ќе пробаат да ги зачуваат истите. Остранувањето на кровот над отворените галерии е од особена важност за добивањето на оргиналната форма на објектот и потенцирањето на централната голема сала. Прозорите како главен елемент на фасадната обработка треба максимално да се зачуваат наместо нивна замена со бели пвц прозори со кои ќе се наруши изгледот и автентичноста на објектот.


Скалишните јадра ©МАРХ

Материјалот го приложи и обработи:   Мартин Ефремовски

* насловната фотографија е преземена од веб страната на центарот за кулутра “Бели Мугри” – Кочани.