Какви се овие рокови?!

Ситуацијата со конкурсите за архитектонските идејни решенија, како и во минатото, останува иста и непроменета. Покрај она што треба истиот да значи, а тоа сигурно не треба да биде тендер за набавки, некогаш „институцијата“ конкурс се сведува на целосно потценување на интелектуалниот труд. За наградните фондови многу пати сме говореле, но доколку наградата значи некакво признание за идејата и концептот, се ќе е посмирено доколку првопласираниот го има привилегираното право да преговара прв за основниот проект. Сепак тоа останува на личниот избор на инвеститорот, може да ве поканат, или може да организираат повторен внатрешен тендер меѓу наградените за понуда за следната фаза. Тука тендерот е нелогичен и безмилосен затоа што на сила стапува условот – најефтината понуда и смешниот рок за изработка на основниот проект.

Логиката е контрадикторна, бидејќи обемот на проектите не може да биде во никаков случај ист ( се работи за различни авторски пристапи, стилски израз, материјализација итн.) со што и цената не може да биде споредлива. Па така ако освоите прво место и вашето решение комисијата го оцени како најдобро, во втората фаза можете да го изгубите договорот, затоа што второпласираниот или третопласираниот ќе понудат поефтин проект. Тоа значи дека комисијата е втуранта во ситуација самата себе да си ја негира одлуката и е присилена од законот да ја избере најниската цена. Така по случајност или не, доколку сте освоиле второ или трето место, можете да му ја земете работата на првопласираниот, па и правото делумно да го искористите неговиот труд, во хемафродитскиот спој на решение од се што нарачателот ќе одбере од „тезгата“ со наградени и откупени трудови.

Но што правиме со роковите на самиот старт?!

Тековно е распишан конкурс од страна на ЈП за ПУП – Прилеп, за Идејно решение за реконструкција, доградба и пренамена на дел од дом на култура Марко Цепенков во театар, за потребите на Народен театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. 

Рокот од едвај еден месец (04.07.2018 – 08.08.2018 ) е просто зачудувачки и срамен за сериозноста на задачата, во која на еден авторски објект треба да се надоврзете без да го деградирате ( се разбира доколку работи моралот и етиката кај учесниците).

Предвидени се три награди, со огромна разлика помеѓу себе – Прва награда 142.000,оо денари -Втора награда 30.000,оо денари -Трета награда 18.000,оо денари. Така да можете да се ставите во позиција да освоите трето место и да добиете 300 евра за проектирање на идејно решение за театар :/  а притоа авторските права за истиот да останат во сопственост на распишувачот.

Колку и да сте волни да придонесете за ова општество и професионално да се жртвувате во овие конкурси, после долги години непроменливост на ситуацијата и глувоста на распишувачите, борбата на нашата фела очигледно ќе остане на коментари на објави по социјалните медиуми и „солење памет“ еден меѓу друг, додека ангажираните студија нема да сочуствуваат со проблемот се додека не им се сруши некој ветен тендер на „глава“.