Реоткривање на Долнодримколскиот манастир „Собор на Светиот Архангел Гаврил“

На иницијатива на Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, со благослов на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, беше спроведена акција за „реоткривање“ на Долнодримколскиот манастир „Собор на Светиот Архангел Гаврил“.

 

Локација на манастирот 

 

Некогашниот древен манастир, за кој не поседуваме податоци, а дознаваме од интернет страната на Бигорскиот Манастир, се наоѓа на едвај 1 км од македонско-албанската граница,  над вливот на реката „Црн Дрим“ во Дебарското Езеро.

 

 

Според фотографиите, станува збор за остатоци од маркантен црковен храм, во кој се влегува преку нартекс по целата западна страна, од која преку арки е решено влегувањето во еднобродниот храм (наосот) под голема купола. Тоа можеме да го забележиме преку засводувањето на ѕидовите и на очиглед формирањето на пандатифите во аглите на централниот простор, над кој се оформува прстенот за кубето и куполата.

 

 

Интересно е решението и на олтарниот дел, каде се издвоени централниот дел под апсидата на Ширшаја, од проскомидијата и ѓакониконот, кои се посебни простори решени со сводови и поврзани помеѓу себе со полукружни отвори. Можно е да станува збор и за триолтарна црква, но секако треба да се направи истражување на терен за било каква потврда.

 

 

Ова решение е логично од конструктивен аспект согласно начинот на кој бил ѕидан овој објект од локален камен. Јазикот и изразот на архитектурата на овој објект упатува на регионалните карактеристики и традиции врзани со западниот дел на Македонија во периодот од XVI – XIX век.

 

 

Зад идејата за расчистување на остатоците од манастирската црква стои желбата за возобновување на овој храм за што се побаруваат средства и донатори. Веќе е најавена и првата богослужба за 26ти јули под отворено небо.

 

 

За да дознаете повеќе околу оваа акција, посетете ја изворната страна од каде се превземени фотографиите и информацијата – bigorski.org.mk