Повик за работилница : „Скопска архитектура што инспирира поезија“

„Скопска архитектура што инспирира поезија“ е независен проект на поетесата и слемерка Елена Пренџова и архитектот Јане Стојаноски кој претставува збир на креативно-едукативни работилници за цртеж и креативно пишување преку кои младите ќе се запознаат со значајната скопска архитектура подлабоко од нејзината појавност и истата ќе им послужи како инспирација за пишување авторска поезија. Работилниците во рамките на проектот се наменети за млади од повисоките класови од сите средни училишта на територијата на Град Скопје –  и гимназиите и средните стручни училишта. Бројот на средношколките и средношколците кои ќе учестуваат во проектот е ограничен на максимум 10.

Овие креативно-едукативни работилници доаѓаат како дополнување на формалното образование кое, за жал, не посветува доволно внимание на уметностите, особено на архитектурата. Овој проект допринесува да се покрене свеста на младите за архитектурата и нејзината важност како сценографија на човековото битисување, односно како нем сведок на нашите животи. Таквата нејзина повеќезначност преку работилиницата за креативно пишување ќе биде преточена во поезија преку која ќе се препознае духот на градот Скопје.

Во нашиов контекст, тоа би значело следново: избор на еден карактеристичен објект на територијата на градот Скопје кој ќе претставува централна тема на работилниците. Нашиот конкретен избор е објектот на Старата железничка станица (Музеј на град Скопје) поради својата архитектонска вредност, силната поврзаност со колективната меморија на градот и историската важност – симбол на обновата на Скопје по земјотресот во 1963 година. Низ годините, таа била сведок на средби, испраќања и дочекувања, од една страна, а од друга страна, одраз на животниот циклус на архитектонските градби: уништување/разурнување, обнова, трансформација…

Во рамките на проектот „Скопска архитектура што инспирира поезија“ ќе се одвиваат следниве програмски активности:

  • Прв ден (21.3.2020) – Посета на објектот на Старата железничка станица (Музеј на град Скопје) и запознавање со историјата на објектот и неговите карактеристики. На младите ќе им бидат презентирани можните теми и мотиви за поезијата што ќе ја пишуваат понатаму. Нивната задача ќе биде да го замислат „животот“ на објектот и да се обидат да проникнат во идеите за тоа како објектот влијае на евентуалните сценарија кои се случуваат во него. По воведната презентација на темата, ќе следува дискусија со учесничките и учесниците преку која ќе може да се споделат индивидуалните читања и препознавања на анализираниот објект. Исто така, ќе се одвива и теренска работа, односно собирање материјал за понатамошна обработка, кој понатаму ќе биде презентиран на завршната изложба: фотографија, скици и/или видео запис. Посетата ќе ја водат Елена Пренџова и Јане Стојаноски. Дискусијата ќе ја води Стојаноски.

  • Втор ден (28.3.2020) – Креативна работилница за цртеж на тема: Како јас ја гледам архитектурата. На работилницата, учесничките и учесниците ќе изработат цртежи кои ќе бидат одраз на нивното индивидуално доживување на објектот на Старата железничка станица (Музеј на град Скопје), а покрај тоа ќе се обработат материјалите од претходната средба и ќе се подготват за изложување. На оваа работилница присутните ќе работат индивидуално, во парови и/или во групи. Тематската работилница за цртеж ќе ја менторира Јане Стојаноски.

  • Трет ден (4.4.2020) – Креативна работилница за креативно пишување и јавен настап. Оваа работилница е составена од три дела. Во првиот дел ќе се пишува поезија – хаику инспирирана од еден од цртежите/скиците направени на претходната работилница. Хаикуто во комбинација со цртеж, особено цртеж во акварел, туш или графитен молив, претставува хаига. Сите хаиги ќе се подготват во својата финална верзија за да бидат изложени на завршната изложба. Во овој дел присутните средношколки и средношколци ќе работат индивидуално. Во вториот дел од работилницата ќе се пишува авторска или коавторска поезија – песна во стил и форма по сопствен избор, инспирирана од темите и мотивите од претходните сесии и посетата на објектот. Во овој дел присутните ученички и ученици ќе работат индивидуално, во парови и/или во групи. Во третиот дел од оваа работилница ќе се работи на ставот и однесувањето на сцена, културата и вештината на јавен настап и рецитирањето и изведувањето поезија. Присутните млади ќе бидат едуцирани како да се изборат против тремата, каков став да заземат на сцена, како да се однесуваат со микрофонот, како да имаат однос со публика, како правилно да говорат, како правилно да рецитираат поезија, како да дишат правилно при говор, како да го координираат телото на сцена и сл. Работилницата за креативно пишување и јавен настап ќе ја менторира Елена Пренџова.

  • Четврти ден (11.4.2020) – Финален настан – поетско читање и изложба – ќе бидат изложени делата изработени за време на работилницата за цртеж и теренските забележувања и ќе бидат прочитани поетските дела напишани за време на работилницата за креативно пишување. На финалниот настан ќе учестуваат сите учеснички и учесници во работилниците. Финалниот настан, т.е. поетското читање и изложбата ќе бидат од јавен и отворен карактер – достапни за сите оние кои се заинтересирани. Влезот за настанот ќе биде бесплатен. Финалниот настан ќе го организираат менторката и менторот на работилниците во соработка со Установата од областа на културата Културно-социјалниот простор Центар – Јадро.

 

*Проектот е поддржан од Град Скопје и КСП Центар-Јадро

За повеќе информации и пријавување за учество, клик на линкот

https://arhipoezija.wixsite.com/skopje2020

Заинтересираните за учество можат да се пријават најдоцна до 16.3.2020 г. на следниов линк:

https://forms.gle/5dU5Sip52ajr6Xgu7

или на следнава електронска адреса: arhipoezija@gmail.com