Спортска сала „Гемиџии“, Велес / меморија, функција или заборав?
02.02.2026 • Став ХХ век / II половина
Период: Пост-брутализам
Година на проектирање: 1977
Година на изведба: 1982
Тема: Јавна архитектура за време на СФРЈ
Објект: Сала „25-ти Мај“
Фотографии: Кристијан Арсовски
Архитект: Андреја Нешов
Локација: Парк, Велес
Површина: 5339м2
Спортската сала „Гемиџии“, позната и како Сала „25-ти Мај“, не е само спортски објект во Велес, таа е материјализирана меморија на едно време во кое архитектурата се градела како колективен чин, како јавен идеал и како инвестиција за иднината. Дело на велешкиот архитект Андреја Нешов, оваа сала се градела во периодот 1977–1982 со средства од самопридонес на граѓаните и тогаш моќното велешко стопанство – факт кој ѝ дава дополнителна морална и културна тежина.
Фотогалерија од изведбата, извор: tirekovmirece.com
Објектот располага со капацитет од околу 3.800 седишта, 2.900 на трибините и уште 900 со можност за спуштање на теренот зад головите, и од самиот почеток бил замислен како повеќефункционален простор за кошарка, ракомет, футбал и одбојка. Официјално е пуштена во употреба на 19.06.1982 со дводневен одбојкарски турнир на кој учествувале екипите на ОК Вардар, ОК Работнички, ОК Југохром и домаќинот ОК Борец кој тогаш заедно со скопските клубови бил член на Првата југословенска одбојкарска лига. Овој момент не е само спортски туку и сведоштво за амбицијата на еден град да се впише во поширок културен и спортски контекст.
Ситуација
Особено значаен, а често занемарен аспект е урбаната позиција на салата. Таа не е поставена случајно, туку на стратешки одлучена локација која сведочи за внимателно промислен однос меѓу градот, инфраструктурата и јавниот простор. Од едната страна, објектот е одделен од градскиот метеж со сообраќајница и железничка пруга, со обезбеден пешачки пристап под пругата, гест на просторна демократија што ѝ овозможува на салата да остане достапна, а притоа заштитена од урбаната бучава. Од другата страна, таа е во директна релација со градскиот парк, замислена да функционира во кохезија со зелената структура и да ги надополнува потребните спортски содржини за градот. Дополнително, нејзината позиција овозможува и лесен пристап до пешачкиот кеј на реката Вардар, со што објектот се вградува во поширок систем на јавни, рекреативни и социјални простори. Оваа просторна логика не е случајна, таа е дел од една поинаква урбана етика, во која архитектурата не е изолирана скулптура, туку активен учесник во градскиот живот.
Денес салата има способност за околу 3.000–3.500 гледачи и е во сопственост на Општина Велес, а со неа управува ЈП Парк – спорт Велес. Таа е дом на КК Борец Баскет, РК Борец и КМФ Велес и сеуште претставува важна точка на урбаниот и социјалниот живот. Но, зад оваа функционална присутност се крие една подлабока, посложена реалност.
Објектот носи со себе и сериозни функционални недостатоци: димензиите на теренот за ракомет се под стандардите, во салата не може да се внесе техника и опрема со возило, туку исклучиво рачно, а системот за греење, во последен момент префрлен од мазут на ќумур практично никогаш не бил ставен во вистинска функција. Така, салата никогаш не ја доживеала основната човечка удобност што ѝ припаѓа на еден јавен објект од ваков ранг.
Салата представува предмет на личен интерес и профит и тоа е во ред се додека се надградува незината функција и изглед. Но, посериозен проблем е односот кон нејзиниот надворешен визуелен идентитет. Природните влијанија со текот на децениите оставиле траги врз конструкцијата и бетонот што е очекуван и технички решлив проблем.
Она што е поалармантно е штетата направена од несоодветни интервенции, особено поправки и додавките во форма на натстрешници во вид на импровизирани метални конструкции кои не само што го нарушуваат личниот идентитет на објектот, туку и го деградираат неговиот визуелен израз бришејќи го авторскиот потпис на архитектот и духот на времето во кое е создаден.
Спортската сала во Велес, е репрезентативен пример на доцен југословенски модернизам, со доминантни бруталистички и постбруталистички карактеристики, манифестирани преку масивни волумени, јасно изложени елементи на армиран бетон, нагласена конструктивна артикулација, јасна структурна логика, минимална декоративност и скулптурална обработка на формата.
Тука одговорноста не може и не смее да биде сведена само на Општина Велес. Сите засегнати страни особено оние кои имаат можност за изнајмување на простор околу салата – имаат морална и професионална обврска да се консултираат со стручно лице – архитект / консултант пред каква било интервенција. Не за да се замрзне објектот во минатото, туку за да се унапреди неговиот квалитет без да се жртвува неговиот идентитет.
Општина Велес потпиша тендер за реконструкција на салата, но времето допрва ќе покаже во кое својство и на кој начин таа ќе биде обновена: дали само површно или суштинско како културно одговорна трансформација. Архитектурата не е само обвивка за функции, таа е носител на вредности на историја и на колективна меморија.
Затоа, салата „Гемиџии“ не бара само финансиски вложувања, туку свест. Треба да го чуваме и негуваме културното наследство за да имаме бенефит од него. Не може да правиме што сакаме, кога сакаме и како сакаме. Постојат закони и правилници што јасно дефинираат што е дозволено а што не, но над сè постои и одговорноста кон градот, кон архитектурата и кон генерациите што доаѓаат.
Ова не е само приказна за една спортска сала!
Каков однос имаме кон сопственото минато и каква иднина сакаме да изградиме?
Соработник: Кристијан Арсовски
Автор на статија: Sorabotnik
1977–1982 / Андреја Нешов / Велес / визуелен идентитет / ЈП Парк – спорт Велес / Кристијан Арсовски / Сала 25ти Мај / Спортска сала Гемиџии







































