„Скопје вибрира” поп ап изложба на дизајн и визуелни уметности

„Лабораториум„ и „Лаб дизајн маркет” ја покануваат скопската публика на настанот .

Во изложбата ќе учествуваат млади и досега релативно непознати имиња во сферата на дизајнот, рачните изработки и визуелните ументости, за кои градот Скопје има битно значење и е тема и инспирација во нивната работа. Настанот ќе им даде можност за презенатција на новите таленти и ќе даде увид во тоа што значи градот Скопје за една генерација креативци која го почнуваат нивниот професионален пат во полето на креативните индустрии, современата уметност и перформативните уметности.

„Скопје вибрира” е повеќедневен настан во организација на културниот центар „Лабораториум” лоциран во индустриската хала на поранешната печатница на НИП „Нова Македонија” и покрај поп ап изложбата ќе понуди музичка, филмска, забавна програма и пријатна освежувачка атмосфера со мени од коктели и други пијалоци инспирирани од култни локации во Скопје.

Во топлите летни денови кога градот обично замира и се празни, организаторите решија да понудат содржина што ќе го збогати културниот и социјалниот живот и ќе покаже дека Скопје живее и во лето, вибрира и неизбежно нѐ потсетува на земјотресот од 1963 година и на тоа дека новите почетоци се секогаш можни.