Ресен 1913 / Musée Albert-Kahn

Тема: The Archives of the Planet

Автор: Albert Kahn

Сниматели: Jean Brunhes; Auguste Léon

Година: Maj 1913

Извор: http://collections.albert-kahn.hauts-de-seine.fr/

 

Додека ги анализирате фотографиите од македонските градови во 1913-та година, неизбежно е чуството на тага и болка, предизвикана од разорнувачката атмосфера, карактеристична за овој историски период. Имено, нашите предци доживеале и преживеале премногу во минатото, а теророт со сигурност ги променил културолошките и животните навики на населението.

 

 

Денешната објава е посветена на градот Ресен и Ресенско. Последиците од војните, востанијата и револуциите оставиле длабоки траги врз развојот на овој регион.

 

Историски контекст

 

По Руско-турската војна, Ресен како и сите други градови во Македонија и пошироко почнал економски и интелектуално да опаѓа. Стопанството било поткопано од приливот на евтини европски стоки кои влегувале, речиси без заштитни царини на домашните пазари. Спротивно на тоа, домашните производи што се извезувале биле оптоварени со три до четири пати повисоки извозни царини од тие на увозните стоки.

Поради пропаѓањето на внатрешниот пазар и поради зголемениот даночен притисок од страна на државата, настапило нагло осиромашување на населението и појава на лихварството, кое предизвикало огромен егзодус на младата интелигенција во соседните новоослободени држави.

Разбојништвото, земало силен замав, особено во втората половина на XIX век. Арнаутски дружини, како и андартски чети, ги уценувале побогатите граѓани и селани; киднапирале лица од сите слоеви и барале високи откупнини кои морале во целост да бидат исплатени; ги напаѓале и ограбувале караваните и патниците, вршеле бројни убиства; палеле цели села и го мачеле населението.

 

Камп и дабови трупци на падините

 

Тоа во голема мера се одразило на пропаѓањето на трговијата и на опаѓањето на градовите и селата, заради несигурноста на патиштата и недостапноста на пазарите. Било незамисливо да се патува од Битола преку Ресен за Охрид, како и од Ресен за Битола.

Бугарските и грчките црковни центри ги земале последните заштеди на сиромашното население, кое умирало од глад и покрај богато обработливата земја.

Токму овие настани во Ресенско, ги предизвикале македонците да ги оформат првите вооружени чети под закрила на МРО. За време на Илинденското востание во 1903-та година, во Ресен и неговата околина се воделе жестоки борби. Иако дошло до ослободување на повеќе преспански села, градот не бил ослободен. Во втората половина на август, пристигнале три одреди турска војска и платеници, кои жестоко се одмаздиле на невините селани.

На 3 јули 1908-та година во Ресен, младиот офицер Ахмед Нијази-бег, ја организирал првата востаничка чета при што ја започнал Младотурската револуција и општествениот пресврт во Отоманското Царство.

По Битката кај Битола во 1912-та година, србите ја завземаат контролата во градот кој бил материјално уништен. Немало забележителна раздвиженост, иако се наоѓал на патот Битола-Охрид-Струга.

 

Aрхитектонско-урбанистички контекст (Ресен)

 

Ресен во првата половина на XX век, бил мало гратче, чии што жители се издржувале, главно, од земјоделство и печалбарство, а дел од занаетчиство и трговија. Од тогашните ресенски семејства само мал број се издигнале на повисоко ниво, станувајќи богати и моќни. Таа категорија се занимавала со трговско-лихварска дејност и располагала со поголеми земјишни поседи-чифлизи. Најголем дел од полската земја била чифликсајбиска, припаѓајќи им на мал број бегови и богати христијани.

  • Градот е сместен во Ресенско-преспанската котлина и го зафаќа нејзиниот северозападен дел, додека пред себе ја има високата и раскошна верига на југозападниот дел од Баба Планина.

 

Еден од плоштадите полн со барички

 

  • Во втората половина на XIX век имал околу 4100 жители, од кои христијани биле 2575, а муслимани 1525.

 

Мал канал со мост

 

  • За разлика од своите соседни градови, Ресен немал камена подлога (калдрма), сеуште бил поврзан со земјени патеки.

 

Црквата Свети Ѓорѓи

 

  • Во 1843-та година, богатите влашки фамилии ја реконструирале и ја обновиле старата помала и гробна црква „Свети Ѓорѓи“ и ја приспособиле како соборна црква во која се вршеле свети литургии, крштевања и венчавки. Во внатрешноста работеле истакнатите зографи Михаил Анагност и неговиот син Никола Михаилов ,претставници на познатата „Самаринска зографска школа“. Истата станала центар на духовно-црковниот живот на населението и долго време била единствената црква во градот. Од 1872-та до 1912-та година била под патријаршиска власт. 
    Св. Јован Крстител во Јанковец, село речиси споено со Ресен

     

  • Ресенчани се стекнале со убава и голема црква, посветена на браќата Кирил и Методиј во 1894-та година. За изградбата на таа црква помогнале многу учители, трговци, занаетчии и еснафски здруженија, мажи и жени. Осветувањето го извршил Преспанско-охридскиот Митрополит Григориј.

Од 1986-та година, фотографиите од колекцијата на Алберт Кан се чуваат во францускиот национален музеј во Париз, кој го носи името Musée Albert-Kahn. Истите се преработени и подобрени од страна на МАРХ. Оригиналните можете да ги погледнете на линкот во горниот дел од објавата.