Скопскиот аквадукт / VI век
27.04.2016 • VI-XV век
Период: Јустинијан I ( помеѓу 527 – 554 год.), најверојатно обнова-интервенции врз истиот во Отоманскиот период (XVI век)
Извор: ВикипедијА
Фото (насловна): Darkocv
На неколку километри од центарот на престолнината, се наоѓа маркантно културно наследство – скопскиот аквадаукт. Едно од бројните непроценливи наследства, пропаѓа на сметка на баналните проекти кои државата преку Министерството за култура и градот Скопје, ги троши за обезличување на центарот на градот. Оригиналниот објект од ден на ден, потонува во негрижата.
Овој објект не само што не е познат за туристите, истиот не е посетен ниту од граѓаните на Скопје, поради сопствената положба близу касарната Илинден, меѓутоа и поради немањето концепт како да се вклучи во мапата на градот. Апелираме, овој објект, да биде ставен во приоритетите на државата, за негова конзервација и реставрација.
Во служба на неговата промоција, ве запознаваме со историјата на објектот:
Датумот на неговата изградба до скоро не бил познат. Се сметало дека тој датира од времето на Римското царство или Византија,во времето на Јустинијан I, од 527 – 554 г., па поради тоа овој аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт. Според овие мислења тој бил поврзан со новото Скупи-Скопје. Се смета дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до “топџиската касарна”, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток.
Во однос на првата теорија и неговото датирање во VI век, во прилог одат неколку работи. Неговото позиционирање од Скопска Црна Гора води кон денешниот простор на касарната Илинден, или соседниот рид на возвишението каде се наоѓа скопската тврдина. Со оглед на големиот земјотрес од 518 година и страдањето на античкото Скупи, градот се преселува на просторот на скопското кале – тврдина. Аквадуктот води кон тој простор, кој е во спротивна насока од античкиот град.
Во 1669 г. патописецот д-р Браун запишал дека „аквадуктот е прекрасен стар објект, кој на ова место му носи голема почит“. Многу историчари го цитирале Прокопиј (познатиот хроничар на владеењето на Јустинијан). Според Прокопиј водоводот бил подигнат во периодот од 527 до 565 г.
Се верува и дека поради сличноста со техниката на градење на аквадуктот со Куршумли ан во Скопје, тој не потекнува од византискиот период, туку бил граден во текот на XV век, кога градот Скопје започнал интензивно да се зголемува заедно со новите исламски градби: амами и џамии, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода.
Оваа теорија и поврзувањето на сличноста на техниката на ѕидање, не секогаш треба слепо да се следи. Отоманската архитектура е под силно влијание на византиската, т.е домашната архитектура во тоа време. Интервенциите врз постоечки објекти и нивно „освежување“ или изменување не е страно на отоманците, што значи дека тоа не е цврст доказ за неговото потекло (сличната дилема постои и со Камениот мост)
За стариот скопски водовод – аквадукт во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година пишувал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров. Имено, тој запишал дека водоводот започнувал од самото подножје на Скопска Црна Гора на 2 ½ часа растојание од Скопје и над самото село Глуво каде што во земјата имало ископана една немногу широка дупка. Стените на дупката биле направени со ѕид, а од горе стоела железна решетка за да не влегуваат нечистотии во неа. Таа скромна дупка била почетокот на прочуениот скопски водовод. На самиот брег на Бањанка и на неколку чекори од почетокот на водоводот има чешма со бујна, студена вода убава за пиење.
Некој си паша (веројатно прочуениот Хамзи-паша) посакал да ја внесе и таа вода во водоводот, но околните селани, особено бањанци и чучерци, се дигинале против пашата и не допуштиле да се случи тоа, зашто таа чешма им служи за напојување на добитокот. Понатаму, Ѓорче Петров го дава следниот опис на протегањето, изгледот и градбата на водоводот-аквадукт. Надолу под селото Бразда водоводот среќава еден рид, кој ја пресекува реката Бањанка.
По долината на реката водоводот ја пресекува височината и врви надолу дури да стигне наспротиСкопје. Долината на Крива Река (долното течение на Бањанка) е значително пониска од калето, зашто нејзиниот лев брег над градот се издигнува во вид на рид. За да може да се искачи врвот на тоа возвишение откај с.Оризари браздата минува по еден мост потпрен на диреци. Тоа се споменуваните сводови (арки) на водоводот од патеписците.
Тој мост (аквадукт) има 62 столбови од кои секој е висок 6 метри, долг 5 метри, а широк 4 метри. Историското значење не му било познато, но во тоа време водоводот – аквадукт бил без секакво значење поради што бил занемарен.
Аквадуктот за последен пат бил обновен по Скопскиот земјотрес во 1963 г., кога биле поправени три лака и два столба кои паднале од јачината на земјтресот.
Автор на статија: Filip Koneski