МАРХ Разговори: од архитектурата кон дизајнот / интервју со Ирина Атанаскова

Ви го претставуваме првото интервју од МАРХ разговори: од архитектурата кон дизајнот – серија на објави посветени на седум архитекти кои творат во различни полиња од визуелниот дизајн.

Ирина Атанаскова е тату и графити артист од Скопје. Веќе четири години е дел од студиото nameless tattoo, каде твори со својот уникатен уметнички стил. Нејзините дизајни се карактеризираат со прецизни линии и динамични  композиции, кои истовремено нѐ потсетуваат и на нејзината архитектонска позадина.

 

Во оваа објава можете да го прочитате нашето интервју со Ирина, но и да го погледнете видеото од разговорот кој се оддржа во склоп на настанот 5 години marh.mk, на 23.11.2019 во МКЦ Скопје.

 

 

 

 

  • Kако дете што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш? Дали тоа подоцна се менуваше, на пример во средно или на факултет?

Од секогаш сакав кога ќе пораснам да правам нешто поврзано со уметност. Кога бев мала имавме продавница за играчки и школски прибор, и таму поминував поголем дел од денот и со кутиите што ќе останеа од распакуваните работи кои беа за продавање си правев куќички, со прозори и мебел во нив. Дома секогаш по ѕидовите имаше и изложби со многу цртежи и тоа ми е најстара меморија за нешто што сум правела со голема желба. Некаде кон крајот на основно училиште одлучив дека сакам да станам тату артист и затоа се запишав во средно уметничко, за да се посветам повеќе на цртањето.

 

 

 

 

  • Дали архитектонското образование ти помогна додека се учеше да тетовираш?

Можеби ми нема помогнато во фундаменталните знаења за тетовирањето како самиот процес како да се изработи една тетоважа, но дефинитивно ми помогна да го оформам мојот стил, изработката на дизајните, практикувањето на правата линија, чувството за естетика и композиција, и начинот на изразување.

 

  • Што сметаш дека е најважното нешто што го научи за време на студирањето?

Сметам дека тоа е самиот процес на работа. Дека создавањето на одредено нешто, не е линеарен процес, каде што имаш една идеја и потоа работиш и добиваш одреден производ, туку еден многу покомплексен процес каде што пробуваш различни идеи, се враќаш назад, менуваш, па повторно гледаш тоа како би функционирало, и така се додека не стигнеш до финалниот резултат. Во прва година многу ни беше тешко кога некој професор ќе ни го сменеше распоредот на основата или било што и да дизајниравме, мислевме дека нешто сме згрешиле. Подоцна научив дека тоа е дел од процесот, и се си доаѓа со многу работа.

 

 

 

 

  • Дали се уште имаш некои „ахритектонските навики“? Да црташ некои работи во AutoCad, да црташ со дебеломинец, да скролаш на ArchDaily, или да го анализираш секој објект околу себе?

Понекогаш кога треба да е некоја тетоважа многу прецизна, ја цртам во АutoCad. Сакам да цртам кога објаснувам работи, и дефинитивно секогаш ја приметувам околината многу свесно.

 

  • Дали мислиш дека некогаш би се вратила на архитектонското проектирање? 

Да, во некоја друга фаза од животот.

 

 

 

 

  • Твојот стил значително отстапува од класичните тетоважи од изминатите децении. Кога и како ти се роди овој интерес кон геометриските или watercolor тетоважите?

На почетокот кога почнував да учам да тетовирам, ги пробував сите стилови, и некако најмногу ми оставија впечаток тој тип на тетоважи и ми беа највозбудливи за правење. Се уште не се задржувам само на еден стил, за да не ми стане комфортна зона, и се уште пробувам нови работи – сакам по малку да менувам. Во главно највеќе ме возбудува самата слобода при правењето на стилот со водени бои, и како контраст големата стегнатост на правите линии, кои прават совршен баланс на една емотивна состојба и целосна посветеност при изведбата на тетоважата.

 

 

 

 

  • Оригиналната низ историјата тетоважите имале ритуална и магиска намена. Ако го разгледуваме моменталниот тренд на тетовирањето, која е неговата модерна филозофија?


    Според мене е нешто што го правиш за себе. Најчесто се ставаат за да се запамти нешто, или чисто естетски како парче уметност, или двете, по пат на индивидуализирање на сопственото тело.

     

  • Често пати на дизајните имаш суштества со трето око или па дупли пара очи. Има ова има некоја посебна симболика за тебе?

Најчесто нема, повеќе е естетски. Или можеби има а се уште незнам.

 

 

 

 

  • Освен тетовирањето црташ и графити и илустрации. На сите дизајни наоколу забележувам една темататика која многу ме потсеќа на како цртавме додека растевме: девојчиња, цвеќенца, мачиња и куќички. Во изминативе години додека те следам како се развиваш, забележувам дека овие цртежи добиваат уште поголема тежина, фантастични елементи и една одредена мистичност. Дали можеш да го објаснисниш овој уметнички израз кој е толку карактеристичен за тебе?

Мило ми е што си го приметила тоа. Секогаш одсликуваат некој дел од мене, понекогаш свесно понекогаш не свесно, па потоа кога ќе се вратам во ретроспектива сфаќам што сум мислела. Но секогаш цртам со чувства. Моментално сум во фаза на растење. Цртам многу листови и цвеќиња и природа која расте низ луѓе и животни, каде преку наивни цртежи сакам да доловам дека се расте и се се менува и дека се заздравува со времето. Фасцинирана сум од процесот на healing и како никогаш не ни се случува нешто што не би можеле да го надминеме. Последнава година се чувствувам дека многу имам пораснато, но не сакам да го пуштам детето од мене и тоа е тоа што би сакала да го споделам со другите.

 

 

 

  • Кога станува збор за твоите графитите, тие секогаш се ведри и разиграни. Дали тоа е еден одговор на градското сивило низ Скопје? Како би изгледал твојот утопистички град? Дали тој насекаде би бил покриен со шарени мурали, цвеќиња и мачиња расположени за галење?

На Скопје му требаат многу шарени ѕидови за да се избалансира со целото сивило. Доколку еден град е целиот шарен можеби и би му требал по некој сив ѕид за да се соземеме во него. Мојот утопистички град би бил избалансиран, би имал и простор за графити, и простор за убава чиста архитектура, а мачиња само ако имаат сопственици, никако пуштени сами по улиците 🙂

 

 

 

 

  • Дали сметаш дека концептот на детсктата игра не е доволно застапен во денешниот свет? Дали тоа е нешто што треба повеќе да го користиме кога дизајнираме облека, продукти, па и згради?

 

Детската игра е искрена, таа не се труди да задоволи некој, не размислува што мислат другите, туку е плод на безкомпромисна имагинација и радост, и да, мислам дека имаме многу што да научиме од тоа.