Ристо Шеќерински / 1927 – 2016
21.06.2021 • Автори
Ристо Шеќерински е роден во Штип во 1927 година, а починал на 05.08.2016 година, во Штудгарт, Германија. Дипломирал на Архитектонски Факултет во Белград 1951 год. кај проф.арх. Богдан Несторов. Прво вработување по дипломирањето е во компанијата “Проектант” во Скопје каде останал до 1956 година. Следното место на делување му е во Нови Сад, а потоа и Белград, каде работел како проектант до 1963 година. Од таа година се преселил во во Швајцарија, а потоа и во Германија, каде останува до крајот на својот живот.
Шеќерински пред реализиран проект во околината на Минхен / од документарниот серијал „Нашите низ светот“
Учествувал на повеќе архитектонски конкурси од 1951-1991 год. на кои освоил повеќе од 10 први награди. За време на неговата петгодишна работа во Скопје, реализирани се неколку негови проекти: Станбен блок на аголот од булевар “Кочо Рацин” и ул. “11 Октомври”, станбен блок на ул. “Орце Николов”, (за универзитетските вработени), административен објект на ул. “11 Октомври”,(урната во земјотресот во 1963 г.). Покрај со архитектурата се бавел и со изработка на многу акварели и разни цртажи.
Универзитетска зграда на ул. „Орце Николов“ / фото: Google street view
Во тековниов период, кога се ревалоризира модернистичкото наследство на поранешните југословенски републики, особено добива на публицитет, зградата наречена „Тоблероне“ во Белград во Карабурма, дело на Ристо Шеќерински, изградена 1963 година.
Зграда „Тоблероне“ / фото: Stefano Perego Photography
Зграда „Тоблероне“ / фото: Roberto Conte (2015)
За овој автор, во 1979 година снимен е и краток документарец во кој можеме да се запознаеме со повеќе негови лични видувања и реализации во Нов Белград, Блискиот Исток, Швајцарија и Германија.
Имињата кои оставиле впечаток врз неговиот професионален развој се архитектите Мис ван дер Рое, Алвар Алто и Шарун.
За овој наш плоден автор, чии дела се реализирани ширум Европа, треба допрво да истражуваме и споделуваме. Упатуваме јавна покана на оние кои поседуваат материјал и истиот имаат желба да го споделат, да не контактираат на нашата адреса.
Користени извори:
www.mms.mk ; youtube; google maps ; Stefano Perego ; Roberto Conte
Автор на статија: Filip Koneski
Белград / македонски автор / Македонски архитект / Ристо Шеќерински / Тоблероне / штип