Што беше тоа паркинг?
Темата за паркингот во Скопје е нус производ на македонскиот урбанизам и македонската легислатива. Последните 30 години, проблемот се зголемува бескрајно без сериозен пристап и стратегија. Впрочем Скопје и „нашата земја“, како во последно време многумина милуваат да кажат, немаат баш јасна визија за својот развој или бар мислат дека имаат.
Паркинг просторот како недостаток започна со градежниот бум во Буњаковец, потоа Дебар Маало и останатите населби кога пораснаа висините на објектите во урбанистичките планови, тогаш од куќи добивме згради насекаде.
Ул. „Христо Смирненски“, Буњаковец / Скопје
Следејќи ги важечките правилници за урбанистичко планирање, паркинг просторот се предвидува уште во проектирањето на станбените објекти. Но, сите кои се во струката знаат дека често проектите се прават онака како би ги задоволиле правилниците се до добивање на дозволата, а потоа при изведбата магично исчезнува целото подземно ниво, или второто предвидено ниво. Според дадените равенки, вие проектирате паркинг места за да ги задоволите стандардите, но дали тоа докрај се спроведува постојат примери кои го докажуваат процесот на манипулација.
Од правилник за стандарди и нормативи за урбанситичко планирање / 2015
Проблемот настанува потоа. Никој од општините, ниту градот врши контрола на тоа што е изведено, што значи многу работи од проектот кој добил дозвола за градба можат да не постојат во реалноста што е своевидна измама. Вие можете да купите стан, но никако не сте обврзани да купите паркинг место. Истовремено инвеститорите ги креваат цените на паркинг местото, па истото може да достигне цена и до 5000 евра во просечен станбен објект. Работите во некои сегменти се променети, но далеку од решени.
Решението треба брзо да се донесе преку промена на законите и брзо стапување во сила – секој станбен објект мора да е врзан со паркинг место, притоа тоа да е неделиво во катастар. Без паркинг место – нема имотен лист за стан. Постапката звучи ригорозно, особено за луѓето кои немаат автобомили, или не сакаат да имаат, но доминатниот дел од луѓето поседуваат автомобили дури и повеќе од еден. Истовремено цената за паркинг местото која треба да е вклучена во вкупната цена на станот може да се дефинира и стандардизира како не би имало злоупотреба.
Пошта / Градски ѕид / Влада на Р. Македонија
Во општество каде менталитетот лесно се приспособува на хаосот, т.е најчесто своите постапки ги оправдува преку примерот на останатите кои се огрешиле пред системот, влегувајќи во општата маса која го создава проблемот, мора да се донесат регулативи и истите бескомпромисно да се спроведуваат. Во овој контекст имаме дузина примери, каде сопственици на гаражи воопшто не паркираат во нив, а истите ги пренаменуваат, изнајмуваат и продаваат, додека своето возило го паркираат на јавните паркинзи, на тротоар или во тревник.
Ѕид на сообраќаен срам / Манолев
Во времето на минатите власти, идејата за метропола која треба да го реши паркинг просторот во центарот на градот, продуцира огромен број на катни гаражи окупирајќи вредни парцели, каде требаше да се предвидат јавни функции за градот. Па така имаме катна гаража меѓу ПТТ комплексот, уште една веднаш залепена до кулата, катна гаража до Скопската тврдина, проширување на подземната гаража под МОБ и уништување на најатрактивниот партер во градот, едноставно гаражи насекаде.
Тоа значи трошење на највредниот простор во државата со цел секој да е по можност возилото да го остави пред работното место, наместо да креираме простор за објекти од културата, образованието и слични дејности. Во малиот ринг, не требаше да се дозволи трошење на земјиштето во ваква цел, туку стимулација на квалитетен јавен превоз, додека гаражирањето да излезе вон рингот.
Приложениот пример кој може сликовито да ве внесе во проблемот е позициониран во општина Кисела Вода, на просторот меѓу населбите 11 Октомври-згради и 11 Октомври – бараки, каде во идниов период следува реализација на урбанистичкиот план со повеќе нови станбени објекти.
Снимка
Објектот кој е посочен е прв изграден пред повеќе години, кај истиот можеме да забележиме надворешен паркинг и гаража во подземните нивоа, но станарите доминантно паркираат на улицата.
Паркирани возила на улицата
Притоа урбанистичкиот план предвидува целосно окупирање на површините вон просторот за градба за паркинг ( околу објектите, долж улиците итн.) со што добиваме повторно улица без дрворед. Колку вреди алчноста кон комуналии, кога не одвојуваме 3 метри од двете страни на една улица, вкупно 6 м, за да дефинираме дрвореди кои се белег на Скопје, природна климатизација за летните денови, прочистувачи на воздухот ….. ?
Урбанистички план за потегот ( светло сино обоената површина е изведената станбена зграда посочена како пример)
Овој проблем постои и таму каде е направена штетата, останува во вечноста, но се што правиме од тука натаму може да се превенира и навреме да се интервенира. Прашањето е што ќе се случи со оваа нова населба, со овој урбанистички план, дококлу една зграда веќе продуцирала зафаќање на половина од јавните паркинг површини долж улицата, на која треба да се придружат уште нови 7 објекти ?!
Автор на статија: Filip Koneski