Ревитализација на Старата скопска чаршија: замена на поплочувањето

Година: 2020

Тема: „Ревитализација на Старата скопска чаршија“ 

Локација: Старата скопска чаршија, Скопје

Започнувањето со промената на партерното уредување на ул. Битпазарска во Старата скопска чаршија го насочи нашето внимание кон пристапот и начинот на реставрацијата на истата. Контроверзниот проект „Скопје 2014“ го зазема нашето целосно внимание во последните години, како и да заборавивме за процесите кои се одвиваа во Старата скопска чаршија. Можеби сето ова внимание е еден начин на будење, за критично да ги пратиме сите процеси и партиципација на јавноста во истите. Проект од вакви размери каде се предвидува „автентично“ партерно решение и „унифицирање“ на преку 90 дуќани, бара огромна јавна дебата, бидејќи директно се навлегува во промена на ликот на Чаршијата.

Споредба на старото(доле) и новото (горе) поплочување  @Dimitar Gramos, facebook

Скопската чаршија е заштитена со закон од 2008: „Закон за прогласување на Старата скопска чаршија за културно наследство од особено значење “, Следниот можете да го пронајдете овде : Архива.Култура.мк

Со овој закон е предвидено Општина Центар и Општина Чаир да донесат Детални урбанистички планови кои се базирани на конзерваторски основи, изготвени од Националната установа-Конзерваторски центар – Скопје. Во параметрите за уредување на просторот на Старата скопска чаршија, (завод на заштита на спомениците на културата на град Скопје 2002), под обработка на партер се наведува задржување на партерот со травертин. Несомнено е дека и моменталниот проект ги следи овие параметри и има добиено позитивно мислење од НУ Конзерваторски центар – Скопје и конзерваторско одобрение од Управата, како што стои во известувањето на владата  : влада.мк

Можеби главното прашање кое треба да го поставиме е дали постоечката подлога беше во лоша состојба и дали истата можеше да биде локално санирана, прередена и друго. Сегашниот проект предвидува 2000 м2 во целосно нова подлога.

Кога станува збор за автентичното поплочување на чаршијата, одговорот е многу тешко да се формулира. Поплочувањето било последица на различни фази во развојот на чаршијата и на нејзиното ширење и модернизирање. Пред земјотресот во 1963 година затекнатото поплочување се состоело од балзатни камени коцки (турска калдрма), гранитна коцка, ситен речен камен итн. Како главна карактеристика се појавува централниот одвод на водата од улиците како и постоење на тротоари.

 

Улица Битпазарска пo земјотресот од 1963 година  @forum, build.mk

Постојното поплочување на уличната мрежа е изработено под идејните и деталните урбанистички планови изработени по земјотресот во текот на 1966 и 1967 година. Во нив се предвидува уличната мрежа да биде исклучиво пешачка и да се наложи нејзината реконструкција како последица на примитивна водоводна и канализациска мрежа. Следејќи го планот, Ул. Битпазарска и Ул. Кујунџиска се поплочуваат во блокови од травертин како главни оски север-југ, дел од логичниот третман на улиците во однос на користење и атрактивност. Страничните улици се поплочени со неправилни камени коцки. Со истите работи се подига нивото на улиците каде тротоарот како уште една карактеристика на улиците изчезнува.

Со ова на ум, се поставува прашањето каква е автентичноста на поплочувањето во чаршијата? Да се постави тезата дека се задржува автентичноста со самото поставување на плочи од травертин е можеби погрешна. Историските слики од Скопје ја прикажуваат ул. Битпазарска со поплочување од нерегуларен голем камен. Во проектот за ревитализација на чаршијата од 1967 година, Арх. Тихомир Арсовски и Арх. Борис Чипан го зимаат во предвид постојното поплочување во дизајнирањето на новото.

Моменталната состојба на улица Битпазарска  @МАРХ

Во веќе  завршениот дел кај стоковната куќа Илинден, изборот на поплочувањето паѓа на мали машинско сечени плочи, кои не се пескарени. Можеби главно прашање е, како е предвидено да се поплочи остатокот од улицата Битпазарска. Во духот на автентичноста, како проектот од 1967 според оригиналното поплочување, прикажано на горенаведените фотографии? Или поплочувањето кое веќе го видовме на првиот потег во целата должина на улицата?

Прашањето и одговорот околу поплочувањето на  Старата скопска чаршија се комплицирани. Можеби изборот на мали машински сечени плочи е погрешен, избор кој го наведува посетителот низ улиците да разбере дека не се наоѓа во историско опкружување? Проект од вакви размери каде се предвидува „автентично“ партерно решение и „унифицирање“ на преку 90 дуќани, бара огромна јавна дебата, бидејќи директно се навлегува во промена на ликот на Чаршијата.

Проектот е веќе во изведба. Имајќи во предвид дека се зборува за зафат на добро од јавен интерес, како конзерватор би побарал јавно да бидат достапни: конзерваторското истражување, проектот кој е изработен од фирма со лиценца А (конзервација) и позитивното мислење дадено од НУ конзерваторски центар – Скопје на истиот. Само така јавноста би можела да биде вклучена во дебатата која моментално се води.

Можеби моменталните работи ќе не наведат размислува и кон формирање на глобален „master plan“ кој ќе има сеопфатна визија за чаршијата која ќе обезбеди континуиран и унифициран развој на Старата скопска чаршија.

 

Авторот е Магистер по конзервација на споменици и локалитети на културата.

 

 

БИБЛИОГРАФИЈА

Коробар В,. Алексиевска Ј. Токарев М. Димитров К. (2002), Параметри за уредување на просторот на урбанистичките модули и урбанистичките парцели во деталниот урбанистилки план на Старата скопска чаршија.

Арсовски Тихомир, (1971), Старата скопска чаршија, завод за станбено и комунално стопанисување.

Чипан Борис, (1967) Програма за урбанистички проект Стара чаршија 19, завод за урбанизам и архитектура Скопје,