Саат-кула, Велес / 1873 год.
06.05.2022 • XVI - XIX век
Година: 1873
Фотографии: Велес низ минатото - ФБ
Извори: Велес низ минатото - ФБ; www.wikipedia.mk; www.duma.mk
Локација: Велес
Велес има повеќе значајни историски и културни знаменитости меѓу кои најстар е објектот саат кула, што се наоѓа во центарот на градот. Саат кулата е висока триесет метри. Турците ја изградиле во 17 век како стражарница или пушкарница. Од неа турските војници, стражарејќи, надгледувале се што се случувало во тогашните седум градски маала, дали христијаните се „мирни“ или пак подготвуваат некакво „изненадување“ против Империјата.
Од исто место во секое време турскиот арскер ги контролирал маалата „Бузаана“- Ладен ан, кое се наоѓало на највисокиот дел на ридот од западна страна. До него било маалото „Мегдан“- отворено место за средби, а десно од „Бузаана“ и „Мегдан“ било маалото „Којник“, кое прво се викало „Појник“ поради тоа што преставувало место за напојување на стоката наутро кога се истерувала и навечер кога се враќала од паша, дома.
Пред објектот стражарница, петстотини метри на север, околу двата јавора се наоѓало маалото „Саармале“ кое според истражувањата на професорката Лилјана Георгиева Бојаџиева, познато по продажбата на срма.
Во најрамниот дел на Велес се наоѓа маалото „Дворови“.
На левата страна од реката Вардар, која градот го дели на два дела, се наоѓа маалото „Прцорек“ или „Брзорек“, поради најбрзиот тек на реката, „Јурија“- отворено место додека десно од него маалото се викало „Соколана“.
Од саат кулата Турците постојано го надгледувале движењето на граѓаните преку Мало мовче, на градското пазариште и со изградбата, во 1873 година, се контролирал сообраќајот на железничката пруга Велес-Солун.
Во тоа време, кулата, се гледала од сите делови на градот.
А кога ја завршила воената улога, пред околу 3,5 века, непознат турски саатчија на кулата поставил саатчиски механизам кој функционира до денешен ден. Штом го поставил механизмот кулата била преименувана во Грасски саат а механизмот секоја ноќ, на полноќ, морало да се „курдисува“ и повремено да се подмачкува.
Саат кулата има двеста скалила, до плоштатката, под самиот нејзин врв, каде што се наоѓаат три механизми. Првиот го мери времето, вториот е за отчукување на часовите и третиот механизам е за поврзување со камбаната.
Тогашните жители на Велес немале часовници во своите домови, се до 20 век, до кога единствено Градскиот саат за сите нив го мерел времето. Камбаната била излеана 1735 година и по сто години била заменета со полесна. Првата камбана била голема и многу гласна. Се слушала на далеку.
Менувањето на старото со новото ѕвоно во своите записи го забележал турскиот патописец Евлија Челебија. Чинот на смена на ѕвоното се поврзува и со едно случување за кое се раскажува во градот. Имено до Градскиот саат дом имал значаен во тоа време турски бег. Неговата жена била бремена кога еден ден одмарајќи задремала и кога точно напладне часовникот почнал да отчува жената толку многу се исплашила што ја пометнала рожбата. Бегот пак не можел да ја преболи загубата на нероденото дете и наредил ѕвоното да се замени со помало и потивко. Но и со помалото ѕвоно Градскиот саат без проблеми им го „кажувал“ времето на велешани.
Освен што го има почесното место на листата на значајни историски и културни знаменитости на Велес Градскиот саат е ставен и на амблемот на градот. Професорката Бојаџиева со право вели дека ретки се градовите како Велес што можат да се пофалат со ваква убава и ретка градба на саат кула која неуморно и понатаму го мери времето.
Објектот во 1975 година, по одлука на претседателот на општината Стево Ќулумов беше реновиран и продолжи неуморно да го мери времето.
Автор на статија: Martina Shteriova