Архитектурата како мост меѓу дизајн и наука: Патот на Ивана Крстеска
26.05.2026 • Интервју
ЗА НЕА
Ивана Крстеска претставува профил на современ архитект и истражувач кој се развива на пресекот помеѓу академијата, практиката и интернационалниот научен ангажман. Нејзиниот професионален пат е карактеризиран со континуирано надградување, интердисциплинарен пристап и силна ориентација кон истражување, што ја позиционира како активен учесник во современите архитектонски и научни текови. Таа е лиценциран архитект, со магистерски студии и понатамошен академски ангажман како докторанд и асистент, што укажува на јасна насоченост кон продлабочување на знаењето и негово пренесување. Воедно, нејзиниот ангажман во институции како Oak Ridge National Laboratory ја поставува во контекст на високоразвиени истражувачки средини каде архитектурата се поврзува со технологија, енергетика и научни методологии.
Нејзиното образование вклучува академска основа од Ss. Cyril and Methodius University in Skopje, институција која традиционално гради силна теоретска подлога, надополнета со интернационално искуство (вклучително и Fulbright програмата), што укажува на изложеност на различни образовни модели и култури на учење.
„The Fulbright Student Competition“
Она што ја издвојува е токму таа двојност: од една страна класична архитектонска едукација, а од друга, вклученост во истражувачки институти каде архитектурата се третира како дел од пошироки системи (енергетски, еколошки, технолошки). Овој премин од локален академски контекст кон глобален истражувачки екосистем не е само географски, туку и методолошки. Од дизајн ориентирано размислување кон аналитичко, податочно и научно засновано дејствување.
Нејзиниот професионален развој може да се чита како процес на постепено прецизирање на интересите: од архитектонска практика кон специјализација, од образование кон истражување, од локален контекст кон интернационална релевантност. Дали ваквиот пат е резултат на јасна стратегија или на континуирано препознавање на можности и нивно интелигентно искористување. Во поширока смисла, Ивана Крстеска претставува пример за новата генерација професионалци кои не ја гледаат архитектурата како изолирана дисциплина, туку како дел од комплексни системи кои бараат критичко размислување, истражување и постојана адаптација.

ИДЕНТИТЕТ И НАСОКА
1. Кога денес ќе се навратиш на твојот пат, дали го гледаш како резултат на свесна стратегија или како процес на постепено насочување низ искуство?
И двете, но не истовремено. Имав насока, не план. Уште за време на студиите на Архитектонски факултет во Скопје знаев дека сакам повеќе од проектирање; ме интересираше однесувањето на материјалите под реални услови, нивните физички и еколошки перформанси, интеракцијата со средината и влијанието врз корисниците. Не сакав да останам во рамка на улога сведена на „цртање“, имав чувство дека образованието ме насочува во тој правец. Сакав да бидам архитект кој го разбира целиот процес, од концепт до перформанси, од материјал до систем. Мојата насока се кристализираше постепено, преку искуство и избори што произлегуваа еден од друг. Не би рекла дека секој чекор беше планиран, но секој беше намерен.
2. Дали архитектурата за тебе е повеќе дизајнерска дисциплина или истражувачка алатка?
Денес – истражувачка алатка. Преку архитектурата поврзувам креативност со анализа, интуиција со податоци. Го користам дизајнерското размислување за да поставувам прашања што ретко се отвораат во инженерството или економијата. Кога анализирам перформанси на фасадни системи или работам со податоци за термичко однесување на материјали, го гледам проблемот низ архитектонски леќи, но со научна методологија. Дизајнот не е крајната цел, туку средство за разбирање и подобрување на начинот на кој живееме.
3. Во кој момент се случи преминот од „архитект кој проектира“ кон „архитект кој истражува“?
Долго време работев како лиценциран архитект во Сплит, Хрватска, каде постоеше реален интерес за самоодржливост во градежништвото. Сепак, Европските регулативи, иако неопходни, понекогаш го ограничуваа просторот за иновација. Токму тука се случи преминот од проектирање кон истражување, како начин да разберам зошто одредени решенија функционираат, а други не. Сфатив дека ако сакам да придонесам за посуштинска промена, не е доволно само да ги следам правилата, туку да учествувам во нивното обликување. Истражувањето беше логичниот чекор. Како Фулбрајт стипендист во САД почнав да работам на перформанс на фасадни системи. Тоа ме насочи кон проценка на животниот циклус (LCA) и кон квантитативна анализа, каде одлуките не произлегуваат само од проектантска интуиција, туку од податоци генерирани преку анализа на проектантски решенија. Клучен момент беше кога на државен натпревар по градежна наука од министерството за енергетика на САД освоив трето место со мојот предлог за биобазиран фасаден панел. Тоа беше потврда дека преминот од проектирање кон истражување има конкретна вредност, и дека дизајнот може да биде основа за мерливи, аргументирани и применливи решенија.

ОБРАЗОВАНИЕ (ЛОКАЛНО – ИНТЕРНАЦИОНАЛНО)
4. Каква фундаментална разлика почувствува помеѓу образованието на Ss. Cyril and Methodius University in Skopje и интернационалните институции?
Студиите кај нас во голема мера се базираат на веќе постоечка литература. Архитектонски факултет ми даде цврста теоретска основа – разбирање на конструкција, форма и историја. Но системот често беше ориентиран кон конвергенција: постои правилен одговор и задачата е да се дојде до него. Американскиот академски систем повеќе поттикнува дивергенција: формулирање истражувачки прашања, дефинирање методологија, валидирање хипотези преку емпириски податоци и критичка анализа. Процесот е отворен, резултатот е неизвесен, а токму таа неизвесност е двигател на иновацијата и континуираното напредување. Едниот систем те учи да знаеш. Другиот те учи да откриваш.
5. Дали локалниот систем повеќе гради основа, а странскиот повеќе критичко размислување, или обратно?
Локалниот систем гради цврста техничка и теоретска основа. Меѓународните програми повеќе го нагласуваат критичкото размислување – поставување прашања и работа со докази. Забележлива е и разликата во културата на учење и комуникација. Во дел од локалниот контекст, постои поголема ориентација кон „точниот“ одговор и кон согласување со авторитетот, што може да го обесхрабри поставувањето прашања и изнесувањето различни ставови. Во меѓународните програми, напротив, презентациите и дискусиите се користат како алатка за размислување: прашањата се охрабруваат, несогласувањето е дел од процесот, а вредноста се гледа во аргументацијата, не во усогласеноста. Тоа создава средина во која студентите не се пасивна публика, туку активни учесници. Критичкиот осврт не се санкционира, туку се поттикнува, а менторството често функционира како двонасочен процес на учење. Имав искуство со професори кои активно иницираа заеднички истражувања токму поради критичкиот пристап и поставените прашања. Но таа поделба не е апсолутна. Основата без критичка анализа води кон репродукција, а критичкото размислување без основа може да остане неструктурирано. Затоа, најсилниот исход е нивната комбинација, стабилна техничка подлога надградена со способност за преиспитување и иновација.

6. Колку методологијата на учење (теорија – истражување – пракса) влијаеше врз твојот начин на размислување?
Суштински го промени начинот на кој пристапувам кон архитектонските проблеми – не научив само нови алатки, туку усвоив поинаква логика на размислување. Архитектонските одлуки почнав да ги гледам како систем од мерливи последици – термички, структурни и економски. Клучната промена беше преминот од интуитивна проценка кон аргументирана одлука – од „што мислам дека функционира“ кон „што можам да докажам дека функционира и како ќе се имплементира“. Денес размислувам интегративно: теоријата поставува рамка, истражувањето обезбедува докази, а праксата ја проверува применливоста.
7. Што ти недостигаше во едниот систем, а го најде во другиот?
Во македонскиот систем чувствував дека недостига поврзаност со пазарот и индустријата – имаше ограничени можности за практична работа низ студиите, како и помал простор за иновација, па образованието главно се движеше во рамки на веќе воспоставени модели. Денес, кога и самата сум асистент на Државниот универзитет на Њујорк, забележувам дека студентите тука имаат поблизок и поотворен однос со асистентот, кој често е и истражувач и практичар, што создава поинтерактивна средина за учење. Од друга страна, во САД недостига подлабокиот историско-теоретски контекст, кој кај нас е природен дел од образованието и овозможува пошироко разбирање на дисциплината. Идеалниот систем би ги комбинирал двете.
ИСТРАЖУВАЊЕ И НАУКА
8. Како твоето искуство во Oak Ridge National Laboratory го промени твоето разбирање за архитектурата?
Значително – ја прошири архитектурата од дизајн кон систем и политика. ORNL е водечка истражувачка лабораторија во САД, под Министерството за енергетика, со историска улога во нуклеарните истражувања поврзани со Manhattan Project. Во таа средина, архитектурата ја видов како дел од поширок енергетски и инфраструктурен систем. Фокусот се помести од форма кон перформанси, податоци и влијание – како проектантските одлуки се одразуваат врз енергетската ефикасност, емисиите и економските исходи. Работата со федерални програми и анализи поврзани со енергетска политика покажа дека архитектурата може да информира одлуки, не само да ги имплементира. Работев со инженери и економисти на развој на методологија за проценка на индиректни придобивки од санации во програмите за енергетска ефикасност на домовите во САД – ефекти што постојат, но тешко се квантифицираат. Тоа искуство фундаментално ја смени мојата перспектива: архитектурата стана дел од системска анализа, а не само уметничка или техничка дисциплина, алатка што влијае врз тоа како се дефинираат и управуваат ресурсите.
Истражување во ORNL – автоматизација и оптимизација во градежни системи
9. Дали архитектурата денес неизбежно мора да се движи кон data-driven и научно базирани процеси?
Веќе се движи во таа насока. Алатките за симулација на енергетска ефикасност, проценка на животниот циклус на материјали и анализа на ланецот на снабдување веќе се стандард во процесот. Современите предизвици во градежништвото бараат одлуки базирани на податоци. Но тоа не значи дека архитектурата се сведува на бројки. Податоците ја информираат одлуката, не ја заменуваат. Контекстот, корисничкото искуство и културолошките аспекти остануваат подеднакво важни. Идните архитекти ќе мора да ги владеат овие методи, затоа што проектирањето е само една фаза, често завршната, по анализата на перформансот на материјалите, економската оправданост и однесувањето на системите во реални услови. Прво анализа, потоа форма.
10. Како изгледа еден твој истражувачки процес, од идеја до резултат?
Мојот истражувачки процес зависи од контекстот; дали станува збор за академски проект или иницијатива финансирана од државна агенција. Како докторант, често започнувам со формулирање истражувачко прашање во координација со професор, но работиме и на проекти надвор од академијата, во соработка со агенции и институции. Најчесто се фокусирам на проценка на животниот циклус (LCA) или развој на методологии за мерење и вреднување на перформанси. Процесот вклучува континуирана комуникација со засегнати страни, од агенции до носители на политики, за да се осигури применливост на резултатите. Во моментов работам на проект со NYSERDA, со директна вклученост на сенаторката на Њујорк, каде истражувањето се усогласува со конкретни политички и регулаторни потреби. Резултатите се преведуваат во препораки и се презентираат на конференции пред различни публики, каде се тестира нивната релевантност. Процесот е структуриран, но итеративен -со постојано прилагодување врз основа на податоци и повратни информации.
11. Колку е тешко да се балансира креативноста со научната строгост?
Науката бара репродуктивност и строгост. Архитектонскиот ум сака да скокне кон решение пред да заврши анализата. Со време научив да ги одвојувам фазите – прво да ги следам податоците, а потоа да оставам простор за интерпретација и визија. Креативноста и научната строгост често се перципираат како спротивности, но во пракса се комплементарни. Креативноста генерира идеи и отвора нови насоки, додека научната строгост поставува рамка во која тие идеи се тестираат и валидираат. Често токму архитектонската интуиција ме насочува кон вистинските прашања – оние што чисто аналитичкиот пристап не би ги поставил. Затоа балансот не е компромис, туку процес: отворање на идеи, нивно тестирање и прецизирање, и повторно враќање кон интерпретација.

КУЛТУРА И СИСТЕМИ
12. Какви културолошки разлики забележа во начинот на работа и комуникација?
Американскиот академски и истражувачки свет е директен и силно ориентиран кон резултати. Она што најмногу се разликува е структурата на можностите. Очекувањата се јасни, а повратните информации се конкретни, што овозможува побрз професионален развој. Во Македонија, комуникацијата е поиндиректна и повеќе релациска. Односите имаат поголема тежина, што овозможува подлабока доверба, но понекогаш ја забавува размената на информации и донесувањето одлуки. Разлика има и во динамиката на тимската работа. Во американскиот систем, улогите и одговорностите се јасно поделени, додека кај нас границите се пофлексибилни, што може да овозможи поголема адаптивност, но и помалку јасна структура. Не ја гледам оваа разлика како предност или недостаток, туку како различни модели. Лично, ми одговара директноста, но истовремено ја ценам релациската компонента, особено во средини каде различни дисциплини мораат да зборуваат ист јазик.
13. Дали средината влијае повеќе на квалитетот на идеите или на нивната реализација?
На реализацијата, но не исклучиво. Идеите може да се појават во различни контексти, независно од ресурсите. Сепак, нивното претворање во конкретен резултат во голема мера зависи од средината. Пристапот до инфраструктура, финансирање, мрежи и институционална поддршка директно ја одредува таа трансформација. Во некои контексти, отстапувањето од познатото е дочекано со одреден скептицизам, што природно го обесхрабрува споделувањето на нови идеи. Средината влијае и на селекцијата – кои идеи ќе добијат видливост, поддршка и шанса за имплементација. Затоа, иако идејата е почетната точка, системот околу неа често ја дефинира нејзината траекторија и влијание.
14. Каде се чувствуваше повеќе поттикната, во академска или истражувачка средина?
Во истражувачка средина со директна примена. Академијата помага во градење теоретска основа и критичко размислување. Истражувачката средина, особено кога е поврзана со индустрија и политика, бара идеите да се оправдаат пред публика која не е обврзана да те слуша, а тоа е силен тест за нивната реална вредност. Динамиката е побрза, а повратните информации се пооперативни и директно поврзани со примена. Во таква средина најчесто се работи со брилијантни умови и високо мотивирани профили, каде размената на знаење е интензивна, а соработката е суштински дел од процесот. Тимската работа е нагласена, со јасна ориентација кон заеднички резултат, што дополнително го засилува чувството на поттик и развој.


ПРОФЕСИОНАЛНА ЕВОЛУЦИЈА
15. Кои проекти или ангажмани најмногу те обликуваа како професионалец?
Истражувањето за објекти од масивно дрво и LEED системот за сертификација што ги мери одржливоста и перформансите на објектите ми го отворија патот кон квантитативна анализа – за првпат видов дека со податоци може да се потврдат нешта што претходно се претпоставувале. Работата на проценка на животниот циклус (LCA) и вреднување на јаглеродот во градежништвото ми ја изгради техничката основа и разбирањето како тие податоци се интерпретираат и користат не само во академија, туку и во индустрија и политика. Натпреварот во градежна наука ми покажа дека истражувањето може директно да се претвори во иновативен производ. Ангажманите со државни агенции на Њујорк и проекти поврзани со енергетска политика ми дадоа увид како истражувањето се преведува во одлуки и реални системи. Работата со ORNL и поширокиот контекст на Министерството за енергетика ми помогна да разберам како се структурира влијание на национално ниво. Моментално работам на неколку проекти како консултант низ Њујорк, што дополнително ја продлабочува примената на истражувањето во реални услови. Предавањето на универзитет како асистент ме научи да комуницирам јасно и ме задржува во средина каде континуирано се учи. Овие искуства заедно ме обликуваа да размислувам не само технички, туку и системски.
16. Дали постои момент кога мораше да го редефинираш својот правец?
Да, повеќе од еден, и секој беше пресврт. Прво, кога одлучив да заминам од Хрватска и да започнам одново во академска средина, во нов контекст. Тоа беше премин од проектирање кон истражување и бараше да го преиспитам правецот и приоритетите. Следно, по завршувањето на вториот мастер, кога требаше да изберам помеѓу индустрија и академија. Наместо да ги раздвојам, одлучив да ја поставам академијата како основа и паралелно да ја поврзам со индустрија и политика. Тие моменти не беа отстапување, туку насочување во правец кој овозможува истражувањето да се претвори во примена и влијание.
17. Како се менуваше твојата перцепција за „успех“ низ годините?
Почнав со перцепција типична за архитект – успехот беше убав проект, добро реализиран, задоволен клиент. Со влегувањето во академија, фокусот се префрли кон публикации, признанија и формални индикатори на напредок. Во таа фаза, разбирањето за успех премина кон конкретни професионални признанија: стекнав акредитации како Sustainability Excellence Associate (SEA), LEED GA акредитација за одржливо градење, сертификат за универзитетско предавање, почнав да учествувам како судија на државни натпревари и како рецензент на трудови на конференции. Денес, успехот за мене е мерливо влијание: истражување што го менува начинот на кој институции гледаат на одреден проблем, методологија што ја усвојуваат други, или препорака што стигнува до законодавец и резултира со конкретна одлука.

КРИТИЧКА РЕФЛЕКСИЈА
18. Што би променила во образовниот систем кај нас врз основа на твоето искуство?
Целта не би била да се замени постојниот систем, туку да се надгради. Тоа подразбира, пред сè, обновување на курикулумот, кој честопати е фокусиран на застарени содржини и нуди ограничен број изборни предмети. Потребно е поголемо вклучување на предавачи од индустријата: економисти, креатори на политики и менаџери, кои ги носат реалните проблеми во училницата. Во Македонија имаме многу квалитетни компании кои ги следат светските трендови за материјали и технологии, и пропуштена можност е студентите да не бидат директно изложени на тоа знаење. Клучна е и интеграцијата на практична работа, преку проекти поврзани со истите партнери од индустријата и институциите, за студентите да видат како знаењето функционира надвор од учебникот. Подеднакво важно е поттикнувањето на критичко размислување наместо репродукција на знаење: помалку меморирање, повеќе аргументација и тестирање на идеи во средина каде новото не е само дозволено, туку и охрабрено, и каде се прифаќа дека не постои само еден точен одговор. Паралелно, важен е и структуриран систем на менторство, со зајакната улога на професорот како ментор и соработник, а не само како авторитет. Тоа создава поголема кохезија, поотворена комуникација и вистински простор за развој на идеи. Образованието не треба да произведува поединци со однапред научени одговори, туку личности кои знаат да поставуваат прашања и имаат методологија сами да стигнат до одговорот.
Во истражувањето користевме Microsoft HoloLens, уред кој овозможува дигитални модели да се постават директно во физичкиот простор. Експериментот се состоеше од две фази. Во првата, ѕидот се проектираше и изведуваше рачно, со користење на традиционални алатки (линијари, шестари и директно мерење), со цел да се симулира реален градежен процес. Во втората фаза, истиот процес се повторуваше со користење на VR технологија, каде корисникот директно во просторот го моделираше и позиционираше ѕидот. Целта беше да се утврди дали VR може да биде ефективна алатка за поддршка на мајстори и изведувачи при работа со геометриски сложени форми, и дали може да ја намали зависноста од класични мерни техники.

19. Дали архитектонската едукација доволно ги подготвува студентите за реалниот свет?
Одговорот зависи од тоа како го дефинираме „реалниот свет“, бидејќи архитектурата функционира во повеќе паралелни контексти, а и очекувањата значително варираат меѓу региони. Во таа смисла, ниту еден систем сам по себе не може целосно да подготви за сите професионални средини. Ако зборуваме за класична архитектонска пракса (проектирање, цртање, естетика) тогаш образованието дава солидна основа. Но реалниот свет на современата градба е многу поширок: трошоци, регулатива, ланци на снабдување, комуникација со инвеститори, управување со неизвесност, податоци и перформанси. Тие аспекти ретко се системски вклучени во наставните планови. Како резултат, студентите често се одлично подготвени за теоретска анализа, но има помал простор за практична примена. Ако, пак, зборуваме за контексти како истражување, политика или индустрија во поширока смисла, архитектонската едукација сама по себе не е доволна. Потребна е дополнителна методолошка и аналитичка надградба, која зависи од иницијативата на професорите и на самиот студент. Дипломата по архитектура не е завршна подготовка, туку само почеток и основа врз која мора континуирано да се надградуваме. Нејзината најголема вредност е во креирање способност за критичко размислување, анализа и разбирање на системи. Ако таа основа е добро поставена, студентите можат да се адаптираат на различни „реални“ контексти.

20. Каде гледаш најголем јаз помеѓу академијата и праксата?
Во (брзината на) адаптација. Индустријата веќе користи нови материјали, технологии и деловни модели, додека академијата често ги интегрира со одредено задоцнување. Но јазот не е само временски, туку и во начинот на комуникација. Дел од академската настава сè уште користи дескриптивен, концептуален јазик, додека праксата бара прецизност, мерливи параметри, перформанси, буџети и функционални исходи. Кај нас, овој јаз е уште подлабок, бидејќи академијата и индустријата често функционираат како два одвоени света со ограничена интеракција. Тоа не е индивидуален неуспех, туку системски предизвик. Во пофункционални модели, практичарите се дел од наставата, а академијата е дел од индустриските процеси. Едното го информира другото.
ВИЗИЈА
21. Како ја гледаш иднината на архитектурата, повеќе како технолошка или хумана дисциплина?
Како синтеза – технолошка по алатките, хумана по целта. Архитектот на иднината мора да биде аналитичар, технолог и социолог; некој што ги познава одржливоста и материјалите, ја разбира индустријата и производствениот ланец, но не заборава дека архитектурата не постои сама за себе, туку за луѓето. Технологијата има сè поголема улога, од перформанси и симулации до нови материјали и дигитални процеси, но таа е средство, не цел. Вредноста на архитектурата и понатаму ќе се мери преку тоа како просторите функционираат за луѓето. Оние што ќе можат да ги поврзат двете, техничката прецизност и хуманата вредност, ќе ја дефинираат следната фаза на дисциплината.

22. Каде се гледаш себеси во тој контекст?
Се гледам како некој што ја поврзува техничката прецизност со хуманата вредност и работи на тоа архитектурата да биде и аналитички поткрепена и општествено релевантна. Мојот фокус е да ги преведам техничките сознанија на јазик разбирлив и за законодавците и за инвеститорите. Истовремено, сакам да останам поврзана со академијата како простор за развој на идеи и критичко размислување, но со јасна ориентација тие идеи да имаат примена надвор од неа.
23. Што е следниот чекор во твојот развој, продлабочување или трансформација?
Продлабочување, но во нова средина. Веќе сум во таа фаза, преку работата со државни агенции во Њујорк, каде техничките податоци се преведуваат во конкретни политички одлуки. Јасно го позиционирав мојот фокус на пресекот помеѓу истражување и стратешко советување – место каде наодите не остануваат на хартија, туку стануваат основа за реални промени. Целта не е да го менувам правецот, туку да го надградам, од создавање знаење кон негова системска примена и влијание.

Aвтор на статија: Кристијан Арсовски
Автор на статија: Sorabotnik
Fulbright / Архитектонско Истражување / Декарбонизација / дизајн / Докторски Студии / ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ / Истражувачки Пристап / Критичко Размислување / Македонска Дијаспора / Меѓународна Кариера / Млади архитекти / Нето Нула / Одржлива архитектура / Професионален Развој / Успешни Приказни




