Идадија – Учителска Школа, Скопје/ 1820

Година: 1820

Автори: Непознат, под наредба на скопскиот валија Хафиз Мехмед-паша

Извори: mk.wikipedia.org

Локација: центар на Скопје, во близина на градскиот парк во тоа време познат под името „Ислахански парк“

Еден од најпознатите објекти на Скопје е Учителската школа – некогашна педагошка образовна установа во кругот на денешна Општина Центар во Скопје. Остаток од неа е само порталот како споменик и сведок на минатото.

Авионска снимка – Панорама Дебар маало каде што се гледа комплексот со Учителската школа / Стеван Пановски, 1921-1924

Во 1820 година во Скопје доаѓа Хафиз Мехмед-паша кој бил скопски валија и неговото внимание го посветува на образованието па почнува со изградба на средното училиште „Идадија“ во близина на градскиот парк. Во истиот комлекс во помала градба тој исто го гради и занаетчиско-уметничкото школо „Ислахана“.

Идадија набрзо потоа се претвора во гимназија, а во 1898 г. во Учителска школа. Во неа се создава кадар за потребите на образованието – учители.

 

Историска фотографија од Учителската школа и дворот
Историска фотографија од 1940 година

Во 1935 Учителската школа е поплавенa од излевањето на Вардар. Како спомен на таа непогода на едниот столб од порталот е издлабена годината и водостојот која го зафатила. На 3 ноември 1944 во селото Горно Врановци, е донесена одлука за основање на Школата за народни учители во Скопје. Школата за народни учители во Скопје официjално започнува со работа на 1 март 1945 година, со 13 наставници и 314 ученици во 9 паралелки. Третиот кат бил интернат за женските ученици, со болнички стационар, a машките биле сместени во објектите во дворот на истата. Подоцна од Учителска школа се преименува во Учителска школа „Никола Карев“ – Скопје.

 

Плочи во спомен на првата генерација учители

 

Учителската зграда била на четири ката, со еден главен влез – портал, преку кој влегувале само учителите, додека пак учениците влегувале преку спореден влез. Зградата била во форма на квадрат со средишен атриумски дел, така што имало многу простории по периферијата на зградата и сите биле со природно осветлување. Учителската школа била дел од комплекс на повеќе згради, меѓу кои постоел и интернат. Се наоѓала на просторот помеѓу Министерството за одбрана и бараките на општина Центар. На местото каде што денес се наоѓаат бараките на општина Центар бил училишниот двор, уреден парк со дрвја и клупи за одмор. Таму се наоѓала и бараката т.е портирницата на учителската школа.

 

Портирницата пред Учителската школа
Ретка историска фотографија од Учителската школа

 

Архитектонското обликување на објектот е јасно произлезено од неговата функција и конструкција. Функцијата е јасно читлива преку обликувањето на волумените кои го сочинуваат објектот. Постои одредено академско влијание во фасадното обликување во пропорцијата и репетитивноста на прозорските отвори кои се протегаат низ целата височина на објектот. Главниот портал на зградата со елементи на класичен архитектонски поредок, кој е во средината на една од фасадите, ја нагласува симетричноста во обликувањето на самиот објект, а катноста на објектот се отсликува и на самата фасада каде јасно е видлива поделбата по вертикала. Истиот архитектонски јазик е препознатлив и кај другите објекти кои биле во комплексот околу Учителската школа, како интернатот за учениците.

Комплексот кај Учителската школа
Историска фотографија од Учителската школа

 

По вторпат во 1962 година реката Вардар го поплавува училиштето, а веќе следната година по катастрофалниот земјотрес во 1963 година се урива зградата, оставајќи го само влезниот портал од Учителската школа, како нем споменик.

 

Порталот денес

 

Во 2006 Општина Центар започна со иницијатива порталот од Учителската школа да претставува симболичен влез во новата општинска зграда, спречувајќи го така неговото пропаѓање од забот на времето.

Во 2016/2017 година беше планирана реизградба на некогашната Учителска школа во рамките на програмата за инфраструктурни инвестиции на МОН и Министерството за култура, каде беше предвидено да се сместат дел од повиските образовни институции како Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и Ликовнста академија од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“. Објавата на конкурсот за избор на идејно решение во септември 2016 во јавноста беше протолкувана како порака за продолжување на идејата за наметнување доминантно неокласицистички идентитет на градот, сведена под максимата Скопје 2014.

 

Порталот денес од надворешна страна

 

Старата Учителска школа е од особено значење за историјата на Скопје со неговата општествено културна дејност, претставува споменик на културата и прв повоен расадник на наставен кадар. Порталот на старата Учителска школа, кој денес се наоѓа во дворот на Општината Центар како дел од образовната установа изградена во време на Турската Империја, е еден од оние споменици кој со себе носи траги и зборува за едно поинакво време за кое многумина имаат убави сеќавања, објектот е културно наследство заштитен со закон.