Термална бања / Милошевска, Исијанин

Автори: Милошевска Марија и Исијанин Бојана
Семестар: VIII семестар
Проектна задача : Термална бања
Локација : с. Банско, Струмица
Ментор: проф. д-р Михајло Зиноски
Педагошки тим : проф. д-р Михајло  Зиноски, асист. м-р Јана Брсакоска, асист. м-р Лилјана Димевска

Фотографии – дрон: Тео Ангеловски

Универзитет: „Св. Кирил и Методиј“, Архитектонски факултет – Скопје
Година : 2022/2023

 

Целта на овогодишното Архитектонско студио 8.2а беше да се испроектира објект за термална бања во селото Банско, Струмица, кое беше предмет на истражување и анализа. Во рамки на архитектонскиот концепт, потребно беше да се предвидат и медицински работни простории, рекреативна спортска сала и сместувачки капацитет.

 

 

 

Селото Банско се наоѓа во областа Подгорје, на 12km источно од градот Струмица, во подножјето на планината Беласица. Во селото се наоѓа римска терма, откриена во 1978 година при копање на темелите за хотелот Цар Самоил. Бањата ги користела термално-минералните води на изворот Парило, чија температура е 72°.

Главните елементи на контекстот се ридската топографија на селото со густата шума од липи, костени и папрати, бистрите планински потоци, како и остатоците на римската бања и објектот на турската бања. Избраната локација претставува крајна точка на една енфилада на споменици со историска и културна вредност.

 

 

Овој архитектонски концепт за термална бања претставува приземен објект кој е лесно прилагоден на природната структура на теренот, а ги вдомува функциите на термална бања со простории за физикални и други видови терапии, гастрономски дел и рекреативна спортска сала, додека сместувањето на посетителите е во мали објекти – бунгалови. Комуникацијата меѓу сместувачките капацитети и објектот на термалната бања се одвива преку кула со комуникации која физички ги врзува двата дела на комплексот.

 

 

Објектот претставува линеарно редење на намени и површини, со што основните содржини за објект од ваков тип (термална бања, ресторан и спортска сала) се потенцирани со издигнати волумени. Со употребата на системот на лаци и крстасти сводови во тремот околу, се создава директна врска преку формата со обликувањето на античките терми, а направена е трансформација во материјализацијата на елементите и тоа преку употреба на бетон и застаклувања. Комуникацијата по хоризонтала и вертикала е чиста и јасна, како помеѓу намените внатре во објектот, така и помеѓу бањата и надворешниот сместувачки дел, преку соодветно партерно решение. Дополнително, објектот на термалната бања визуелно се поврзува со историските и природните ентитети на местото. Нискиот волумен на објектот се интегрира со теренот и контекстот, со цел соединување со природната зададеност, дури и нејзина доминантност.

 

 

Структурата е сочинета од две матрици на скелетни конструктивни системи, кои се поклопуваат со што во објектот се добива лесна ориентација и комуникација меѓу намените. Конструктивните елементи дополнително и го дообликуваат просторот, со формирање на јадро и лушпа, одвоени со транспарентна обвивка. Поставеноста е во прилог и на базените, чии сегменти лесно се сепарирани според позициите на столбовите и нивните меѓусебни парапети, создавајќи едно визуелно единство.

 

 

 

 

Анализирањето на дела од разни медиуми кои ги имаат во своите теми светлината, текстурата и крајно, водата, како елементи и материи кои влијаат на објектите и просторите, доведе до развивање на идеи за тоа која е, но и може да биде нивната улога во разни типологии на објекти, врски помеѓу намените и слично. Анализата на таквите видувања допринесе за оформување на овој проект во обликовна и функционална смисла.