Стариот казнен завод / Скопско Кале

Скопската тврдина или Кале има долга и важна историја како главниот административно-управниот центар на градот. Само во последните 100 години калето ја губи својата улога на центар во градот и постанува еден историски – рекреативен дел на Скопје.

Последниот развој во овој дел од градот се случува по 1888 година кога седиштето на Косовскиот вилает се префрла од Приштина во Скопје и станува познат како Скопски вилает. Со оваа важна титула, во градот се подигаат забрзано голем број на административно управни објекти. Секако најважниот од нив управната зграда или Вилаетскиот конак, познат и како Уќумат ( денес исто познат и како Рубен Кармин),  новата поштенска зграда, новите Касарни на градот и објектот кој е дел на оваа објава, новиот затвор или казнен завод.

Секако од денешна перспектива калето е место за рекреација и култура, но токму од ова место била сместена управата и војската на Скопскиот вилает и секако тука е и местото за казнените установи.

Затворот се наоѓал непосредно до Мустафа-пашината џамија. Денеска од објектот се останати само ѕидните огради на покрај улица Самуилова кои сведочат за неговото постоење. Според фотографските документи подигнат е по изградбата на поштата и управната зграда. Со тие информации може да претпоставиме дека е подигнат во почетокот на 20ти век.

Локација на казнениот завод @Марх

Според планот на Коста Балабанов во кој објектот е снимен пред 1963 година, бил со димензии 20 метри на 35 метри. Оформувањето на објектот е од атрумски тип, каде ќелиите на затворениците се внатрешно ориентирани. Стилот и архитектурата бил во духот на веќе изградената управна зграда, масовна ѕидарија и висина само со еден кат.


Затворот продолжува да служи како казнен завод се до земјотресот во 1963 година, каде ја дели истата судбина со речиси сите објекти на Скопската тврдина. Денеска на местото на затворот се наоѓаат индивидуални куќи. Панорамските фотографии од пред земјотресот, ја врамуваат важната локација која ја имал објектот, кој со својата скромна висина надвиснува над градот.