Ревитализација и доградба на Градското собрание на град Струмица / Чеботарева

Универзитет: Американ Колеџ Скопје – Факултет за архитектура и дизајн

Тема: Ревитализација и доградба на Градското Собрание, објект под режим на закон за заштита во Струмица

Автор: Зорица Чеботарева, д.и.а.

Ментор: м-р Тони Васиќ

Година: 2019

 

Градот Струмица има богата историја во својот повеќевековен развој и како таков се карактеризира со богато културно наследство од сите значајни историски епохи. Од непроценлива важност и како најсуштествен белег за една држава претставува нејзиното историско и културно наследство со кое нашата земја може да се пофали, а преку кое истата се афирмира и претставува во меѓународни рамки. Одовде произлегува и мотивот за истражување на оваа проблематика, конкретно избраниот објект, Зградата на Собранието на Општина Струмица, објект кој е под режим на законот за заштита на културно наследство.

 

Некогашниот Општински дом, сега Собрание на Општина Струмица,

извор: Марјан Ѕингаров

 

Во овој труд се дава осврт на поимот на културно наследство согласно правните прописи во Република Македонија. Покрај научното истражување, се става акцент конкретно на објектот, неговата постоечка состојба и предлог решението кое произлегува како резултат на поставената хипотеза. Слободно може да се каже, поради непроценливата вредност на ова културно наследство, идејното решение ќе даде придонес во неговата понатамошна заштита, зачувување и подигање на свеста кај граѓаните за неговата важност. Интересот за избраниот објект произлегува и од неговата врска со околниот контекст, централното градско подрачје кое воедно е и историско јадро на старата струмичка архитектура. Објектот е опкружен со значајни референтни точки како што се Старата Градска Чаршија и познатиот хотел Српски Крал, кои исто така се вклучени во списокот на културно наследство на Македонија. Затоа претставува предизвик да биде истакнат токму тој како доминантен симбол на градот.

 

Фасаден изглед на Собранието, постоечка ситуација,

фотографија: Зорица Чеботарева

 

Во периодот меѓу двете Светски војни, третирањето на влезните партии со лачен трем и високи столбови се јавува како специфичен архитектонски елемент на административните објекти. Објектот на Општинското Собрание во Струмица е еден од најспецифичните, а можеби и единствен објект од ваков тип изграден во македонските градови од тој период. Според истражувањата, објектот е граден во периодот од 1926 година до 1931 година. Архитекти на тогашниот Градски народен собор, односно Општински дом, биле браќата Секура од Љубљана, Словенија. Кај овој објект се појавува специфична структура во која се интерполирани елементи од различни стилски категории кои заедно создаваат специфична, сложена и комплексна стилска конфигурација. Тешко е да се утврди една интегрална стилска формација со оглед на големиот број на влијанија на различни архитектонски стилови од тој период.

 

 Постоечка состојба, фотографија: Зорица Чеботарева

 

Објектот има подземно ниво, приземје и два ката. Со двете фронтални фасади излегува на главните вкрстени улици. Западниот дел на објектот го следи надворешниот облик при што создава внатрешен двор во функција на паркинг простор. Таму е поставен економскиот влез на објектот.

 

Постоечка ситуација

 

Според направените истражувања, администрацијата на Општина Струмица е поделена во шест сектори од кои четири се сместени во објектот на Собранието, додека два се одделени во посебни објекти. Дел од канцелариските простори на објектот моментално се во повремена функција на надворешни институции. Токму поради недостатокот на простор се јавува потреба за дополнителни канцеларии, со цел целата администрација да биде сместена во еден објект.

 

Југоисточна фасада / постоечка ситуација

 

Со цел да се зацврсти и поткрепи поставената теза, изработено е идејно решение преку кое се истакнуваат личните размислувања и архитектонско-проектантски гледишта на пристапување кон ваквите објекти.

 

Пресек / постоечка ситуација

Првиот дел од идејното решение се однесува на ревитализацијата на постоечкиот објект. Согласно режимот за заштита на објекти од оваа категорија, а во рамки на законот, дозволена е адаптација на ентериерното решение на постоечкиот објект, негово ревитализирање или изградба на нови објекти на празните локации.

 

Споредба на постоечката и новопредвидената состојба на приземје, приказ на отстранети и доградени преградни ѕидови

 

Вториот дел од идејното решение се однесува на доградбата на објектот. Доградбата е поставена во внатрешниот двор на парцелата и со новопредвидените пристапи се овозможува пешачка комуникација до неа од трите страни на парцелата. Главниот влез во новиот објект е предвиден на северната страна на парцелата. Приземјето на постоечкиот објект е на кота повисока од приземјето на новопредвидениот. Предвидена е директна врска помеѓу постоечкото и доградбата и истата е воспоставена преку постоечкиот влез на југозападната страна кој води до скалишното јадро на постоечкиот објект.

 

Продирање низ блокот и остварување комуникација во внатрешноста на блокот

 

   Новопредвидена ситуација – монтажа

 

Новопредвидена ситуација со отворено приземје

 

Функционално, новиот објект може да се подели на две целини. Еден дел е двовисинскиот простор во кој се сместени отворени работни простори каде што се предвидени секторите кои директно одговараат на потребите на граѓаните. Ваквите канцеларии од отворен тип и даваат нов квалитет на работата на општинската администрација.

 

3д приказ

 

Централно е позиционирана салата на Советот која се наоѓа на катот и до која се пристапува со две вертикални комуникации од кои едната обезбедува пристап на членовите на Советот, а другата е за надворешните членови, публика, новинари и гости. Катот е затворен со стаклена обвивка која му дава отворен карактер на просторот. Под салата се сместени канцеларии за вработените, санитарии и помошни простории. Таму е остварена и врската на новата архитектура и стариот објект.

 

Новопредвидена ситуација – прв кат

 

Предизвик е да се креира решение кое истовремено ќе одговори на законската норматива и ќе се вклопи во една препознатлива историска архитектура на градот без да го попречува неговиот акцент. Поврзувањето на двата објекти во една целина се јавува како одговор на бројните истражувања и примери од архитектурата.

 

 

Целта на поставената теза и одговорот на истата е да се истакне личниот авторски став за пристапот кон објекти заштитени со законот за заштита на објекти од културно наследство, објекти од историско и културно значење, принципи на доградба и вметнување нов современ печат на старото архитектонско јадро на градот.