Арт центар / Силјановска

Магистерски труд

Тема: Арт Центар – проект за објект од областа на културата со цел за поттикнување на развојот на креативните индустрии во Битола

Автор: Софија Силјановска

Локација: Битола

Целта на овој магистерски труд е да се направи идејно решение за уметнички центар во Битола, односно преку истражувачки процес да се дојде до решение што најдобро би одговорило на потребите на градот. При одбирањето на оваа тема фокусот беше поставен врз самиот град, како центар на културата во Република Македонија и како место каде што секоја година се одржуваат многубројни значајни манифестации. Преку создавање на нов простор се создава и нова креативна платформа, достапна за сите, односно простор каде што би можеле да се собираат младите, независни уметници за да ги претстават своите дела, а кое воедно би било и место на социјална интеракција за новите и постарите генерации, и место кое би привлекувало нова публика и би ја доближило културата до пошироките маси.

Уметничкиот цетар е функционален центар чија примарна улога е да ја промовира уметноста и да овозможи услови за нејзино создавање. Арт центарот претставува спој на содржини и функции кои ќе ги овозможат сите фази од создавањето на уметничкото дело, од негова почетна идеја и изработка до негово изложување и презентација пред јавноста. Носечката идеја е овој центар во себе да ги обедини создавачката и изложувачката активност и да претставува еден вид носител на нов дух и иновативност во областа на уметноста и уметничките случувања.

Објектот е се состои од приземје и кат. Главниот влез се наоѓа на северната страна, додека двата споредни влеза се поставени на јужната страна на објектот. Од аспект на проектната програма, во склопот на овој арт центар се предвидени изложбен простор, просторија за перформанси, работилници за скулптури, фотографија и графички техники, просторија за музички проби, кафетерија, билетара и продавница за сувенири кои се наоѓаат на приземното ниво. На катот е предвиден административниот дел и ликовното атеље кои функционираат како две одделни целини. Во подрумот на објектот се предвидени депоа за складирање на слики и скулптури и две технички простории.

Од анализата на референтните примери произлегува и идејата за обликување на фасадата, комбинацијата на материјалите како што се бетон и стакло и поедноставување на формата со цел да се создаде едно ненаметливо во просторот, но сепак значајно и препознатливо архитектонско дело. Изложбениот простор во арт центарот е осмислен како простор во кој ќе се изложуваат уметнички дела како фотофрафии, цртежи, графики, а воедно и скулптури, со можност за одржување на изложби на отворен простор.Изложбениот простор е предвиден како целосно отворен простор низ кој посетителите ќе може слободно да се движат. Единствена бариера во просторот се само подвижните ѕидови каде ќе се изложуваат слики и фотографии меѓу кои има слободен простор за непрекинато циркуларно движење.

Ваквиот начин на организирање на слободен простор отвора многу можности за слободно артикулирање и аранжирање на поставката на изложбите. Употребата на подвижни прегради во музеи и уметнички галерии овозможува флексибилност на просторот и негова максимална употреба, во зависност од концептот и потребите на изложбата. Овие прегради може лесно да се прегрупираат на повеќе начини, а ако е потребно истите може да се отстранат. Арт центарот ги исполнува сите услови кои се потребни за еден објект од овој тип, истовремено оставајќи простор за понатамошно развивање на програмата и содржините во него и максимално искористување на неговите потенцијали, со што ќе придонесе за културниот развој на локално и регионално ниво.

Градот Битола е афирмиран центар на културата во Македонија и претставува град со посебна историја и креативна енергија.Токму од тие причини се јавува потреба од арт центар кој ќе ги дополни содржините кои недостигаат во веќе постоечките објекти, ќе придонесе за промоција на нови уметници и ќе привлече нова публика од сите возрасни групи. Овој центар ќе претставува збирно место за луѓето, ширејќи ја креативната енергија и поттикнувајќи го развојот на дизајнот во сите негови форми, сѐ со цел да се внесе разновидност и иновативност во културните случувања. Арт центарот би претставувал еден вид  “генератор” со неговите  заеднички места за средби, а сите настани кои ќе се одржуваат во него ќе бидат со цел за зачувување и проширување на културниот идентитет и поттикнување на развојот на креативните индустрии.