Семејството Рензови-Дамјанови-Зографски

Извори: Архитект Андреја Дамјанов – Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова, Скопје 2001; Творечкиот опус на прото-мајсторот Андреја Дамјанов – Крум Томовски

 

Вовед

По своето потекло, семејството Рензовци-Дамјанови-Зографски се Мијаци, од малореканското село Тресонче (Дебарско, западна Македонија), кое подоцна, во 18-от век, се преселило во селото Папрадиште (Велешко).

Тоа е семејство кое дало голем број сестрани уметници, зографи, резбари, архитекти и градители. Нивното творештво има клучна улога во култоролошките промени на Балканот. Работеле во Македонија, Грција, Бугарија, Албанија, Турција, Србија, Босна и Херцеговина.

Мирче / XVII век (втора половина)

Времето кога семејството Рензови-Дамјанови-Зографски отпочнало да се занимава со градење е тешко да се дефинира, бидејќи не постојат пишани податоци. Меѓутоа кон крајот на 17-от век, семејната градителска традиција е веќе воспоставена. Во тоа време живеел мајсторот Мирче чии реализации не се познати, но затоа се сочувани податоците за неговиот син Богдан кој во почеток на 18-от век продолжил по професионалните стапки на татка си.

Богдан Мирчев / XVIII век (прва половина)

За Богдан е познат податокот дека работел главно во престолнината Цариград, но и во други градови каде градел џамии и цркви. Истите ги насликувал бидејќи бил одличен зограф. Прославен како вешт во сликањето добил нарачка за портрет на султанот кој бил многу задоволен и го наградил сликарот. Наградата се состоела од доделување право да носи оружје, добивање турски вооружен телохранител кого можел да го носи насекаде со себе и користење на други бенефиции на турската власт, како прочуен граѓанин на Империјата. Архитектонските градби кои тој ги реализирал до денес се уште не е познато.

Силјан и Стефан Богдановски / XVIII век (прва половина)

Богдан имал два сина – Силјан и Стефан Богдановски (според тогашната традиција, презимето произлегувало од името на таткото). Тие биле родени во с.Тресонче. Меѓутоа, несигурните прилики во родниот крај поради честите арнаутски напади, ги принудува да го напуштат и да се преселат некаде во втората половина на XVIII век во село Ѕвезданово по повик на Емин-ага, тогашен владетел на градот Велес. Ѕвезданово било толку многу обраснато со папрати што подоцна го нарекле Папрадиште. Заедно со нивните семејства се доселиле и многу други, како од Тресонче така и од Лазарополе, Осој, Гари, Могорче и др. Одделени семејства се преселиле во Солун, Воден, Смилево и на други места.

Што се однесува до Силјан, тој со својот брат работел на поправката на Мустафа пашината џамија во Скопје, изградил големи беговски конаци во Велес, а потоа како добро познат градител, со својата тајфа продолжил да работи во Цариград, Едрене и околината. Неговите два сина Јанкула и Стефан кои се родиле околу 1750 год. во Тресонче, граделе сé до почетокот на 19-от век главно во Серес, Драма, Кавала, Солун и Измир.

Јанкула и Стефан Силјанов / XVIII век (втора половина)

Јанкула изгрaдил голема црква во Драма, една во Солун и прекрасните Паша-Димкови конаци во Велес кои се уништени во 1915-18 год. Јанкула имал два сина: Дамјан и Цветан, а Стефан еден: Доспе (Деспот). Со генерацијата на Јанкула и Стефан и нивното потомство, отпочнала новата творечка епопеја на Рензови – Дамјанови. Тоа е почетокот на 19-oт век.

Доспе се преселил во Бугарија, во Самоков и таму го формирал органокот на семејството Рензовци – Доспевци, кои станале прочуени зографи. Дел од нив се школувале во Русија. Најпознати биле Станислав, Иван и Никола. Тие никогаш не ја прекинале врската со семејството во Велес и често учествувале во насликувањата на црквите од нивните роднини (Штип, Велес, Пирот, Лесковац, Кратово итн.).

Дамјан Рензовски / XVIII-XIX век

Како познат градител се афирмира Дамјан Рензовски (1770-1850). Тој останал и работел во Македонија, но интензивно градел и околу Солун, Самоков, Пловдив, итн. Се претпоставува дека е негова црквата во Гевгелија и одреден број цркви во Повардарието и Овчеполието. Има податоци за тоа дека изградил многу убава црква во Битола (непозната). Покрај со архитектура, се занимавал и со сликарство од што се сочувани само скици за икони и фрески.

Дамјан ја отпочнал црквата Св. Богородица во Скопје, чие градење траело многу долго заради попречувања од страна на турската власт. Во 1934-35 год. тој умира, оставајќи ја црквата недовршена.

Браќата Дамјанови / XIX век

Дамјан имал 4 сина кои веќе биле зрели професионалци:  Коста (архитект-градител и зограф). Ѓорѓи (зограф), Андреја (архитект-градител) и Никола (копаничар)

До 1825 год. тие живееле во Папрадиште, од каде се упатувале на работа во Солун, Србија, Босна и Херцеговина. Биле толку многу познати, што честопати истовремено работеле на повеќе градби. Меѓутоа, помеѓу нив најмногу се истакнувал Андреја, кој подоцна се афирмирал како еден од најпознатите градители на своето време на пошироките балкански простори.

Талентот за архитектурата кај Андреја се појавил на рана возраст додека го учел градителскиот занает во тајфата на дедото Јанкула и таткото Дамјан. Оттука, веќе на 22-годишна возраст, во 1835 год. браќата го назначиле да раководи со градењето на црквата Св. Богородица во Скопје, отпочната од тукушто починатиот татко (црквата изгорела во 1944год.). Ова негово самостојно дело е крајно зрело и е прво во низата од над 40 црковни и други општествени објекти кои ги реализирал на покана од авторите во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора. Делата кои ги изградил во Бугарија и Грција се непознати. Андреја Дамјанов починал во 1878 год. и е погребен во семејната гробница во Велес. Покрај црквата Св. Пантелејмон.

 

Дамјан Андреев / XIX-XX век

Но, со неговата смрт не завршило неговото дело. Неговите синови продолжиле по неговите стапки. Едниот од нив, Дамјан (Даме) Андреев (1847-1921), кој бил и архитект и сликар (зограф), ја изградил соборната црква во Призрен (1889), Св. Кирил и Методиј во Тетово (1903-25), Св. Богородица во Велес (1905), црква во Косовска Митровица, црква во Гостивар, ја обновил Св. Димитрија во Скопје (1896) и др.

Симеон Зографов / XX век

Синот на Даме, Симеон е првиот од директната лоза на Андреја кој ја продолжил традицијата, но по академски пат. Тој се родил во Велес и завршил гимназија во Солун. Во 1900 год. завршил математика на Софискиот универзитет, а потоа во Белгија инженерство на Бриселската техничка академија. Кога се вратил во Бугарија работел во Министерството за градежништво, а во 1908 год. се преселил во Добрич каде изградил голем број општествени и станбени објекти.

Ѓорѓи Зографски / XX век

Роден е во село Папрадиште, Велешко во 1871 година. Неговиот татко, Јаков е син на Георги, братот на Андреја Дамјанов. Истите се наследници на зоографската традиција на семејстовото.

Ѓорѓи стекнал голем авторитет како сликар, кој покрај црковното, почнал да го негува и профаното сликарство. Спонтано ги прифатил новите ликовни струења во уметноста, го збогатил својот ликовен репертоар со нови ликовни идеи и содржини, со теми инспирирани од секојдневниот живот и непосредната околина. Покрај икони и живопис, насликал и доста портрети на познати личности, трговци, занаетчии и на негови пријатели од Велес. Неговите дела освен во црквите и манастирите во Македонија и Србија, се наоѓаат и во приватни музејски збирки во Бугарија.

Значење

Со стапувањето на градителството на сцена, генерациите од Рензовскиот род настапуваат со нови идеи за градење на монументални објекти поврзани со домашната традиција и со европското наследство од поново време. Создавајќи нови просторни и уметнички композиции, особено изразени во сакралната архитектура. Така е формирана „Рензовската Школа”, која одиграла голема улога во развојот на македонското градителство. Нејзините бројни следбеници ги прифаќаат идеите на Рензовци и ги реализираат во објекти, збогатувајќи ја историјата на македонската архитектура и уметност со нови вредности.