Стан за изнајмување во Скопје / Аннго

Година на проект:  2024

Автор: Ангела Стефановска

Дизајн студио: Аннго

Инвеститор: Приватен

Локација: Скопје

Површина: 45 м2

 

Сместен во централна градска зона, овој стан со вкупна површина од 45 м² и двовисински простор е дизајниран и предвиден за изнајмување – со главен фокус на атмосфера, детали и карактер. На долниот спрат се распоредени дневната зона, кујната, тоалетот и ходникот, додека спалната соба е поставена на галеријата – одвоена, но отворена кон целиот простор.

 

 

Просторниот концепт е воден од желбата да се искористи секој метар, но без пренатрупаност. Отворениот распоред дозволува светлината и движењето слободно да циркулираат, додека двовисинскиот волумен додава чувство на слободен простор и длабочина. Наместо класична поделба на просториите, одлучивме да работиме со визуелни и материјални граници – галеријата ја издвојува спалната, но ја задржува комуникацијата со целиот простор.

 

 

Завесата поставена на горното ниво создава флексибилна визуелна бариера, која овозможува момент на интимност без потреба од фиксни прегради. Со тоа се создава баланс помеѓу приватност и отвореност, а секој агол има своја логика и функција, без да се изгуби целината.

 

 

Во Студио Аннго, нашата цел е да создадеме автентични простори кои зборуваат сами за себе – преку смела игра со бои, текстури и уникатни парчиња мебел кои се акцент, а не само декорација. Виолетовото спирално скалило е токму тоа – еден од главните функционални елементи со скулптурална улога што внесува ритам и визуелен потпис.

 

 

Палетата е смирена, но со внимателно одбрани тонови што додаваат мекост и живост – нешто што го сметаме за наш препознатлив белег. Изборот на дизајнерски мебел дополнително внесува софистицираност и ја заокружува целината со суптилен, но впечатлив став.

 

 

Осветлувањето, пак, е комбинација од декоративни и архитектонски тела што го надополнуваат просторот и му даваат динамика низ различни моменти од денот. Како суптилен материјален контраст, сирово обработениот бетонски плафон внесува архитектонска текстура – доволно присутна за да балансира.

 

 

Просторот е мал, но не и ограничен. Флексибилен е, лесен за адаптација и создава чувство на дом – дури и кога е предвиден и проектиран како привремено живеалиште.